1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мојата Европа: 306 нови жители

Беќ Цуфај
15 октомври 2016

На среќниот свет во Дегерлох му се приклучија нови 306 жители, речиси невидливи зашто се сместени во објекти близу шумите. Потребно е уривање на границите за да им се помогне на бегалците, смета колумнистот Беќ Цуфај

Deutschland Kosovo Beqë Cufaj DW Gastkolumnist
Фотографија: Jürgen Sieckmeyer

Себебарањето првенствено значи соочување со сеќавањата. Со картите на спомените, на кои се испишани границите на Европа, почнувајќи од родниот град во југозападниот дел од Косово, политичките немири во кои јас ја поминав целата младост, уништувачката војна која владееше на целата територија на поранешна Југославија, од која произлегоа седум нови држави.

А потоа се отвора поглавјето на спомените и патувањата низ континентот: хаотично-бирократскиот Брисел или Ден Хаг на студеното море, Париз и безумните терористи, Шпанија која е исто толку германска колку и каталонска, електризирачката Виена или Прага, родниот град на Кафка, Словачка без Роми, католичката Варшава или меланхоличната Португалија. Географски карти и граници кои не веќе сакам да ги видам, но само да се сетам на нив. Преку слики или во форма на букви, букви, букви.

Зелена покраинска метропола

Да се бараш себе си значи да побегнеш од луѓето, барајќи ја пространоста и далечината на планините во околината во која живеам, шетајќи во Дегерлох покрај штутгарската телевизиска кула, низ полињата во правец на Дајмлер-центарот, или трчајќи низ Валдау, кон единствениот покраински главен град во Европа, каде во земјата и во општината на власт се Зелените. За да биде идилата уште поперфектна, тоа е уште покраинска метропола, во која се произведуваат голем дел од машините во светот, онаа во која се гради една од најмодерните европски железнички станици и град со 600.000 жители кој не може да се нарече поинаку освен идеален, среќен свет.

Главната улица во Дегерлох се вика Еплештрасе. На 400 метри од оваа улица, долга два километри, има четири аптеки, осум пекарници, девет продавници за храна, (во најголем дел за биопроизводи), три киосци, четири сендвичарници и четири многу скапи ресторани, две продавници за ортопедски чевли, две продавници за апарати за слушање, десет лекарски ординации, четворица заболекари, една книжарница и една библиотека, една многу убава бела општинска зграда, една евангелистичка црква, една христијанско-православна црква, една апостолска црква, едно средно училиште за занимања, една гимназија, два пазари со свежи производи, две бензински станици, и... Луѓе од цел континент! Во годниот дел од Дегерлох, долж шумата, се наоѓаат спортските терени, игралишта за фудбал, тенис, лесна атлетика, фитнес или гимнастика. Со нив граничат старските домови, чиј број минатите десет години постојано расте. Толку многу, што е тешко да се набројат.

Беќ ЦуфајФотографија: Jürgen Sieckmeyer

Среќниот свет во Дегерлох

Тоа е идеалниот свет во Дегерлох, во кој живеам преку десет години и во кој секојдневно се движам, посебно во последните три години, без ни најмало оддалечување, со исклучок на повремените летувања во Италија или понекое патување низ Германија. Тоа е среќниот свет во речиси сите области во јужна Германија, но и во северна, западна и источна. Крајно, оваа земја во цел свет е позната по својот истоветен квалитетен животен стандард во различните региони.

Во среќниот свет во Дегерлох со 16.351 жител од пред неколку месеци се придружија 306 нови жители. Тие се речиси невидливи, зашто се сместени во околните шуми - тоа се бегалци. За некои, тие се добредојдени, за некои не толку.

Или треба можеби да се спомене точната распределба на гласовите на овдешните жители на последните покраински избори?

Ќе се случи големо чудо

Или мора ли да се случи милоста или безмилоста кон овие луѓе, на кои им е потребна помош, да премине во страв и во пекарниците, аптеките, супермаркетите, улиците и гласачките места ? Или пак политиката со нејзините манипулации, војната против теророт и лудите исламисти, е таа која народот и општеството го турка во таборот на популистите, заговорници на „чиста“ раса? Застрашувачка е таа поделба по квартови во градовите и селата, во државите и континентите, на раси. Неиздржлив страв. И непростлива збрка. Границите на местата и градовите треба да бидат урнати за сега дојдените луѓе, сместени во периферните квартови, во контејнери, во стари згради, напуштени објекти.

Тоа нема да биде едноставно. Но, секако е поедноставно да се почне со работа. Ќе се случи големо чудо: тие ќе се чувствуваат како дел од ова општество, како секој од нас кој овде дошол по Втората светска војна, во времето на обновувањето на Германија, во време на чудото „Мејд ин Џермани“, при падот на Железната завеса или на работа по повторното обединување, за време на страшните војни во екс-Југославија. Или пак сега, за време на чудовишната војна во Сирија, чии последици ги чувствува и Дегерлох со своите 306 нови жители.

Писателот и новинар Беќ Цуфај е роден во 1970 година во Дечани, Косово и студирал литература во Приштина. Тој со својата жена и двете деца живее во Дегерлох, Штутгарт. Меѓу другото, тој објавува текстови во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Во 2012. година го има објавено романот  "projekt@party".

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми