1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мојата Европа: Толкување на светот во 30 секунди

Каталин Флореску
17 декември 2016

Културата на изјави и кратки вести од 30 секунди исто така сноси вина за развој на популизмот, смета Каталин Флореску.

Autor Catalin Dorian Florescu
Фотографија: M. Walker

Еден ден по изборната победа на Доналд Трамп, ме повикаа од едно швајцарско радио. Уредниците прашаа како да се толкуваат овие избори. Дали е тоа крај на демократијата како форма на веродостојно државно уредување? Дури и крај на просветителската ера? Можев да зборувам колку што сакам, а на крајот ќе бидат употребени 30 секунди.

Останав збркан. Можно ли е за светскиот поредок да се каже нешто во 30 секунди? Или за што било значајно? Зашто, во 30 секунди не можам да ја опишам ни својата омилена книга. Или една единствена сцена од прекрасните филмови на Фелини. Или љубовта кон мојата жена. Во 30 секунди најдобро можам само едно нешто: да молчам.

30 секунди се нечовечки кратко време. Културата на 30 секунди сноси исто така вина што Трамп стана тоа што е сега. 30 секунди нему веројатно му се доволни за да напише еден твит. И пет секунди за да го прочита. Твитувањето сега ќе владее со светот. Твитер и сите други сродни (не)социјални медиуми се технолошката машина за мелење месо на нашето доба, низ кои се набива нашата просветеност до степен кога од неа остануваат само уште тенки нитки. Слично како кај тесто за пица. Ако не внимаваш, ќе се скине.

Кога вперуваме еден прст кон Америка, четири вперуваме кон себе

Дали просветителството било кога сметало на толкав временски теснец? Не. Дали за критички, преиспитувачки мисли е потребно време? Да, потребно е. Но, да се обвинува Трамп за литење, па дури и за крај на просветителството, би било исто како што вели една германска поговорка, од легенот покрај валканата вода да го исфрлиш и детето кое си го капел. Тоа би била преголема чест за Трамп. Тој е само меѓупроизвод на многу порано започнат развој.

А на САД да им се припише вината за враќање на ирационално, полемичко мислење би било лицемерие. Земјата пред помалку од една деценија избра црнец за претседател, што беше прилично разумен чин. Ако просветителството почна некаде да се рони, тогаш кај нас во Европа, уште пред децении. Ако покажуваме со прст кон Америка, треба да покажеме и врз себе.

Од 90-те години, всушност уште од 70-те, со појавата на ксенофобичната иницијатива Шфарценбах, во Швајцарија се појавија популисти од голем формат. Еден милијардер, ништо поразличен од Трамп, успеа по долгогодишна политичка работа да ја пренасочи Швајцарската народна партија и од неа да направи исклучително ефикасен инструмент на својот поулизам. На голем дел од народот, исто како и Трамп, тој им продаваше бајки за богатите, на кои животот на обичниот човек и неговите грижи му се поблиски отколку сопствената самозаљубеност. 

Фотографија: Medana Weident

Пораз на просветителското размислување

Оттогаш непрекинато владее популистичка вонредна состојба. Специјалитети се будење нетрпеливост, нејзино јакнење и насочување, антиевропски размислувања, ксенофобија. И се разбира: Make Switzerland great again! Изолационизам натопен со швајцарска митологија.

Поразот на просветителското размислување може да се мери и според она по што Швајцарците самите себеси се дефинираат: директната демократија. Волјата на народот, која свој израз наоѓа во референдумите иницирани од народни иницијативи, се извртува и доведува до апсурди. Одлуките на референдумите, кои би требало да бидат израз на зрелоста на граѓаните, се пронижани со црни претчувства, мрачни чувства, поедноставени предрасуди. Се гласа сходно на чувството во стомакот, а не со разум, исто како што се случи во САД.

Народната војла крајно се врти против интересите на самиот народ. Иницијативата против масовното доселување пред две години ја доведе земјата во тешка криза во односите со ЕУ. И тоа иако Швајцарија профитираше од доселениците. Така настанува една бизарна, искривена демократија, во која мнозинството во никој случај не го поседува каменот на мудроста. 

Европски популизам: Трамп е во добро друштво

Но, важно е да има помалку странци, и тоа од несаканата сорта - оние без дебел паричник кои би отседнувале во нашите луксузни хотели. Не за странци без изглед за работно место во менаџерските кругови на нашите банки, во осигурителните компании и индустријата. За сите, кои тоа не можат да си го дозволат, важи: надвор од Швајцарија. Или, забијте ги рацете во нашите клозети. Зашто, на работните места кои не ги сака ниеден Швајцарец, странците се добредојдени.  

Швајцарија одамна не е осамена. Оние кои некогаш беа чираци кај Швајцарската народна партија, одамна ја претекнаа: во Франција и Велика Британија, во Германија и во Холандија, во Австрија, Полска и во Унгарија. Трамп е во добро друштво. Сите тие можеби би требало да основаат еден Твитер-клуб. Така ќе можат да си твитаат меѓусебно и ќе бидат зафатени некое време. Се разбира, водечката улога би ја имал Трамп: тој ќе ги научи другите како на разочараните, осамени, денешни гневни граѓани кои ги мрзи да размислуваат, да им го објаснат светот во помалку од 140 знаци. Пристап би имале само оние кои би биле  подготвени да ја редуцираат својата слика за луѓето и светот на должината на твитовите.

За сите други, кои се навикнати на покомплексно размислување, кои вложуваат време за да се информираат, да го преиспитаат своето мислење, кои се спремни да ја застапуваат повеќеслојноста на светот и да ги делат хуманистичките вредности, за нив сите вратите на овој екскслузивен клуб остануваат затворени. Ние тоа би го преболеле.

Писателот Каталин Доријан Флореску, кој пишува на германски јазик, е роден во Романија. Тој од 1982 година живее во Швајцарија. Студирал психологија и психопатологија во Цирих и потоа работел во Центарот за помош на наркомани. За романот „Јакоб решава да живее“ во 2011 година ја доби Швајцарската книжевна награда. Оваа година во Минхен го објави романот „Човекот кој носи среќа“. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми