1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Нема неутрална демократија

Јагода Мариниќ
30 септември 2017

По успехот на АфД на изборите за Бундестагот, два воза итаат еден кон друг. Тоа се две сосема различни сфаќања за демократијата. Колумна на Јагода Мариниќ.

Jagoda Marinic Autorin
Фотографија: D. Piroelle

Борбата на култури, „Судирот на цивилизациите“ - тоа беше книга од моите стидентски денови, тези кои се дискутираа на предавањата. Семјуел Хантингтон радо посегнува по аргументација од војната во Европа која доведе до распад на Југославија.

Долго време сметав дека централна е идејата на борба за ресурси. До неодамна сметав дека борбата околу прашањето: „Кому му припаѓа светот“ е таа која може да го промени светот. Но од сето тоа произлезе само краткотрајното движење „Окупирај“. Нема солидарност. Луѓето во бегство кои во 2015 година дојдоа во Европа, со своето страдање не отворија нови прашања за распределбата на благосостојбата во светот, туку предизвикаа криза на солидарноста. Поедноставено формулирано: ако толку многу луѓе се сиромашни, тогаш не морам да му помагам никому. Ќе си го оградам својот двор за мене да ми биде подобро. Врвот на ваквото размислување беше и е, се разбира, Трамповата „Америка прво“.

Судирот околу Каталонија потсетува на поранешна Југославија

Повторно станува збор за култура и доминација. Така е и во Европа. Шпанија е соочена со ситуација која потсетува на времето во Југославија. Пред само една година, еден Каталонец во Барселона ми рече: „Морате да ни го допуштите достоинството да одлучуваме самостојно за сопствената нација. Не е можно за такво нешто да избие граѓанска војна како во екс-Југославија.“ Таквиот став го сметав, благо речено, за екстремно. Но, само една година подоцна ескалираше конфликтот меѓу Мадрид и Барселона. Големото прашање е она на националното самоопределување и на признавањето на културата.

Оттука, не е едноставно да се пишува за изборите во Германија. Кажано е толку многу - ерата Меркел е разнишана. И ЦСУ на Зехофер во Баварија делува притисната до ѕид. СПД во експлозијата сака да се пронајде наново. Медиумите, зад кои стојат умни глави, се соочени со обвинувања или се бранети. Премалку луѓе се прашуваат со каков притисок се соочени овие умни глави за да испорачаат добра гледаност или читаност. Дали сѐ навистина е „мета“ или на крајот сепак не е и борба за ресурси - за приковување на вниманието на ограничениот број гледачи. Оваа психологија на масата никогаш не била нешто што помага за диференцијација.

По овие избори многумина во Германија сакаа да шират оптимизам - дека 87% од избирачите гласале демократски. Тоа, се разбира, на дневен ред го става отпорот на останатите 13% демократи, кои исто така гласале демократски и се дел од таа демократија. Можеби е така, но не е сеедно за каква демократија зборуваме. Демократијата ниту е ограничена на Бундестагот ниту на денот на избори. Таа секојдневен дискурс и се потпира на принципи кои - доколку бидат нападнати - ја загрозуваат демократијата сама по себе. Речиси сѐ се става на маса за дискусија, но не сѐ може да биде предмет на дискусија кога се работи за една демократија. Во историјата има многу примери кога граѓаните самите со гласање си ги скратиле своите права.

По успехот на АфД: Минимизирање нема да помогне

Во Германија во изминатите децении се чувствуваше некаква суперирност: многумина сметаа дека нациите кои се занимаваат самите со себе - се поразени. Тие нации беа заробени во состојби слични на војна, а Германија можеше да се занимава со иновации, извоз или пораст. Овие избори тоа ќе го променат. Тие веќе предизвикаа промена. Кога пред неколку години на кутлтурната сцена се слушаше крик поради тоа што токму министерот за култура беше човек кој се класифицираше во десничарскиот спектар, јас сметав дека таква ситуација во Германија е незамислива. Германските весници излегоа со наслови: „Хрватска во духовна граѓанска војна“, или „Борба на културите“ во Хрватска. Тоа се чинеше далеку, а супериорноста преовладуваше при изнесувањето оценки: ние немаме вакви проблеми, тие таму се, за жал, заробени во сопственото минато. Секое соочување беше поткрепуувано со воени сценарија, како Хантингтон да го обележал регионот за децениски период. Но, сега, по овие избори, со АфД како трета по јачина политичка сила, и на германската културна сцена се формира отпор кон тоа претседавањето со Комисијата за култура да ѝ се препуишти на АфД. Партијата од која се слушаат реченици како „Споменикот е срам“ не смее да претседава со Комисијата задолжена да го негува сеќавањето.

Оној кој во овие моменти не препознава дека два воза итаат еден кон друг, тој ја нема во вид ниту Германија, ни Европа, ниту пак улогата на САД. Всушност, сеедно е дали едниот воз е три пати подолг од другиот. Еден кон друг итаат два начина на сфаќање и третман на демократијата кои не се компатибилни. Минимизирање нема да помогне. Зашто, 13-те проценти, со палавењето на Доналд Трамп во позадина, конечно ќе го ослободат својот бес. Бес, од кој малцинските движења се одвикнуваа со децении. Сликата на црнец полн со бес за сите „обоени луѓе“ беше No-Go, зашто на тој начин не те сфаќаат сериозно. Подобро е да се служиш со разумни аргументи, така ќе наидеш на внимание. Сега беснее бесниот белец. Тој наидува на внимание. Возот е во движење, а јас се потсетувам на еден филм на познатиот, за жал починат, американски историчар Хауард Зин: You can't be neutral on a moving train (Не можеш да останеш неутрален во воз кој се движи).

Јагода Мариниќ е германско-хрватска писателка и новинарка. Таа е родена во местото Вајблинген како ќерка на хрватски доселеник во Германија. Во моментов живее во Хајделберг. Неодамна беше објавен нејзиниот последен роман „Made in Germany - Што е германско во Германија?". Во него се соочува со идентитетот на Германија како земја на доселеници.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми