1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виктор Орбан, Ангела Меркел и пробивот во браната

Кено Верзек
15 февруари 2020

Унгарскиот премиер постојано се поставува надвор од демократско-хуманистичкиот консензус. Со него не смее да има соработка. Пишува Кено Верзек.

DW Quadriga - Keno Verseck
Фотографија: DW

Како стоиш со десницата? Ова во текот на изминатите години во Европа стана политички клучно прашање. И, тоа поради добри причини. Во владите на речиси сите источноевропски членки на ЕУ има т.н. десни популисти или десни екстремисти, или, како во Унгарија и Полска, тие се дури доминантна политичка сила. Во Австрија и Италија тие беа дел од владеачките коалиции, а во многу западноевропски држави членки на ЕУ тие му се зад пети на политичкиот центар.

Во Германија прашањето дали демократите може и треба да соработуваат со десните екстремисти, дури и да е тоа најретко што е можно, деновиве доведе до најтешкиот политички земјотрес во изминатите години. Притоа се зборува за пробив во браната, кршење на табу и уривање на заштитниот ѕид. Повод беше тактичката поддршка од страна на - во голем дел - десноекстремната АфД во покраината Тирингија при изборот на нов премиер во источногерманската покраина - преседан кој се случи под околности кои сѐ уште не се до крај разјаснети.

Во Германија досега постоеше цврст консензус околу тоа дека во никој случај не смее да се соработува со Алтернатива за Германија (АфД). Затоа преседанот од Ерфурт ги турна пред сѐ демохристијаните во длабока криза. Лидерката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер најави своја оставка на претседателската функција во партијата и откажување од кандидатура за канцеларка.

Канцеларката Меркел и унгарскиот премиер Орбан имаат исклучително тежок и дистанциран односФотографија: picture-alliance/AP/MTI/Hungarian Prime Minister's Press Office/B. Szecsodi

Отаде демократскиот консензус?

Среде политичкиот земјотрес, во понеделникот се оствари кратка посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на канцеларката Ангела Меркел во Берлин. Тајмингот на посетата беше колку случаен, толку и значаен: додека Анегрет Крамп-Каренбауер ја најавуваше својата оставка затоа што во својата партија го немаше под контрола покраинскиот огранок кој се плетка со десните екстремисти, канцеларката прими човек кој стои можеби и подесно од АфД. Човек против кого во Германија со голема веројатност би се водела истрага поради сомневања за хушкање и кој веројатно би бил под лупа на тајната служба.

Ова звучи драстично и многу малку веројатно. Виктор Орбан сепак категорично се изјаснува за демократија и себеси постојано се става во конзервативно-демохристијанскиот спектар. Отворено кршење на Уставот досега не направил, при реконструкцијата на Унгарија внимава на формалната легалност. Но, колку поисцрпно се посматра Орбан во неговото секојдневие, толку повеќе се доаѓа до слика на политичар кој свесно сѐ почесто се поставува надвор од демократскиот консензус.

Тој одамна застапува народно-етницистички позиции, како кога, на пример, ја нагласува народната заедница на сите Унгарци, во која вредности кои поврзуваат се „крвта и татковината“ (како што рече Орбан во говор во 2012 година), христијанството, семејството и „унгарската слобода“, што и да значи последново. Тој поттикнува омраза кон странци кога инсценира непријателска слика за опасни млади машки исламски мигранти и „организиран наплив мигранти“ кој ќе ја уништел христијанската европска култура. Орбан презема наратив на десниот екстремизам, зборува на пример за „размена на население“ во Европа. Кога ги критикува девијациите на финансискиот капитализам или води кампањи против американскиот милијардер Џорџ Сорос, тогаш во тоа секогаш се наоѓаат антисемитистички стереотипи. И, Орбан постојано поттикнува антициганистичко расположение кога на пример на манифестации за Роми вели дека во Унгарија сите мора да работат, дека не се живее од социјална помош и криминал.

Орбан го нарече „исклучителен државник“ регентот Миклош Хорти, кој инаку е соодговорен за депортација и убивање на стотици илјади унгарски Евреи. Орбан повеќепати се залагаше за враќање на смртната казна и во 2017 година оправда случај на самоволно делење правда во унгарското село Очени, кога беа уништени гумите на автомобилот на локален претприемач кој сакаше да му подари на семејство со признат бегалски статус неколку дена одмор во селото. Орбан во тоа не виде „ништо за што треба да се приговара“.

Виктор Орбан и неговата Фидес не се исклучени од ЕППФотографија: Reuters/H. Nicholls

Орбановото сфаќање на владеење на правото

Од неодамна унгарскиот премиер експлицитно зборува и против неограничено владеење на правото. Тој бара да не се спроведуваат правосилни судски одлуки во случаи кога тие се спротивни на здравите чувства на народот. Во случајов се работи за обесштетувања на затвореници поради нечовечки услови во затворите и обесштетувања на деца Роми поради училишна сегрегација. На оваа тема унгарската влада за неколку недели треба да одржи т.н. „национално испитување“, кое вообичаено оди истовремено со голема пропагандна кампања на влада.

Ангела Меркел веројатно ја познава рамката на ставовите на Орбан. Канцеларката и унгарскиот премиер имаат исклучително тежок и дистанциран однос. Сепак, нивните партии, барем засега, се обединети во Европската народна партија (ЕПП). Фидес не е исклучена од ЕПП, туку е суспендирана членка. Меркел и натаму е во разговор со Орбан, меѓу другото и поради тоа што не се сака целно туркање на унгарскиот премиер во друга партиска фамилија.

Сепак, едно нешто на канцеларката мора да ѝ биде јасно: Виктор Орбан, при сето повремено тактизирање, нема да престане да потпалува, да разгорува омраза и да ја труе општествената атмосфера во Унгарија и во регионот. Кога тој, како што беше случај неодамна, го става под знак прашалник еден од најсветите принципи на правната држава - важењето на правосилните одлуки, тогаш тоа значи дека е генерално подготвен да ги стави под знак прашалник сите демократски вредности. Тогаш тоа би било кршење на Уставот и отворање на вратите за државно самоволие. Од тоа следува дека со овој човек и неговата партија не смее да се има заеднички политички пат во ЕПП или каде и да е. Сѐ друго би претставувало пукнатина во браната.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми