Моја Европа: Десничарските популисти веќе ги добија изборите
16 септември 2017Во Германија и во Австрија изборите се на прагот, а и во Италија не останува долго до нив. Каков и да биде исходот, во Берлин, Виена и во Рим десничарските популисти веќе се на власт. За таа цел тие воопшто не мора да бидат во влада. Стравувајќи од губење на гласачите од десната маргина, етаблираните партии одамна започнаа да им се додворуваат. Колку далеку дебатата во Германија е свртена кон десно, се покажува во прашањето формулирано од Сојузната централа за политичко образование во т. н. Валомат, он-лајн алатка која на гласачите треба да им помогне во донесувањето на изборната одлука.
Во него стои: „Геноцидот извршен врз европските Евреи и натаму треба да остане составен дел од германската култура на сеќавање“. Можно е човек да се согласи со оваа изјава, да ја одбие или да биде неутрален во однос на неа. Значи, само неколку месеци по барањето на десничарскиот радикал од редовите на АфД, Бјерн Хеке, за неопходноста од „политичко свртување од 180 степени во однос на политиката на сеќавање“, во Германија е дозволено дискутирање околу Аушвиц - со отворен исход. Ова е огромен успех за десноекстремистичкото крило на партија, која уште не ни седнала во Бундестагот.
АфД е присутна и во главите на некои од телевизиските модератори. На ТВ-дуелот меѓу Ангела Меркел и Мартин Шулц, носечки теми не беа на пример социјалната праведност, образованието и неповолните работни услови, туку повторно - бегалската политика. На местото на новинарот Клаус Штрунц можеше да биде ставен и некој пијан демонстрант на движењето Пегида. Навистина, тој повеќе ќе завлекуваше со јазикот, но немаше да поставува помалку глупави и тенденциозни прашања. Би требало на колена да ѝ благодариме на Ангела Меркел што не сака второ соочување и продолжение на ваквата тажна игра.
Либиските милиции во улога на ЕУ-граничари
Ни во Италија не е подобро. Италијанските власти од пред неколку месеци започнаа да ги попречуваат невладините организации во спасувањето човечки животи во Средоземното Море. Обвинителите од сицилијанските провинциски градови ги критикуваат невладините организации за соработка со криумчарите на луѓе. Критика, која со благодарност ја прифатија десноориентираните и конзервативни сили во Италија, Германија и во Австрија. Конкретни докази нема ни до денес, но сеедно, етикетата останува.
Во меѓувреме, од Либија во Италија стигнуваат само малубројни бегалци. За тоа треба да му се заблагодари на италијанскиот министер за вантрешни работи Марко Минити, кој ја отежна работата на спасувачите на море, се спогоди со сомнителните милиции и спроведува интензивна соработка со либиската крајбрежна стража. Кој сака да знае како изгледа кооперација со либиската крајбрежна стража, треба да ги праша активистите од невладината организција Си-Воч. Ноќта меѓу 20. и 21. октомври овие хуманитарци сакале да спасат луѓе во опасност од давење од меѓународните води, кога акцијата ја спречил чамец на либиската крајбрежна стража. Во таа прилика се удавиле повеќе од 20 луѓе, иако можеле да бидат спасени.
Човекови права! Кои човекови права?
Во членот 13, алинеја 2 од Универзалната декларација за човекови права стои: „Секој човек го има правото да ја напушти која било земја во секое време“. Соработката на ЕУ и либиските крајбрежни граничари цели токму кон спротивното. Намерата е да се спречат луѓето да ја напуштат областа во која владее граѓанска војна, во чии бегалски логори систематски доаѓа до мачења, егзекуции и силувања. Германската амбасада во нигерискиот главен град Ниамеј до канцеларскиот кабинет има испратено допис, во кој зборува за „услови во т. н. приватни затвори, слични на оние во концентрациони логори.“ Право на ЕУ-државите е слободно да ги донесуваат сопствените закони за азил, но да се спречуваат луѓето во напуштањето на земја каде владее граѓанска војна, нема ништо заедничко со пристојност, а уште помалку со основните човечки права.
Слично е и со депортациите на одбиените баратели на азил од Германија во Авганистан: „Гледајте, ги протеруваме и луѓето во земја во која владее граѓанска војна. Затоа вие воопшто не треба да гласате за десничарските популисти“, гласи пораката. По смртоносниот напад во близина на германската амбасада на 31. мај во Кабул, привремено беа стопирани масивните депортации. Тој ден загинаа најмалку 150 луѓе, стотици беа повредени, а погодена беше и зградата на германската амбасада. Во Авганистан се бележи пораст на вооружени судири и на жртви. Не постојат безбедни провинции. Тоа го знае и германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезие, кој од таа причина при посетата на оваа земја се движи само со тешка заштитна опрема.
Во СПД некои барем се срамат поради праксата на присилно протерување на барателите на азил. Деновиве канцеларскиот кандидат од оваа партија, Мартин Шулц, на ТВ ЗДФ изјави: „Според моите проценки, моментно никој не може да биде присилно вратен во Авганистан.“ А само три часа претходно од Диселдорф кон Авганистан полета авион со азиланти, што воопшто не би било можно без согласност на Министерството за надворешни работи, на чие чело стои човек од СПД. Кога по четири години учество на СПД во владата, канцеларскиот кандидат сугерира дека неговата партија нема врска со протерувањата, тоа не делува веродостојно.
Важно е границите да се затворени
Човекови права или изолирање? Двете работи не одат заедно, па ЕУ и нејзините земји-членки се одлучија против човековите права. За да можат да се оправдаат, прекршувањата на човеките права сега се дислоцирани на либискиот брег и префрлени врз либиската крајбрежна служба. Во иднина, и африканските диктатори треба да помогнат за обезбедувањето на бастионот Европа. Налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд против суданскиот диктатор ал-Башир поради геноцид, од аспект на германското Друштво за меѓународна соработка, ГИЗ, не е пречка за да врши обука на полицајци во Судан. Европската јавност исто толку малку се интересира за бегалците кои умираат од жед во Сахара или се убивани во Либија, колку и за оние кои се дават во Средоземно Море.
Десничарите во Европа веќе победија на изборите, без оглед на изборниот исход. ЕУ веќе се збогува со човековите права и цивилизациските стандарди, соработувајќи со либиските крајбрежни граничари, африканските диктатори и депортирајќи луѓе во кризните области. Оние кои се обидуваат да спасуваат човечки животи на Средоземно Море се криминализираат, се пука врз нив и се етикетираат како криумчари. Тоа им пречи само на малкумина ЕУ-граѓани. Главно, границите се затворени и не стигнуваат нови бегалци. Ваквата политика може да се продава за добра, но притоа не треба веќе да се изустуваат зборови како „човекови права“ и „европски вредности“.
Крсто Лазаревиќ е роден во БиХ и како дете со родителите побегнал во Германија. Денес живее во Берлин и пишува за неколку медиуми на германски јазик.