1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: „Балканизацијата“ на ЕУ е опасна

23 март 2019

Раскараните локални елити полагаат надежи во поддршка од велесилите: она што порано беше типично за Балкан, бугарскиот културен антрополог Ивајло Дичев сега го воочува во цела Европска унија.

Kolumnist Ivaylo Ditchev
Фотографија: Svetla Encheva

Подрачјето на Балкан стана синоним за бескрајни кавги и расцепканост. Младите нации настанаа со распадот на Отоманското царство и на Австро-Унгарија, со интервенција на надворешни сили. Негативна последица на тоа беше не само слабиот економски и социјален развој, туку и недостиг на вистински, легитимни елити. Локалните политичари ретко ги застапуваат интересите на одредени групи, тие често доаѓаат речиси „од никаде“ и очајнички се обидуваат да ја зацврстат својата позиција на локална сцена.

Притоа, главни ресурси се поткрепата на странските велесили. Во тој контекст Романците во овој регион се покажуваат како испостава на Франција, Србите и Бугарите конкурираат за наклоност на „мајчичка Русија“, Грците и Турците се потпираат на Велика Британија, Хрватите и Босанците на Австрија. Кон крајот на Студената војна ова подрачје сигурно имаше најголема концентрација на граници по квадратен километар: меѓу НАТО на југ и Варшавскиот пакт на север, меѓу неврзана Југославија, членката на ЕУ - Грција и органзацијата на источноевропските држави COMECON (Совет за меѓусебна економска помош), меѓу проруска Бугарија и Романија на Чаушеску, која се дистанцираше од Советскиот Сојуз.

Други колумни од авторот:

Моја Европа: Бизнисите со европски пасоши ги зајакнуваат популистите

Тргнете ја Македонија од историчарите!Моја Европа: Демократија против владеење на правото

 

Албанија дури едно време стана „клиент“ на далечна Кина, додека подоцна не стигна со заклучок дека кинескиот државен шеф Денг Ксиаопинг, како и порано Никита Хрушчов, го предал комунизмот. Тоа беше повод Албанија да реши да дејствува сама против цел свет. Конфликтите меѓу геополитичките „спонзори“, кои се водеа на минијатурно рамниште, во текот на историјата доведоа до регионални тензии и дури и војни. Која беше функцијата на толку апсурдна фрагментација која регионот го спречуваше да стане богат заеднички економски простор? Таа им даваше политички легитимитет на локалните елити кои меѓусебно се бореа.

Поддршката на глобалните сили попроменлива отколку во време на Студената војна

Да ја погледнеме ЕУ од оваа перспектива. Се чини дека кавгите меѓу левицата и десницата, меѓу конзервативците и либералите, го потискуваат судирот на глобалните геополитички координати. Националните елити почнаа да веруваат во поддршка на глобалните сили, слично како и во случајот со Балкан во 20 век. Но, нивната закрила денес е нестабилна и променлива, за разлика од ерата на Студената војна.

Американскиот претседател Донад Трамп во ВаршаваФотографија: Reuters/C. Barria

Дистанцирањето на САД од Европа во време на Обама, под Трамп се разви во отворено одбивање. Тоа ги поттикна Франција и Германија да разгледаат нова европска автономија во областа на безбедноста. Други, како Полска, одлучно стојат зад САД. Благодарение на американската поддршка, Варшава се чувствува посилна кога се во прашање противевропски позиции, поради кои Европската комисија против Полска започна постапка за санкции според членот 7. Посетата на американскиот претседател во Варшава секако беше и симболична награда за полските популисти. Така една светска сила е вклучена во внатрешен конфликт на ЕУ, што доведува до низа натамошни расколи.  Еден пример за тоа е проектот на Стив Бенон, кој планира мобилизирање на „интернационала“ против ЕУ, врз темели на американската идеологија на алтернативната десница.

Отворен флерт со Путиновата империја

Уште повеќе шокира отвореното флертување со империјата на Путин. Од Италија до Естонија, популистички и екстремно десни партии ја предизвикуваат ЕУ покажувајќи ја својата посебна блискост со Москва. Од Бугарија до Латвија, бившите комунисти се однесуваат пријателски кон Москва и со носталгија кон комунизмот. Некои се спротивставуваат на санкциите на Запад против Русија по анексијата на Крим, други се надеваат на евтин плин или изградба на атомски електрани. Некои, како Марин ле Пен во Франција, Матео Салвини во Италија или Волен Сидеров во Бугарија, добиваа парична поддршка од Москва, што е докажано.

Американското и руското покровителство имаат одредени сличности, но не се поклопуваат во целост. На пример, тешко би било замисливо полските популисти да веруваат во Путинова поддршка или бугарските социјалисти во Трампова, иако тие партии развиваат слична идеологија, неподносливост кон странците, конзервативна и протекционистичка. Но, на сите политички „клиенти“ на велесилите, едно им е заедничко: во настојувањето да го победат својот европски соперник, тие се потпираат на странски „спонзори“.Токму тоа балканските земји го правеа повеќе од еден век.

Силни сојузници во борбата против „евро-бирократијата“

Нов глобален играч е Кина. Оваа сила во подем продира во европскиот економски простор, не само со евтина стока која од пазарите ги истиснува локалните производители, туку и со агресивни инвестиции со државна поддршка. Кулминација на тоа е фараонскиот проект „Нов пат на свилата“. Залудно ЕУ се обидува да ја држи под надзор експанзијата на азискиот гигант со мерки кои би требало да важат за сите земји-членки, зашто единството во ЕУ се чини помало од кога било.

Неодамна Италија реши да пристапи кон иницијативата „Нов пат на свилата“, со што се спротистави на Европската комисија. Претходно Грција им продаде на Кинезите важни економски добра, а источна Европа сака да го следи тој пример. Дали е во прашање само стопански прагматизам? Или европските политичари се обидуваат да ја компензиират својата сѐ помала легитимност така што пронаоѓаат јаки сојузници во јуначката борба против „евро-бирократијата“?

Порано Европа беше средиште на силата во светот. Денес за жал таа е растргана меѓу спротиставени сили и покровителства. А од историјата знаеме каде води „балканизацијата“.

Ивајло Дичев е културен антрополог од Бугарија. Моментно работи како гостувачки професор во Регенсбург.

 

Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми