1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мојата Европа: На пат кон ЕУтопија

Станислав Штрасбургер
29 октомври 2016

Станислав Штрасбургер сонува за Европа на силни региони, но без граници.

Autor Stanislaw Strasburger
Фотографија: Simone Falk

Франкфуртскиот аеродром, почеток на 80-те години. Доаѓаме од Варшава: мојата мајка, мојата четиригодишна сестра и јас. Во квечерината низ прозорецот ја гледам зградата на терминалот. Мојот татко пред неколку месеци стигна во Билефелд како стипендијант. Наскоро конечно повторно ќе бидеме сите заедно! „Мамо?“, прашувам со вознемирен глас, немам ни полни осум години. „Ќе пукаат ли Германците во нас?“ Без оглед на фактот што нѐ чека татко ми, ме фати страв.

Од каде доаѓа тој? Неговиот корен е во она што денес го нарекуваме „говор на омраза“ , а во мојот случај беше телевизиската програма за деца и инструментализираниот образовен систем, што јас како дете го впив во Народна Република Полска. Вистината го потисна деструктивното влијание на политичкиот систем - крајно, никој не го застрела татко ми!

До ден-денес ме следи депримирачката свест колкави енормни последици може да предизвика отровниот говор на медиумите и моќните елити.

Радоста на обединувањето

Јас припаѓам на генерацијата Европејци дојдени на свет и израснати зад Железната завеса (по две години, се вративме од Билефелд назад во Варшава). Но, ја имав среќата да зачекорам во светот на возрасните во моментот на падот на Железната завеса и бранот ентузијазам кој се разлеа над обединетиот континент.

Каква беше тогашната Европа? Прво, тоа беше Европа без граници. Во 1989. година луѓето уште умираа при обидот од Исток да преминат во Запад. Но, кратко потоа, кога јас почнав да студирам, со автостоп патував низ цела Европа: од Слубице, на полско-германската граница, до андалузиската Малага на Средоземното Море. Ентузијазмот на слободата и чувството да се биде граѓанин на Европа е едно од моите клучни доживувања. Штета што изразот „граѓанин на Европа“ денес звучи како излитена фраза и веќе не е еквивалент на магичниот „американски сон“. 

Од другастрана, Европа без граници за мене не беше Европа на националните држави, туку Европа на региони. Од моите студентски патувања се сеќавам на чувството дека можам да престојувам во било кој град од континентот, да студирам или дури и да живеам таму. Мојата татковина конечно стана дел од еден свет полн со извонредни можности.

Дали не беше токму тоа и целта? Ако е некој роден во облачната област Јитланд, но сака сонце, без пречки да може да се пресели на Сицилија. Европските владејачки елити сакаа да се погрижат ваквата преселба да биде исто толку лесно изводлива како онаа од Франконија во регионот на Минстер!

Станислав Штрасбургер на Саемот на книгата во Бејрут во 2013. годинаФотографија: Dar Al-Adab

Во правец на ЕУтопија

За време на едно литературно читање на Меѓународниот литературен фестивал во Берлин зборував за ЕУтопијата. Поимот потекнува од грчки и значи „добро место“. ЕУтопијата е замислена како реален проект, спротивно на утопијата, односно „место кое не постои“. Одеднаш стана една елегантна, постара дама од публиката и рече: Ве молам, како тоа би функционирало? Политичарите не дозволуваат да бидат водени од нашите соништа!

Но, зошто да не? Дали ние не ги избираме токму со таква цел?

ЕУтопијата е место каде владеат еднакви можности, со што е опфатен целиот континент. Таа е место каде локалната меморија и силната регионална поврзаност кон јазикот, обичаите, дури и кон храната и климата, се надополнува со една добро управувана Европа. Така настанува еден глобален актер на политичко, економско и воено поле. 

Да ѝ погледнеме на вистината в очи: дали националните држави денес ја исполнуваат функцијата за која што се создадени? Гарантираат ли благосостојба на своите граѓани? Обезбедуваат ли социјална сигурност? И уште поконкретно, колку се ефикасни даночните системи (посебно кога станува збор најбогатите да не затајуваат данок)? А што е со банкарската криза?

Сѐ почесто се има впечаток дека владите на националните држави не успеваат да направат многу повеќе отколку да остават најслабите да платат за грешките на оние кои се премногу силни за да бидат повикани на одговорност. А да не зборуваме за тоа дека не ги остваруваат воопшто нашите соништа. Значи, крајно време е да се стават во нафталин!

Како натаму?

Моите детски искуства од Билефелд имаат едно продолжение. Кога со моите скудни знаења на германскиот јазик сакав нешто да кажам, мојата учителка постојано ми дозволуваше да си помогнам со неколку реченици на полски. Потоа едно од децата со полско потекло ги преведуваше гласно пред одделението.

На ваков начи, мудрата учителка не само што ми помогна во надминувањето на стравот, туку останатите деца ги поучи дека дополнителните јазични познавања се нешто вредно и не се повод за срамење или подбив. Моите стравови беа брзо заборавени. Штета што на преминот кон 21 век на политичките елити во нашите држави им недостигаат компетенциите на мојата учителка од Билефелд.

Повеќејазичноста како културна компетенција и обвновата на политичкиот јазик се основните столбови на ЕУтопија. Денес, имено, јазикот на јавните дебати сѐ почесто го предестинираат националистичките популисти. Еднаквоста пред законот, претставничката демократија, слободата, партиципацијата и правото на слободно движење (на целиот континент!) се темелите на најдобриот досега измислен политички систем. Да не дозволиме популистите да го уништат, туку да се упатиме кон ЕУтопија.

Станислав Штрасбургер е роден во Варшава. Тој е писател и културен менаџер, тежишта во неговата работа се темите колективна меморија, миграција и мултикултурност. Живее во Берлин, Варшава и Бејрут.

 

Германскиот текст е во превод на Симоне Фалк во соработка со авторот.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми