1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Моја Европа: Повеќе јазици, повеќе слобода?

Лавиниа Браниште
20 април 2019

ЕК препорачува учење на повеќе странски јазици заради поголема мобилност во работата и студирањето. Многу луѓе во источна Европа бараат повеќе слобода за патување за да бидат навистина слободни, смета Лавинија Браниште.

rumänische Schriftstellerin Lavinia Braniste
Фотографија: Alex Galmeanu

Приемниот испит за насока странски јазици на универзитетот Клуж во Романија го положив во 2002 година. Кога се навраќам на тој момент се чувствувам како со 18-19 години да сум го достигнала врвот на мојата конкурентност. Оценувајќи го сопствениот живот, сметам дека една од моите најважни победи беше што научив француски. По успешниот приемен испит се одлучив за една област. Можев да изберам и невообичаена комбинација, но останав на класичниот пар – англиски и француски. Мислев дека така сум на сигурно и дека со два широко распространети јазици сигурно ќе најдам работа. Тогаш уште не ги разбирав механизмите на пазарот на преведувачи. Најпознатите јазици носат многу смешни хонорари, па поинтелигентно ќе беше да изберев некој „спореден јазик". Нема гаранции за тоа дека тој јазик ќе важи за егзотичен и во иднина. Еден пример: кога во 2012 работев за една фирма преводи за кајрон, турските серии ги освоија малите екрани во Романија, па преведувачи од турски изникнуваа насекаде, како печурки по дожд. Ги земаа дури и директно од семинарските простории на факултетите. Турски, поранешен спореден јазик, во Романија наеднаш стана исплатлив колку и англискиот.

Постојана борба за работни места

Затоа на почеток мислев дека со англиски и француски ќе имам поголема слобода, два нужни јазици кои ниту тогаш ниту денес некого импресионираат. Но, таа тема сакав и да ја начнам, слободата преку странски јазици, која во документите на европската комисија за учење и изучување на странски јазици е многу присутна. Најважниот аргумент за раното изучување на минимум два странски јазици е дека носат слобода да се работи и живее во друга земја. Чудно е колку често во тие документи се сретнува поимот „работно место“ како да е најважна цел на сите граѓани на ЕУ, без разлика дали се заинтересиран за странски јазици или не, да најдат работа во друга земја. Изгледа дека моторот кој ги придвижува луѓето да се борат е работата. Таа е најчест и најсилен аргумент. Во контекст на двата од ЕК препорачани јазици сакам да се осврнам на два проблема во источна Европа: слабиот квалитет на наставната програма која во нашите држави придонесува за висок степен на функционална неписменост, како и незаинтересираноста за соседните држави.

Повеќе од авторката:

Моја Европа: Романија нѐ брка од дома

Купување гласови за килограм брашно

Функционална неписменост значи дека луѓето знаат да читаат, но прочитаниот текст не го разбираат и немаат сопствен став околу прочитаното. За жал, во руралните средини во Романија многумина се во таква ситуација. Најчесто се тоа луѓе кои не можат да ги праќаат децата на училиште, или онакви кои тоа може да си го дозволат, но не ја сфаќаат ползата од школувањето. Луѓето од тие слоеви едвај ги познаваат сопствената култура и јазик и немаат пристап до училишта и библиотеки. Корумпираната држава која систематски ги намалува финансиите за образованието, на тој начин ги држи во милје во кое лесно може да бидат манипулирани.

Речиси сум сигурна дека ситуацијата во соседните држави е слична и дека Романија не е исклучок, ниту за добрите, ниту за лошите страни. За овие луѓе европската идеја, да се учат два странски јазици заради поголема мобилност во работата и учењето, е многу далечна! Европската комисија ни вели дека е потребно да се владеат странски јазици за да се биде „активен" граѓанин на Европа. Но, како може еден човек кој својот глас на избори го дава за вреќа брашно или заради проповед во селската црква, да го сфати таквиот концепт за Европа? Или, уште полошо, кој гласот го дава заради заканата на градоначалникот дека ќе го скрати детскиот додаток? За тие луѓе слободата во суштина не е слободното патување низ Европа, туку сопствената едукација која ќе им овозможи да си бидат самите слободни во размислувањата и одлуките. Би се радувала ако Европа повеќе се ангажира апсолутно сите граѓани да имаат достоинствен животен стандард и фактички да се слободни, односно образовани.

Едвај ги познаваме нашите соседи

Вториот аспект кој ми паѓа на памет во контекст на странските јазици и кој ни станува јасен во текот на нашите животи, е дека ние во источна Европа едвај ги познаваме нашите соседи. Јазиците на нашите соседи не ги учиме на училиште. Ако странски јазици ни помагаат да учиме и работиме во странство, тогаш е јасно дека ние не сакаме да учиме и да работиме во регионот. Објаснувањето е евидентно: имаме тажна заедничка историја, која оставила ист економски пустош. Нашите желби се за блескава иднина и тоа е разбирливо. Но, нели би можеле да ја владееме барем литературата на соседните земји? Да ја владееме барем нивната култура, со која имаме толку заеднички работи?

За нас во Романија има навистина јазична бариера: освен во Молдавија, нашите соседи зборуваат јазици од друга јазична фамилија, некои дури имаат и друга азбука и заради тоа од наш аспект на гледање се потешки и егзотични. Кога би биле соседи на Италија, многу полесно би ни било да го научиме јазикот, што би се рекло – како од шега (забелешка на редакцијата: романскиот, исто како и италијанскиот, е од романската група јазици.)

Кога превод на книга е налик на чудо

Еден издавач за време на настан организиран од литературната бранша рече дека морал да објави девет нови бестселери, за да ги надомести трошоците за една единствена некомерцијална книга. Но, за жал, дури и тие некомерцијални авантури на издавачите се повторно од англосаксонскиот дел или од „големите“ култури. Во моментот преводите од нашите соседни земји и натаму зависат од програмите за финансирање од различни институции, без оглед дали се европски или не. Ги издаваат неугледни издавачки куќи и таргетот им е многу мал. На пример, сум читала хрватски автори на англиски и шпански, бидејќи не се преведени на романски. Тоа што воопшто ги има на некој од „големите“ јазици е налик на чудо.

Странските јазици ни отвораат врати кон големи култури и ни ја даваат слободата да студираме во светот и да работиме на далечни места. Но, изгледа останува малата слобода, да си ги запознаеме соседите, нешто што е можно само со голем напор.

Превод од романски: Дана Александра Шерле

Романската авторка и преведувачка на литературни дела Лавинија Браниште живее и работи во Букурешт. Нејзината книга со наслов „Interior zero“ во 2016 во Романија беше избрана за најдобар роман на годината. Во 2018 е преведена и на германски јазик под наслов „Нула кома било што“. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми