1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Ајде да зборуваме за стравовите

Беќ Цуфај
14 октомври 2017

За подемот на десните популисти во Германија одговорност имаат и луѓето со мигрантско потекло, оценува Беќ Цуфај. Соседите мора да разговараат едни со други, а не едни за други.

Deutschland Kosovo Beqë Cufaj DW Gastkolumnist
Фотографија: Jürgen Sieckmeyer

Дубравка Угрешиќ и Арундати Рој. Првата, авторка на романот „Министерство на болката“, втората - авторка на романот „Министерство на исклучителна среќа“. Двете авторки кои секогаш ги читам, веќе во насловот на своите фиктивни дела се служат со непостоечки, измислени министерства. И, раскажуваат за трагедии во своите татковини. Првата за екс-Југославија, држава која веќе не постои. Втората за Индија, земја која преживува. Потресни четива со вековна, индивидуална и колективна историја.

Писателите создаваат и уништуваат татковини и империи, реални и измислени. Како пророци кои не знаат за никаква влада, никаков устав, закони или времиња. Си земаат право да создадат свои „министерства“. Како жените за кои овде станува збор.

Има ли роман со наслов „Министерство за родината“ или „Министерство за татковината“? Двата описа за земјата на потекло во германскиот јазик се разликуваат по родот, едниот е со женски, другиот со среден род. Притоа родина се употребува за да се дефинира местото на раѓање и многу помалку се злоупотребува од поимот татковина.

„Министерство за родината“? „Министерство за татковината“?

Политичари од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) бараат во Германија, како одговор на резултатите од последните избори, а по урнек на Баварија, да се основа „Министерство за родината“. Веројатно и господин Гауланд и компанија би се согласиле со тоа. Само што, тие ќе бараат повеќе. Тие би го нарекле Министерство за татковината! На оваа тема пред десет години напишав еден мит со наслов „Татковина“:

За тебе татковино многумина велат дека за нив си

татко и земја. за тебе се леат многу солзи на знајни и незнајни, ти имаш моќ

сѐ да присвоиш. твојата земја е стара, твоето небо

бескрајно, луѓето не припаѓаат никому освен на бога и тебе,

така е и со птиците, реките, површините, морињата,

болките, децата, соништата... освојувачите,

поетите, заљубените, предадените, остарените...

сѐ ти припаѓа тебе... така и животот, смртта.

само едно не ми е јасно

татковино

кому му припаѓаш ти?

Би рекол дека е многу тешко со романи, со креирање министерства или со поезија која бара нешто од татковината, да се разјаснат политичките ситуации низ кои минуваат малите и големите народи. Особено во време во какво што ние живееме.

Зашто, АфД во меѓувреме е реалност во Гермнаија. Некои тоа можеби го нарекуваат нормалност која одговара на остатокот од Европа, во кој десните екстремисти одамна си пронајдоа свои гласачи и постојано ги ловат со соодветни мамци за сите нивни расположенија и стравови.

Мора да зборуваме за стравовите

Тврдам дека ние, граѓаните со мигрантско потекло, сме исто толку виновни колку и партиите од центарот, десницата или левицата. Зашто, не успеавме со милионите луѓе, наши соседи, наши колеги, чекачи во редицата во пекарница или во Агенцијата за работа, да разговараме за нивните стравови од новите бегалци. Дискусиите на нашите сограѓани кои се „преселија“ кај десните и нивното обвинување милиони сограѓани, делуваат трагично и застрашувачки. Така дискусиите за Министерство за татковината кај десните или поимот татковина кај левите, стануваат уште повознемирувачки.

Треба ли сега да почнеме да разговараме за Министерство за миграција, или дури за Министерство за интеграција? Не!

Она што ние, новите Германци, милионите граѓани во оваа земја со мигрантско потекло, мора да го направиме е многу едноставно: да почнеме да разговараме со нашите сограѓани за нивните стравови. Да ги скршиме табуата и да ги прашаме: „Зошто се плашите?“ „Од што точно се плашите?“

Мора да им кажеме дека и ние ги делиме нивните стравови. Дека ние понекогаш дури повеќе се плашиме од нив. Се плашиме од Гауланд, но и од новодојдените во земјата кои не доаѓаат да бараат заштита, туку за да нѐ напаѓаат на плоштадите, во возовите или на аеродромите.

Ние живееме без татковина, но треба да го направиме првиот чекор за оваа наша нова држава, Германија, во која се родени нашите деца. Јас веќе почнав да разговарам со своите познаници и пријатели за нивните стравови. А Вие? Што е со тебе?

Писателот и новинар Беќ Цуфај е роден во 1970 година во Дечани, Косово и студирал литература во Приштина. Тој со својата сопруга и двете ќерки живее во Дегерлох, Штутгарт. Меѓу другото, тој објавува есеи и колумни во „Франкфуртер алгемајне цајтунг" и „Ноје цирхер цајтунг“. Во 2012. година го има објавено романот  "projekt@party".

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми