1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Глобализација со европски лик

Раду Магдин
4 мај 2019

Европа има модел за глобализација: тој би можел да создаде заедница на рамноправни партнери и да се концентрира врз вредноста на луѓето, а не само на компаниите, пишува романскиот политиколог Раду Магдин за Дојче веле.

Europa-Gastkolumnist Radu Magdin
Фотографија: Privat

Европа сѐ уште е во срцата на многумина Европејци, дури и кога тие самите веќе не веруваат во тоа. Еден од доказите го дава огромниот бран донации по пожарот во париската катедрала Нотр Дам.

Денес имаме шанса да изградиме нова европска „империја“ за 21 век, за која говори францускиот министер за економија Бруно Ле Мер. Но, Европа мора прво да се доведе во ред сама себеси. Пожарот во Нотр Дам го направи она што самата Европа не беше во состојба уште од референдумот за Брегзит – ги допре срцата на луѓето, им даде чувство на припадност. Не, нашите главни проблеми не се популизмот и скепсата кон Европа, туку опседнатоста со правила и недостиг од визии на врвот. Регулирачката Европа не мора да биде во спротивност со инспирирачката Европа, но двата аспекта мораат да бидат подеднакво важни.

Европа намерно се повлекува

Покрај тоа, моментно е нејасно каква визија има Европа за себе и за светот. Европејците се одрекоа од водечка улога кога го променија образовниот систем, јавниот дискурс и парламентите, и се дистанцираа од поими како што се „војска“ или „безбедност“. 

Европа намерно се повлече. Но, и на оние кои не сакаат да направат повеќе и да преземат водечка улога, тоа треба да им се дозволи. На пример, би било паметно да им се дозволи на Франција и државите од Источна Европа да бидат на чело на безбедосната политика, додека другите држави, вклучувајќи ја и Германија, се фокусираат на внатрешниот развој на ЕУ и нејзина консолидација.

Да се сузбие отровниот национализам

Тоа би можело да се нарече „паметна сила" и сигурно би претставувало далеку подобра употреба на енергија и пари отколку меѓусебните кавги и жалби за популизам. Луѓето би почнале повторно да ја сакаат Европа, зашто би знаеле дека нема да мораат да го делат истиот колач во сѐ помали делови. Наместо тоа, сите би требало да работат на тоа колачот да порасне.

Предизвикот е во тоа да се поврати иновативниот дух на империите од минатото, но и истовремено да се протера кој било вид отровен национализам.

Пожарот во Нотр Дам ги обедини ЕвропејцитеФотографија: Getty Images/AFP/G. van der Hasselt

Сојуз за мултилатеризам, за кој дискутираат политичарите од Германија и од Франција, е чекор во добра насока. Има ли подобар симбол на израснувањето на Европа од вклучување во заедница на слични со себе? Денешната конструкција на Европа е гаранција дека таа никогаш нема да стане агресивна сила. Но, во глобалниот натпревар на сили, моќта е единствена достоинствена опција, како што вели француската новинарка Силви Кауфман. 

Подарок за сите

Нашите партнерства со Австралија, Канада, но и со Мексико, Индија, Индонезија и Јапонија, мораме да ги видиме како вложување доверба кои овие држави ѝ ја подаруваат на Европа. Овие земји ги пребродија проблематичните искуства на колонијализмот и ја поддржуваат Европа во нејзините глобални амбиции. Тие имаат визија за функционирање „вмрежен“ модел на глобално ниво, за на евентуално агресивните гиганти да им се покаже каде е границата – и во економска и во географска смисла. Секој регион има свои центри на моќ, но и стравови од хегемонија.

Други колумни од авторот:

Моја Европа: Што ги поврзува Давос и изборите во Европа

Дали Макрон и Источна Европа ќе најдат заеднички јазик?

Моја Европа: Повратете си ја ЕУ- пред Бенон да ја приграби

Сакавме заедница на рамноправни партнери – и еве ја, овие држави се подготвени да поверуваат дека ќе го направиме она правилното. Има ли некој во Брисел или во европските престолнини кој ќе одговори на овој предизвик? Според мое мислење, Европа може на светот да му подари глобализација со европско лице. Тоа би била глобализација во која подеднакво се ценат луѓето и претпријатијата, во која различните култури не се газат, туку се поддржуваат. Таква глобализација не би функционирала како парче облека во кое сите треба да се стиснат, без оглед на големината. Таа би се погрижила за вештачката интелигенција и технологија да ѝ служат на иднината во која луѓето би биле слободни, а не котролирани. Тоа би била четврта индустриска револуција, која би работела во полза на луѓето, а не против нив.

Раду Магдин е романски аналитичар и политички советник. Меѓу другото, им бил советник на премиерот на Романија (2014 – 2015) и премиерот на Репубика Молдавија (2016 – 2017). Од 2007 до 2012 година работел во Брисел за Европскиот парламент, ЕурАктив и Гугл. Тој е дел и од работната група на нови лидери НАТО Атлантскиот совет на САД.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми