1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мочуриштето во кое газат германските автопроизводители

Нико Еш (дпа)
13 јуни 2018

Во скандалот со издувни гасови на дизел-возилата на виделина излегуваат постојано нови детали. Во мочуриштето на скандалот газат сѐ повеќе германски автопроизводители.

Deutschland Deutsche Autobauer unter Kartellverdach NEU
Фотографија: picture-alliance/SvenSimon/F. Hoermann

Сѐ почна со Фолксваген, а потоа домино-коцките паѓаа една по друга. Во меѓувреме многу германски автопроизводители се вмешани во скандалот со издувни гасови. Отворени се истраги и има безброј тужби. Акционерите на Фолксваген го обвинуваат концернот дека предоцна ги информирал за скандалот кој почна во САД. Освен тоа, сопствениците на автомобили - не само оние кои имаат Фолксваген возила - бараат обесштетување затоа што се чувствуваат измамени. А, Сојузната агенција за сообраќај (КБА) издаде наредби за повлекување на илјадници возила. Еве како стојат работите во моментов:

Фолксваген

Иако со оглед на вестите за другите автопроизводители понекогаш речиси паѓа во заборав, аферата со издувни гасови за Фолксваген останува голема борба во правна смисла. А таа има свои корени во Волфсбург. Фолксваген во септември 2015 година призна дека се вршени манипулации на тестовите за издувни гасови на милиони дизел-возила и падна во огромна криза. Концернот мораше да повлече околу 1,5 милиони возила со знакот на Фолксваген во Германија поради манипулации на софтверот. Заедно со останатите марки кои се под капата на концернот првично се работеше за 2,5 милиони возила во Германија и околу 11 милиони во светот. Обвинителството во Брауншвајг води истрага против 50-на осомничени лица. Досега нема подигнати обвиненија. Против поранешниот шеф на Управниот одбор Мартин Винтеркорн - како и против новиот шеф на Фолксваген, Херберт Дис и шефот на Надзорниот одбор Ханс Дитер Печ - има истрага поради можна манипулација на пазарот. Тие предоцна ги информирале акционерите за последиците од дизел-скандалот кои се закануваат. Против Винтеркорн, дополнително, се води истрага и за измама. Освен тоа, и американското правосудство сака да го повика на одговорност поради измама во аферата со издувни гасови и веќе има налог за негово апсење. Обвинителите го товарат и за заговор за прекршување на еколошките закони и за мамење на властите.

Ауди

Фирмата ќерка Ауди вчера (11.06.2018) го доживеа најновиот врв на дизел-скандалот на концернот Фолксваген. Минхенското обвинителство поведе постапка против шефот Руперт Штадлер и изврши претрес на неговиот стан. Тој, заедно со уште еден неименуван член на Управниот одбор на Ауди, е обвинет за „измама“. Двајцата пуштиле во сообраќај во Европа дизел-возила со манипулиран софтвер за издувни гасови. Бројот на обвинети во Ауди со тоа се зголеми на 20. Единствениот од нив кој е во истражен затвор е поранешниот шеф на Ауди-развој на мотори и на Порше-развој. Тој беше уапсен во септември 2017 година. Еден од неговите поранешни соработници во Ауди во Некарсулм по повеќе месеци минати во истражен затвор, беше повторно ослободен. КБА досега има издадено наредби за повлекување на 216.000 дизел-возила од различни модели. Последното повлекување беше на 60.000 примероци од високата класа А6 и А7.

Порше

Од пред околу една година обинителството во Штутугарт води истрага и во фирмата ќерка на Фолксваген - Порше. Станува збор за сомневања за измама и казниво рекламирање поврзано со наводна манипулација на издувните гасови. Ако истрагата првично се водеше против непознато лице, со текот на времето осомничени беа актуелен член на Управниот одбор, раководител во фирмата и поранешен вработен во Порше. Пред околу два месеца иследниците извршија претрес во централата на концернот во штутгартската населба Цуфенхаузен, како и други места и го уапсија и ставија во истражен затвор раководителот поради можно бегство. Летото 2017-та Порше, на барање на КБА, прво повлече 21.500 џипови од типот Кајен со 3-литарски мотор, а пред еден месец следуваше и принудно повлекување на Кајените со 4,2-литарски мотор, како и речиси 52.800 помали џипови од типот Макан.

Дајмлер

Шефот Дитер Цече во понеделникот мораше да голтне горчлива таблета кај германскиот министер за сообраќај, Андреас Шојер. Дајмлер во Европа мора да повлече 774.000 Мерцедес-Бенц возила со дизел мотор. Судските органи и државните институции одамна го имаат концернот во визир. Но, дури пред две недели КБА првпат официјално покрена обвинение дека и Дајмлер применувал недозволен софтвер. Прво се зборуваше за само 5000 примероци на малиот транспортер Вито, но потоа Шојер „згазна“ посилно. Производителот најави приговор и сака на суд да се расчисти прашањето дали програмирањата откриени од КБА се недозволени функции. Обвинителството во Штутгарт подолго од една година води истрага поради сомневања  за измама и казниво рекламирање против вработени во Дајмлер. Во мај 2017 година беше извршен претрес на различни канцеларии на автопроизводителот и беа запленети документи.

БМВ

БМВ од март годинава е осомничен дека вградил погрешен софтвер за издувни гасови во околу 11.000 дизел-возила. Шефот Харалд Кригер на акционерското собрание објасни дека во 11.700 возила од типот 5 и 7 по грешка бил вграден систем наменет за други типови. Тој тврди дека тоа нема врска со целно манипулирање и дека вредностите на издувните гасови биле еднакви и при тестовите и на улица. БМВ има намера да вгради вистински софтвер откако за тоа ќе стигне дозвола од КБА.

Опел

Опел досега нема врска со истрагите и со обврските за повлекување возила. Обвинителството во Франкфурт ги запре предистрагите пред повеќе од една година. Опел, исто како и останатите автопроизводители, отфрла можност за доопремување на хардверот со образложение дека тоа не е практично. Доброволното актуелизирање на сотфверот на околу 90.000 дизел-возила од типот Инсигниа, Каскада и Зафира се одложи до 2017-та. Производителот нема соопштено точни бројки. Новите автомобили од август 2016 година се опремени со нов софтвер.

Состојбата во САД

Германската автоиндустрија во САД одамна е во мочуриштето на скандалот со издувни гасови. Сѐ почна со признанието на концернот Фолксваген во 2015 година. Во меѓувреме, голем број тужби во северна Америка се затворени со скапи спогодби. Фолксваген досега за правни трошоци има дадено 25 милијарди евра. И натаму неизвесно е за доставувачот Бош, кому американските адвокати му припишуваат клучна улога во „дизелгејт“-скандалот, како и Дајмлер и БМВ, против кои исто така се подигнати збирни тужби поради наводни манипулации со издувни гасови. Меѓутоа, со вакви обвиненија не се соочени само германски претпријатија, туку и американски концерни, како Џенерал Моторс, Форд и Фиат Крајслер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми