1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неопходно е спротиставување на корумпираните елити на Балкан

Гудрун Штајнакер
25 јули 2020

Официјална политика на ЕУ од 2003. година е членство на Западен Балкан во ЕУ. Германија заговара процес на проширување. Но, каде сме денес, речиси 20 години по самитот во Солун и среде пандемијата на коронавирус?

Deutschland Westbalkan-Gipfel
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Sohn

Црна Гора и Србија се во пристапни преговори со ЕУ, а во март беше донесена одлука за нивно отпочнување и со Северна Македонија и Албанија. Босна и Херцеговина има поднесено барање за членство, а Србија блокира секаков напредок на Косово. Ова е едната страна на процесот на проширување. Но, каква е ситуацијата во пракса со толку многу рекламираните вредности: демократијата, правната држава и одржливиот развој?

Постои „напредок" од 1989. година но тој беше успорен поради војните при распадот на Југославија. Со исклучок на Косово, за „шестката од Западен Балкан" важи слобода на патување, која многумина ја користат за отселување на Запад. Во синџирите супермаркети, кои се претежно во германски раце, на продажба има главно увезени стоки, домашните производи се најчесто реткост.

Коруптивните крупни градежни проекти и изградбата на мали хидроцентрали, сечата на шумите, кражбата на земјиште и неконтролиран развој на туризмот на прекрасната природа ѝ нанесуваат големи штети. Образовниот и здравствениот систем се на ужасно ниско ниво, невработеноста е висока. Без дознаки од иселениците од странство и значителен неформален сектор, многумина не би можеле да преживеат. Време е да се признае дека неолибералната трансформација на Балкан доживеа неуспех.

Нарушена блескавата" изборна победа на Вучиќ

Ниската излезност на изборите во Србија, Хрватска и Северна Македонија е одраз на длабоко недоверба во демократијата. Демонстрациите во Белград го потемнеа „сјајот" на изборната победа на владејачката партија на претседателот Александар Вучиќ.

Северна Македонија, по валканата изборна кампања, се наоѓа пред речиси неможно формирање влада. Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во која се полагаа огромни надежи, е осудена поради корупција. Бившиот шеф на тајната служба и братучед на екс-премиерот Никола Груевски, Сашо Мијалков, некогашен „капо ди капи" кој сееше страв и трепет, истовремено и еден од најбогатите претприемачи, гордо парадира низ Скопје. Никола Груевски ужива во своето богатство во егзил во Будимпешта.

Гудрун Штајнакер беше германска амбасадорка во Северна Македонија и Црна ГораФотографија: DW/P. Stojanovski

Босна е држава со која е неможно да се владее, во која елитите со клептократи како Милорад Додик и Бекир Изетбеговиќ на чело, меѓусебно си ги делат ресурсите. Албанија и Косово се наоѓаат во постојан кризен модус. Избраниот косовски премиер Албин Курти беше соборен со помош на интриги од САД, косовскиот претседател Хашим Тачи е соочен со обвинение во Ден Хаг поради воени злосторства, што албанскиот премиер Еди Рама го квалификува за напад против сите Албанци.

Малата Црна Гора, во која во септември ќе бидат одржани избори, е поларизирана поради апсурден спор околу законот за религии меѓу ултрареакционерната Српска православна црква и кликата на долгогодишниот владетел и претседател Мило Ѓукановиќ.

Кој се чуди што исчезнуваат милијарди?

Кого го чуди што исќезнуваат милијардите од ЕУ, Европската централна банка, Светската банка, ММФ и другите организации?

Од 1989. година се етаблираа хибридни демократии, клептократии или мафијашки држави. Економистот од српско потекло, Бранко Милановиќ, во својот блог пишува за „повеќепартиски клептократии"; политикологот Јасмин Милановиќ во својата книга „Глад и бес" го употребува терминот „еластичен авторитаризам"; претседателот на Транспаренси Интернешнл за БиХ, Срѓан Благовчанин во својата актуелна студија зборува за „владеење на картели". Според мислењето на Ведран Џихиќ од Австрискиот институт за меѓународна политика, изборите во Србија беа „привидна демократија и илузионистичка уметност."

Повеќе:

Западен Балкан, внатрешниот двор на Европа

Балкан: Најлошиот воздух во светот

Без ЕУ перспектива, Западниот Балкан им се препушта на Истокот и автократите

Балкански автократ – можен само ако ЕУ подзамижува

За жал, ни во некои држави од ЕУ не изгледа многу подобро. Само што тие имале среќа правовремено да станат членки на клубот, како што докажуваат примерите од Романија и Бугарија, Малта, Кипар, Унгарија и Полска. Унгарскиот социолог Балинт Маѓар уште во 2016 година ја означуваше Унгарија како „посткомунистичка мафијашка држава". Неговите критериуми се применливи и на шесте држави од Западен Балкан.

Носителите на одлуки во Брисел и нивната бирократија, со оглед на другите приоритети, речиси не се грижат за тоа. Всушност, нема голема логика да се опоменува Балкан на придржување на „основните правила" на реформи, кога државите од ЕУ, исто и Германија, ги игнорираат правилата доколку се допре до нивните „сопствени интереси". Европските партиски сојузи, посебно Европската народна партија и Партијата на европските социјалисти, играат сомнителна и опасна улога во аранжамните со клептократиите на Балкан. Етикетирањето на балканските партии како конзервативни, христијански, либерални, социјалдемократски или социјалистички е едноставно погрешно.

„Вртење милиони"

Т.н. Берлински процес, започнат во 2014 година со голем елан и добри намери, не вроди со ништо, испадна според поговорката: „се тресеше гората, се роди глушец". Организацијата за младинска размена РИКО (Regional Youth Cooperation Office), речиси единствениот конкретен резултат од Процесот, со ова не треба да биде обезвреднета. Својата егзистенција таа им ја должи на ангажирани претставници на цивилното општество.

Планираните инфраструктурни проекти постојат само на хартија. Кина пак гради автопатишта, железнички линии и мостови, понекогаш дури и со средства за поддршка од ЕУ, и ги намамува државите во должничка замка. Одржливоста на овие проекти е друга приказна. Но, тие се најдобро погодни за „вртење " на повеќемилионски суми.

Еколошки, односно развој кој ќе биде усогласен со промената на климата и загрозениот биодиверзитет се чини не им е од интерес ни на балканските елити, ниту на нивните европски партнери. Голема е опасноста притисокот за брзо „економско закрепнување" по короната да доведе до тоа напорите за еколошки пресврт во корист на луѓето и природата да останат само празни зборови.

Потребно е да се собере храброст

Крајно време е за темелно преиспитување на политиката на ЕУ кон Балкан. Нова „методолгија" нема да даде резултати. Неопходно е спротиставување кон корумпираните елити во политиката и економијата. Тие мора да бидат повикани и на лична одговорност. Тоа е можн единствено во соработка со навистина слабото, но разнолико и живо цивилно општество. Сѐ додека на младината ѝ останува само изборот меѓу прилагодување и отселување, нема да може да се запре егзодусот на добро образованите.

Конечно, во Брисел исто како и во Берлин и Париз, потребна е да се собере храброст со елитите на Балкан да се разговара без влакна на јазикот. Тоа меѓутоа значи да се именуваат и да се отстранат и сопствените дефицити. Зашто, „да продолжиме како и досега", би било фатално. 

Гудрун Штајнакер меѓу 1976. и 2016. поминала 13 години на Западен Балкан, на крајот како германска амбасадорка во Северна Македонија и Црна Гора

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми