1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Орбан е тест за конзервативците

Крсто Лазаревиќ
14 април 2018

Ставот кон Орбан е своевиден лакмус, со чија помош пристојните конзервативци се разликуваат од тапоглавите десни популисти, смета Крсто Лазараевиќ.

Krsto Lazarevic
Фотографија: Privat

Дали ви паѓаат во очи масивните сличности помеѓу Баварија и Унгарија? Положбата во централна Европа, слична големина, сличен број жители. Избори, за волја на вистината, се одржуваат, но однапред се знае кој ќе победи. Политиката и економијата, благо кажано, се тесно меѓусебно поврзани.

При вакви сличности, не е никакво чудо што владејачките партии, Христијанско демократската унија и Фидес негуваат најдобри односи и дури водат изборна кампања со иста тема. Затворање на границите за бегалците и истакнување на сопствениот национален идентитет врз грбот на малцинствата. Пратеникот на ЦСУ во Бундестагот Александер Добринт не изостави да му честита на Виктор Орбан за изборната победа со неговата „граѓанско-конзервативна програма“.

Оваа програма во изминатите години се состоеше во насочување на парите од ЕУ во џебовите на пријателите на Орбан, во разградба на демократијата, во подбуцнување против ЕУ и малцинствата и погребување на слободата на печатот. Ако тоа поминува како „конзервативно-граѓански“, ни останува надежта дека баварската покраинска партија нема да успее да оствари поголемо влијание во Германија.

Орбан - „пријателот“ на европските десничарски конзервативциФотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Vanden Wijngaer

Дубиозен сојуз

Се разбира, симпатизерите на ЦСУ знаат дека Орбан не е беспкрекорен демократ, но тоа не им пречи. Зашто, Орбан е љубимец на ЦСУ и на десноориентираните политичари во ЦДУ од сосем друга причина. Пофалбите за неговата рестриктивна и од аспект на човековите права сомнителна политика на изолирање, е евтин начин за критика на бегалската политика на Меркел, без да треба да се споменува нејзиното име. Оној кој ја фали Орбановата миграциска политика, меѓу редови вели дека Германија воопшто не требаше да дозволи влез во земјата на толкав број бегалци и Ангела Меркел никогаш не смееше да го каже нејзиното „Ќе успееме“.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан не е толку глупав за неколку дена пред изборите во Унгарија да  изјави: „При целата критика кон Орбан, тој сепак го спроведува европското право на границите и ја обезбедува границата на Европа.“ Треба кристално јасно да се каже: на дел од политичарите во Унијата им е сосем сеедно за разградбата на демократијата во одделни ЕУ-држави, сѐ додека тамошниот авторитарен владател ја врши валканата работа на надворешната граница на ЕУ.

Уште полошо е што германските политички партии од Унијата, ЦДУ и ЦСУ, не кажаа ни збор критика за очигледната антисемитска изборна кампања на Виктор Орбан. Се разбира, за ЦСУ е исклучително важна борбата против антисемитизмот. Односно, антисемитизмот кај муслиманите, Левицата и странците, а не антисемитизмот кај сопствениот партнер, тој се премолчува или дури дрско се негира.

Можеби министерот за татковина од ЦСУ, Хорст Зехофер, би требало да води еден подолг разговор со Феликс Клајн, специјален ополномоштеник за антисемитизам, кој токму тој го именуваше. Клајн може тогаш да му објасни дека антисемитизам е што во фокусот на Орбановата изборна кампања беше ставен еврејски милијардер, кој наводно ги влече конците од заднина и сака да го разнебити унгарскиот народ.

Претходни колумни од авторот: 

Моја Европа: Антисемитизмот во Европа не е увезен

Моја Европа: Местото на Западен Балкан е во ЕУ

Моја Европа: Потребна ни е интернет полиција!

Моја Европа: Мора да останеме будни!

Страв од гласачите

Но, најлошо е што ЦСУ ги присвојува стратегиите на Орбан за баварската изборна кампања. Да играме една мала игра - „Чии се овие изјави“. Следните четири реченици потекнуваат или од Александер Добринт или од унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Факт е: концептпт мулти-култи пропадна!“

„Политичката коректност не е татковина!“

„Факт е дека исламот, сеедно во која форма, не припаѓа кон оваа земја!“

„Факт е дека крстот е симбол на христијанските вредности, кои ставаат печат врз нашиот правен поредок, а не шамијата.“

И - чии се овие изјави? Факт е: сите се на Александер Добринт, објавени пред неколку недели на неговата Фејсбук-страница! И факт е дека исто така можеле да потекнуваат од Орбан.

Во партиите на Унијата постојат бројни политичари и членови кои ги одбиваат ваквите изјави и политиката на Орбан, првенствено - Ангела Меркел. Но, совесните конзервативци моментно се доста тивки, зашто се плашат од избирачите и јакнењето на десно-популистичката партија Алтернатива за Германија.

Поуки од другите држави

На Ангела Меркел од 2005. година ѝ се префрла дека со својот мирен и прагматичен политички стил, ги „заспала“ изборачите. Потрагата по компромиси, избегнувањето да се замери претерано со било која група и, кога мора да се води непопуларна политика, повлекување потези од принуда, а не од идеолошко убедување.

Но, од т.н. бегалска криза во 2015. година, дојде крај на модерирањето и елиминирањето на идеолошките разлики. Десноориентираните конзервативци се сѐ погласни и звучат сѐ послично со десничарските популисти. А последниве во меѓувреме јавно бараат повторно воведување на воената обврска, укинување на двојното државјанство и секако, анулирање на бегалската политика на Меркел.

Судбината на нашите демократии зависи од тоа дали конзервативците ќе се препуштат на омразата на десничарите или ќе останат цврсти на своите позиции. Сведоци сме како конзервативците во САД овозможија Трамп да стане претседател, видовме како некогаш либералниот Орбан прогласи „либерална демократија“ во Унгарија и како конзервативците во Австрија прво ја копираа програмата на Слободарската партија, а потоа коалицираа со неа. За конзервативците во Германија, тоа треба да биде предупредување, а не упатсво за следење.

Крсто Лазаревиќ е роден во Босна и Херцеговина. Како дете со семејството избегал во Германија. Денес живее во Берлин, работи како новинар и публицист и пишува за различни медиуми на германски јазик.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми