1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва и Западот ги приближуваат позициите поради ИД

Роман Гончаренко / Елизабета М. Фиданоска27 септември 2014

Иако Русија не е дел од коалицијата против Исламска држава која ја предводат САД, Москва и Вашингтон најверојатно ги приближуваат позициите.

Фотографија: Reuters/Brendan McDermid

На прв поглед се‘ е како порано. Руската државна телевизија не пропушта прилика да го критикува Западот. Така, една од водителките на вечерните вести во четвртокот (25.09) со задоволство цитираше од говорот на иранскиот претседател Хасан Рохани пред Генералното собрание на ОН во Њујорк, според кого зајакнувањето на Исламска држава (ИД) во Ирак и во Сирија е резултат на „стратешката грешка на Западот“.

Останаа и вербалните боцкања. „За мене беше смешно што американскиот претседател повеќе пати рече дека светот станал послободен и побезбеден“, му се потсмеваше ден претходно рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на настапот на Барак Обама пред Генералното собрание на ОН. Првиот руски дипломат рече дека дури се запрашал дали тоа Обама го мисли навистина сериозно. Лавров беше револтиран поради тоа што Обама ја спомена Русија на второ место на опасностите за светскиот мир поради нејзините постапки во Украина кои се спротивни на меѓународното право, и тоа директно зад епидемијата на ебола, а дури едно место пред исламскиот терор.

Руски борбени авиони за Ирак

Случајот Украина и натаму ги оптоварува односите меѓу Русија и Западот. Но, се чини дека борбата против терористичката армија на ИД на Блискиот Исток ги приближи Москва и западниот свет на најкратка дистанца во последните месеци. Русија во средата, заедно со другите држави на Советот за безбеднст на ОН, гласаше за резолуцијата против исламистичките терористички милиции предложена од страна на САД. Со резолуцијата сите држави се обврзуваат да стопираат секаква помош за екстремистите.

И околу коалицијата против ИД, иницирана и предводена од САД, Москва е воздржана до неутрална. Кремљ не сака да биде дел од коалицијата. „Анти-ИД-коалицијата не е клупска забава, не очекуваме покана и нема да купиме влезница“, изјави претставник на руското Министерство за надворешни работи за агенцијата Интерфакс. Тој сепак нагласи дека Русија веќе им дава поддршка на државите кои се борат против ИД.

Притоа, во прва линија станува збор за воена помош за Ирак. Русија во текот на летото, според медиумски извештаи, на владата во Багдад, и‘ доставила дузина борбени авиони од типот „Сухој“ Су-25 и непознат број воени хеликоптери Ми-28. Москва и Багдад во јули потпишаа договор тежок милијарди долари за лиферување ракетни фрлачи од типот „Град“, хаубици и друга воена опрема. „Ние одамна помагаме во Ирак, Сирија и другите држави во регионот во борбата против ова зло, без притоа да има каква било коалиција“, рече Лавров мислејќи на ИД.

Загриженост на Москва поради Сирија

Додека во случајот на Ирак Русија и Западот се де факто на иста линија, Сирија се‘ уште предизвикува тензии. Москва критички гледа на најновите воздушните напади на САД и нивните сојузници против позициите на ИД во Сирија. Русија бара тие да се случуваат само со дозвола на владата во Дамаск. САД тоа го отфрлаат, затоа што Вашингтон не ја признава легитимноста на режимот на Асад поради неговите постапки против опозицијата во земјата.

Лавров: Кога повикавме да се даде поддршка на сириската влада во нејзината борба против терористите, никој не не‘ слушашеФотографија: Reuters

Сирија е близок сојузник на Русија уште од советско време. Од избивањето на граѓанската војна во 2011 година, Русија има заштитничка рака во однос на владата на Асад и повеќе пати спречуваше остри резолуции во Советот за безбедност на ОН. Пред околу една година Москва ја убеди Сирија да го уништи хемиското оружје. На тој начин, Русија спречи американски воздушни напади против сириските трупи. Сега Москва стравува дека САД можеби нема да ги бомбардираат само позициите на ИД, туку и регуларната армија на Асад.

Москва го обвинува Вашингтон за „двојни стандарди“ во Сирија и смета дека има потврда за досегашната политика на Русија кон Дамаск. „Кога повикавме да се даде поддршка на сириската влада во нејзината борба против терористите, никој не не‘ слушаше“, изјави Лавров.

ИД и‘ се заканува на Путинова Русија

Руската индиректна поддршка за борбата против Исламска држава е всушнст и самозаштита. Милициите на ИД пред неколку недели му се заканија на рускиот претседател Путин. На видеоснимка на интернет тие соопштија дека ќе биде „ослободен“ рускиот северен Кавказ. Безбедносните експерти проценуваат дека во Сирија има борци од Русија, а и во самата Русија има активисти на ИД. Точни бројки нема. На почетокот на септември во Москва беше уапсен осомничен член на ИД, а на руските социјални мрежи постојано се блокираат страници на приврзаници на ИД.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми