Кој е мојот идентитет?
24 февруари 2018Идентитет, интеграција и припадност: овие теми се закануваат да нѐ преплават во моментов. За сето тоа да стане посфатливо, е можеби разумно колективното да се отслика на индивидуален пример.
Колку компликувано и противречно се одвива процесот на припадност, прием, прифаќање и интеграција, е интересно да се види и од примерот на уметниците и авторите. Културата е сфера во која влијанието на емоциите е силно. Многу повеќе проблеми од приемот во мрежата на социјално осигурување е - колку тоа и да звучи парадоксално - приемот на странец во сопствената култура. Зашто културата е срцето на едно општество.
Идентитетот, интеграцијата и припадноста се теми кои ме окупираат и мене лично. Особено кога ќе се приближи времето на Лајпцишкиот саем на книгата. За мојот идентитет како авторка мора да размислувам посебно ако е од печат излезена моја нова книга, како сега. Мора да размислувам за својот и за идентитетот на другите автори кои не се родени во Германија. На која култура ѝ припаѓаме, на која литература? Не е важно само како човек се дефинира самиот себеси, туку и како како го прифаќаат и претставуваат другите.
Ние, авторите со т.н. мигрантско потекло, имаме повеќе различни идентитети. За дел од овие автори германскиот јазик отсекогаш бил мајчин јазик. Со тоа, тие, повеќе или помалку само по себе разбирливо, но не и целосно се интегрираат во овдешната култура. Нобеловата награда за Херта Милер во 2009 година предизвика несигурност не само кај дел од граѓаните, туку и кај дел од претставниците на печатот. Многумина се прашуваа кон која земја да ја приклучат.
Авторите со „мигрантско потекло“ се дефинираат според потеклото
Интеграцијата сигурно не значи прекин на врските со своето минато, кинење на корените, туку значи натамошен развој со свои корени на нова почва, раст, можеби дури и надраснување на себеси и оставање нешто во наследство онаму каде што се дошло и каде што човек е прифатен.
Авторите кои потекнуваат од други јазични и културни кругови најчесто се дефинираат според нивното потекло. Тие тогаш важат и како експерти за теми кои се однесуваат на нивната татковина, но ретко се прашувани за теми и важни одлуки кои го погаѓаат нивниот живот во новото општество. Дури и кога живеат долго во Германија и кога во своето литературно творештво се служат со германскиот јазик. На исчезнување е, но сѐ уште постои и категоријата автори кои се чувствуваат како странци засекогаш и и натаму творат на мајчиниот јазик. И има и такви кои пишуваат на „неутрален“ јазик, најчесто на англиски.
Повеќе од авторката:
- Моја Европа: Јазикот е клуч за среќа
- Моја Европа: Да се патува и да се допре животот
Јас во Германија најчесто сум претставувана како романска авторка. Романската литературна сцена пак, одамна се збогуваше од мене и ме вбројува во германските автори. Така често се наоѓам во меѓупростор. Во САД и Велика Британија работите се сосема поинакви - таму ме претставуваат како германска И романска авторка, или како транснационална авторка. Тоа веријатно се должи на фактот што во тие земји повеќето идентитети се станати речиси нормалност.
Наскоро ќе се навршат 30 години откако живеам во Германија. Времето во оваа земја наскоро ќе биде двојно подолго од времето кое како возрасна личност го имам поминато во мојата родна земја.
Перспективата на една берлинка со широки корени
Во текот на првата година во Германија живеев како гостин во Берлин, а бев поканета од програмата за уметници на ДААД. На почетокот пишував на романски, моите книги беа издавани со превод. Наскоро донесов свесна одлука да останам во Берлин. И, со тоа донесов и одлука германскиот јазик да ми биде не само јазик во секојдневието, туку и јазик на којшто ќе пишувам. Со текот на времето се промени перспективата од којашто ги пишувам книгите. Сеедно дали пишувам за настанати и искуства од Романија, или пишувам за животот во Германија, или пишувам приказни со кои сум се сретнала на други места во светот - за сѐ пишувам на германски од перспектива на една берлинка со широки корени и со проширен хоризонт, кој ги надминува границите на националното.
Јазикот го освојував чекор по чекор и тој стана мој. Со тој јазик се чувствувам згрижена и силна. И доволно смела да ги кршам јазичните правила ако тоа ми изгледа литературно разумно. Сѐ уште работам на својата литературна јасност и сила на изразување. И мислам дека на тој начин придонесувам за повеќеслоен, поширок, побогат агол на гледање на животот и за разбирање на неговите протагонисти.
Јас сум родена во Романија.
Јас сум авторка од Берлин.
Јас сум германска и романска авторка.
Јас сум европска авторка.
Јас сум транснационална авторка.
Што и да сум, јас сум авторка која припаѓа и на германската и на романската култура.
Кармен-Франческа Банчиу е родена во Романија. Од ноември 1990 година живее и твори во Берлин и води семинари за креативно пишување. Од 1996 година пишува и на германски јазик. Нејзини последни издадени дела на германски и на англиски јазик се книгите „Лесно ветре во рајот“ и „Берлин е мојот Париз“. Во март од печат треба да излезе нејзиниот нов роман „Збогум другари и љубовници!“.