1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот несакан, или пак му недостасува волја?

6 јули 2019

Колку е сериозна желбата на земјите од Западен Балкан да станат дел од ЕУ? Темата „интеграција во ЕУ" често локалните елити ја користат како инструмент за да ја зацврстат сопствена власт, смета Ивајло Дичев.

Ivaylo Ditchev
Фотографија: BGNES

Проширувањето на ЕУ не е веќе тоа што некогаш беше. Откако стана евидентно дека Турција под водство на Ердоган не е добредојдена и дека интеграција на Украина во ЕУ ќе предизвика сериозни тензии со Русија, преговорите за проширување се фокусирани на Западен Балкан. Некои од европските политичари и натаму се сеќаваат на "лошите момци" Бугарија, Грција и Романија. Популистите од принцип се против членство во ЕУ од претежно муслимански земји како Косово или Босна и Херцеговина. Други пак имаат тенденција едноставно да го забораваат балканскиот регион. Покрај често дебатираниот замор на ЕУ од проширувања, се поставува и прашањето колку е сериозен регионот во декларираната желба да пристапи кон ЕУ?
Актуелен пример од релациите меѓу Скопје и Софија: бугарската влада сака да се претставува како адвокат на Западен Балкан, но мал спор го натера националистичкиот вицепремиер на Бугарија да се закани со вето за пристапот на Северна Македонија кон ЕУ. Причината е што Скопје не беше подготвено да прифати дека револуционерот Гоце Делчев бил Бугарин. Заедничка комисија од претставници на двете земји всушност треба да ги реши таквите кавги, но комисијата игра на картата време и по повеќегодишна работа едвај го "свари” средниот век. Гоце Делчев е роден како етнички Бугарин и загинал како херој на македонската нација во создавање, но историјата тука игра помала улога.

Повеќе:

-Чиј е Гоце Делчев? Не реагирајте на провокации!


Билатерални спорови како пречки на патот кон ЕУ

Што би можело да биде пречка на патот на интеграцијата во ЕУ? Не е трговијата, не се прекугранични проекти, не се инвестициите или безбедносните проблеми, туку прашањето кому му припаѓа некоја историска личност. А, притоа до ден денешен нема ни железничка врска меѓу главниот град на Северна Македонија и на Бугарија, кои се само 245 километри раздалечени еден од друг!
Скандалот бугарските националисти го искористија за да потсетат на хероите Грци кои наводно ги штителе своите национални интереси со тоа што го присилиле Скопје името на земјата да го смени од Македонија во Северна Македонија и да се откажат од сите "права" врз античката историја. Конфликтот со симболичен карактер кој 27 години ја кочеше малата поранешна југословенска република на патот на меѓународното признавање, изгледа стана пример за регионот. Компромисот во спорот за името грчката партија Сириза ја плати со загуба на мнозинството. Во иднина повторно би можело да има симболично радикализирање на прашањето доколку десноориентирана влада ја преземе власта во Грција.

Локалните елити ја инструментализираат интеграцијата во ЕУ

На други места проблемите се уште поголеми. Во Босна на пример едвај има мешање меѓу трите етнички групи (Бошњаци, Хрвати и Срби), па дури и наставата по историја во училиштата е различна. Друг пример се тешките преговори меѓу Косово и Србија, кои минатата година повторно се закочија по убиството на српски политичар.
Со сиот респект за културолошките разлики се поставува прашањето како тие земји воопшто си ја замислуваат Европската унија. Изворно ЕУ беше проект за прекугранична и транснационална соработка, најпрво во економијата, потоа и во многу други области. Во балканскиот регион е обратно: не баш легитимни локални елити си ја инструментализираат ЕУ интеграцијата за да си ја зацврстат сопствената позиција. Спротивставеноста на тие елити за нив е шанса да го компензираат недостатокот од политички програми и независни политички стратегии. Во таквиот дух, ЕУ интеграцијата не започнува на Балканот со унија за јаглен и челик, туку со имитирани „Топ даун проекти", кои Европа ги бара од државите во регионот. Политичкото водство на конкретните земји нема интерес да се откаже од националните граници, напротив. Повеќето компании во регионот зависат од национални субвенции и скриен протекционизам. Општо гледано, во балканскиот регион се активни малку локални фирми, а интеграција преку Кока-кола е во најмала рака спорен концепт. Парадокс е што поранешни земји од Источниот блок како Бугарија и Романија уште во 2007 пристапија кон ЕУ, додека земјите од Западен Балкан кои се наследнички на поранешна Југославија која не припаѓаше во ниту еден блок, и натаму не се членки. Можно објаснување е што романските и бугарските елити со помал легитимитет стартуваа во процесот на трансформација и мораа да се прилагодат, на што беа навикнати уште од времињата во Источниот блок. Елитите од земјите наследнички на Југославија изгледа имаа поголема самодоверба и уживаа интернационален престиж, што пак доведе до војни. Не симболични, туку реални.

Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Qian Yi

Да заживее југословенскиот дух на отвореност

Парадоксот да се користи интеграцијата во ЕУ за да се консолидираат нестабилните држави, се вклопува во поимот за нација на етничка база, кој е широко распространет во југоисточна Европа. Протерување и прогон на други етнички групи налик на „етничко чистење" беше заштитен знак на Слободан Милошевиќ, а има и во други земји од регионот – почнувајќи од ослободителните војни, кога стотици илјади Турци беа протерани од нивните домови во Грција и Бугарија. Сличен феномен има и на страна на наводно добрите – кога Хрватите го "исчистија“ регионот Краина со американска помош. Исто така етнички Срби го напуштија Косово, иако им беше нивна татковина и тоа под „замижаното” око на ЕУ.

Да се потсетиме и што се случи во Чехословачка и Полска по Втората светска војна – милиони етнички Германци беа протерани. Откако поголемиот дел од Евреите во овие земји беа убиени од нацистите, повоената историја на овие две источноевропски земји започна со една неприродна етничка хомогеност. Денешните хистерични реакции за бегалците може да се последица на ова чувство на етничка „супериорност“. Зад тоа всушност се крие страв од европскиот проект, со кој ќе исчезнат етничките линии на поделба и ќе се прифати различноста на луѓето.

Државите од Западниот Балкан ризикуваат повторно да се вратат на стариот пат, на кој етничката припадност води кон разгорени страсти и силни лидери со авторитарни тенденции. За тоа да не се случи, мора повторно да се заживее југословенскиот дух на отвореност и културолошка различност. Или зошто да не? – повоената утопија за една Балканска федерација, која набргу беше уништена од Сталин.

Ивајло Дичев е професор по културна антрополгија на Универзитетот Софија во Бугарија. Предавал, меѓу другото, во Германија, Франција и САД

Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми