Москва остро реагира на изјавите на Саливан во Македонија
СН/ агенции
22 декември 2018
Со недокажана антируска реторика, Вашингтон се обидува да го оправда своето бесрамно мешање во внатрешните работи на Македонија и да го легитимира погрешниот Преспански договор, критикува руското МНР.
Реклама
Министерството за надворешни работи на Русија вчера вечер по повод изјавата на првиот заменик државен секретар на САД, Џон Саливан, за мешање на Москва во внатрешните прашања на Македонија, возврати со тврдење за мешање на Вашингтон во одлучувањето на Скопје. Саливан на 18 декември во Скопје на конференцијата за новинари рече дека САД „силно го поддржуваат“ договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција за решавање на меѓусебниот спор, со што на Македонија ѝ е „отворен патот да заземе заслужено место во ЕУ и во НАТО, на што Русија отворено се спротиставува“.
Саливан рече и оти „не е тајна“ дека Русија „ќе стори сѐ што може да го поткопа овој процес поради свој интерес“, додека САД „ќе го поддржи разоткривањето на сите активности кои Русија ги презема со цел да ги поткопа легитимните и демократските одлуки на другите држави“.
Министерството за надворешни работи на Русија во вчерашниот одговор, три дена по изјавата на Саливан, укажа дека неговите оценки „не можат да се игнорираат“ поради „новата серија обвинувања за некакво мешање на Москва во внатрешните работи на Република Македонија“.
Руското министерство посебно подвлекува оти Саливан рекол дека „Русија се противи на пристапувањето на македонската држава во НАТО и се обидува да го спречи спроведувањето на Преспанскиот договор 'спротивно на јасната волја на македонските граѓани'“.
Затоа руското министерство „сака овој американски претставник да се врати во реалноста“ и наведува оти, „прво, 'јасната волја на македонските граѓани' се покажала како неуспех на референдумот на 30 септември годинава, чиј резултат беше дека поголемиот дел од населението го отфрлил наметнувањето на САД и нивите сојузници Скопје да влезе во евроатланските структури, во замена за менување на името на државата и напуштање на нејзините национални интереси“.
Второ, порачува Министерството за надворешни работи на Русија „по повод тврдењето за вмешаноста на Русија: добро е познато дека американскиот амбасадор бил во зградата на Собранието на Република Македонија за време на гнасното гласање на 19 октомври годинава, кога неопходниот резлултат е обезбеден со валкани манипулации, подмитување и уценување на пратеници што е се' достапно на широката јавност“.
Покрај тоа, пишува во соопштението од Москва, „не руски, туку посетители од Соединетите држави, ЕУ и земјите од НАТО речиси секојдневно се менуваат на политичката сцена во Скопје само за да го истуркаат пакетот амандмани за измена на Уставот“ на Македонија поради спроведување на договорот со Грција.
„Сето тоа е вообичаено“, пишува во руското соопштение, бидејќи „со недокажана антируска реторика, Вашингтон се обидува да го оправда своето бесрамно мешање во внатрешните работи на Република Македонија, да го легитимира погрешниот Преспански договор (на Македонија со Грција) и уште една земја од балканскиот регион да ја вовлече во НАТО против волјата на нејзините граѓани, како што тоа го стори со Црна Гора во 2017 година“, пишува на крајот на соопштението од Министерството за надворешни работи на Русија.
Пост-референдумски вокс-поп: зошто (не) гласав за промена на името
Нашата фоторепортерка Каролин Вајнкопф мина неколку недели во Македонија, пред и по референдумот. Со својот објектив, но и низ разговор со граѓаните се обиде да ја сондира атмосферата во државата. Еве што забележа
Фотографија: DW/B. Georgievski
Мојот идентитет не зависи од името на државата
Оли има 40 години и е сопственик на кафе бар во Скопје, организира техно забави и е јога инструктор. Оли гласал „За“ и смета дека тоа било негова граѓанска должност. Тоа што многу негови сограѓани го бојкотираа гласањето или едноставно не им било грижа, го прави тажен, но го очекувал. Оли вели дека не му е грижа за името на државата. Неговиот идентитет не зависи од тоа.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се откажувам од мојот идентитет и достоинство
Филип има 29 години и работи како ИТ инженер во Скопје. Свесно го бојкотирал референдумот. Филип сака неговата земја да биде во ЕУ и НАТО, но одлучил да не гласа како протест против владата.„Името е дел од мојот идентитет и моето достоинство. Не сакам да се откажам од тоа“, вели Филип. На прашањето: зошто тогаш не гласал против, Филип вели дека немало кампања за „против“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Против“ како протест против Владата
Тони има 37 години, роден е во Скопје и работи како консултант. Тој е меѓу ретките кои гласале „против“. Тони смета дека бојкотот е глупав и неодговорен. Тој чувствувал обврска да гласа, а со неговиот глас „против“ сакал да и порача на владата дека е разочаран од неа. Како на етнички Албанец не му пречи промената на името, но се чувствува како Македонец и силно се идентификува со својата земја.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се осмелија ни да споменат „Северна Македонија“
Златко има 37 години и по професија е епидемиолог. Тој го бојкотирал референдумот. Зошто? „Затоа што тоа е спротивно на сѐ во што верувам. Гласањето ќе му дадеше значење на прашањето, кое воопшто не е ни за дискусија“. Според него, владата се обидела да ги измами граѓаните. „Немаа храброст ни да напишат Република Северна Македонија на ливчето. Затоа што не се осмелија да го кажат тоа гласно“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Подобра иднина за децата
Со Хиснија (60), неговата сопруга Фериде (55) и нивната ќерка Зумра (31) разговаравме на полињата со тутун во прилепско. Тие гласале „За“ затоа што се надеваат на подобра иднина во ЕУ. Сакале на децата да им обезбедат подобра иднина. А влезот во ЕУ и НАТО според нив значи подобра иднина. Тажни се дека референдумот не успеал. Имале големи надежи во него и сега не знаат што да очекуваат.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Какво достоинство ни остана?
Дарјан има 36 години и работи во дигитален маркетинг во Скопје. Гласал „За“ но чувствува внатрешен судир во врска со одлуката. Смета дека многумина бојкотирале, но потајно се надеваат дека парламентот ќе го изгласа договорот. Тоа е начин на протест. „Никој не сака да го смени името... се работи за достоинството! Но Македонија е толку падната ниско во моментов... какво достоинство ни остана?“
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Чудна кампања“
Рипа има 27 години, а во Македонија се доселила од Ерменија пред 5 години. Работи како шеф на маркетинг во познат ланец хотели. Во меѓувреме добила и државјанство, а на референдумот гласала „За“. Таа мисли дека кампањата била „чудна“- прашањето било поставено како Македонија утре да ќе влезе во ЕУ, а самата промена на името не била правилно наведена.