1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќта на мигрантите на изборите во Германија

Андреа Грунау
15 септември 2017

„Што прави Турчинон горе?“, праша некој по телефон кога политичарот Џем Ездемир (Зелени) во 1994. влезе во Бундестагот. Денес 37 пратеници имаат странско потекло, како и секој десетти гласач. Дали е тоа фактор за моќ?

Deutschland SPD Programmparteitag in Dortmund
Таа е во првите редови на СПД: Ајдан Озогуз (прва од лево)Фотографија: picture alliance/dpa/J. Güttler

Оној кој има германско државјанство и најмалку 18 години може да гласа на изборите на 24-ти септември и да придонесе во одлуката за идната германска политика - без разлика дали е од Келн или Казахстан, дали потекнува од Турција или Полска. Секој десетти граѓанин со право на глас и потенцијален кандидат за пратеничко место има странско потекло: тој или таа бил роден/а без германско државјанство или пак барем еден родител не бил Германец.

Вниманието на партиите и медиумите е сѐ повеќе свртено кон големата група граѓани со право на глас откако ним интензивно им се посвети партијата АфД: микро пописот од 2016-та покажал дека во Германија живеат 3,1 милион т.н. доцни иселеници, од кои најголемиот дел доаѓаат од подрачјето на поранешниот Советски сојуз. Втора најголема група се оние со турско потекло. Сојузниот завод за статистика проценува дека околу 730 илјади од нив имаат и право на глас. Токму ним им се обрати турскиот претстедател со барањето да не гласаат ни за ЦДУ, ни за СПД, ни за Зелените. „Не дозволувајте од Ердоган да бидете маргинализирани во нашето општество“, возврати Ајдан Озогуз, ополномоштеничка на германската влада за миграција, бегалци и интеграција, на ваквиот обид за мешање. Многубројни политичари ги повикаа Германците со турско потекло по секоја цена да излезат да гласаат. Ополномоштеникот за прашања на интеграцијата во пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Џемиле Јусуф, за Дојчландфунк вели: „Се работи за вашиот живот во Германија. Господинот Ердоган нема да има решение за ниту еден од проблемите на луѓето кои овде живеат.“

Пониска излезност

„Како всушност се гласа?“, ова прашање Ајдан Озогуз го има слушано често. Излезноста на Германци со мигрантско потекло е „околу 20%“ пониска отколку на останатото население, вели таа. Го води проектот „Воте Д“: целта е новопечени Германци и полнолетни деца од доселеници да се поттикнат да гласаат.

Родителите на Озогуз дошле од Турција, а таа е родена во Хамбург. Денес потпретседателката на СПД и самата учествува во изборна кампања, исто како и Џемиле Јусуф (ЦДУ). Тие припаѓаат на групата од 37 пратеници со мигрантска позадина - од вкупно 631 парламентарец. Во споредба со осум европски држави - според проектот Патвејс - истражувачите од Бамберг во политичката претставеност ја гледаат Германија во средина. На врвот се Велика Британија и Холандија, а најслабо котираат Италија и Шпанија“, вели политикологот Лукас Гиз за ДВ. Проблем е тоа што половината од луѓето со мигрантски бекграунд, кои долго живеат во Германија, немаат германски пасош. Тие „систематски се исклучени од процесот на формирањето на политичката волја“, вели тој. Вината Гиз ја гледа во „исклучително строгиот модел за државјанство во споредба со други држави“.

Пратеници со мигрантско потекло во партиите (во проценти, со жолта боја)

Расистичка омраза

Во Германија многу нешта се постигнати и уште многу треба да бидат направени, вели Озогуз. „Како доселеник си омилена мета за напади од десни и деснорадикални“. На политичарот од Зелените Омид Нурипур - инаку роден во Иран - некој му пишал „П***ан Арапину, да си одиш назад во Турција“. Неговиот партиски колега Оцкан Мутлу раскажува за „многу расистички мејлови полни омраза“. Кога Александар Гауланд од деснопопулистичката АфД зборуваше за тоа да ја „истовари во Анатолија“ државната министерка Ајдан Озогуз, и канцеларка тоа Меркел го оквалификува како „расистички“.

Политичари со доселенички бекграунд се сензибилизирани за непријателства кон малцинства, вели Озогуз. „Кога на мали девојчиња уште во основно училиште ќе им ја шамијата, не може да зборуваме за слободното и отворено општество што си го посакуваме.“

Во парламентот треба да има пратеници со различно потекло и религиска припадност, вели таа: „Ако има луѓе кои и лично се погодени од нешто, дискусијата се менува.“ Можеби и перцепцијата: на Карамба Дијаби, по потекло од Сенегал, кој во 2013-та беше избран во парламентот од редовите на СПД, касиерка во кантината на Бундестагот не му верувала дека е пратеник.

„Би сакала да дојде време кога доселеничкиот бекграунд нема да игра никаква улога", вели Џемиле Јусуф за ДВ:

„Но, во доселеничката земја Германија тоа сепак е важна тема“. Таа во 2013-та година влезе како прва пратеничка со турско потекло од ЦДУ во Бундестагот. СПД, Зелените и Левицата веќе подолго време имаат пратеници со странско потекло. Самите партии за тоа не водат статистика.

Преференции за партиите од „политичката левица"

Гласачите со странско потекло преферираат „партии од политичката левица“, пишува политикологот Андреас Вист врз основа на меѓународни истражувања. Тие се посебно отворени кон членови со доселеничка историја, како и за темите што ги засегаат.

Доселениците точно знаат кој од нивната заедница е застапен во Бундестагот, вели Денис Шпис. Келнњанецот истражува кому доселениците ќе му го дадат својот глас на овие избори и зошто. Се истражуваат најголемите групи: Германци од Русија и оние со турско потекло.

Германци од Русија, доцни иселеници со германски корени од земјите што произлегоа од Советскиот сојуз, се уникат на Германија, вели Шпис: од првиот ден се сметаат за Германци и смеат да гласаат. ЦДУ-канцеларот Кол се заложи за нивно признавање по распадот на Советскиот сојуз. Тие им се благодарни на конзервативците и долго време важеа за верни гласачи. Но, од прифаќањето на бегалците во 2015-16 многумина од нив се сменија. „Зависта игра улога“, вели Шпис во интервјуто за ДВ.

На изборите за покраинските парламенти АфД во некои области постигна успех со гласовите од многу руски Германци. Денис Шпис вели: „АфД има изборна програма на руски, група Германци од Русија и од доцните иселеници, руски плакати и директно ги таргетира токму нив.“ Ниту една друга партија не се трудела толку околу нив. Една студија од Институтот за интеграција и миграција во 2016-та покажа преференции за ЦДУ/ЦСУ од 45%, што е драстично помалку од порано.

Партиите од Унијата реагираат: канцеларијата Меркел за првпат прими здружение на Германците од Русија во нејзиниот кабинет. Во предизборната кампања за Северна Рајна Вестфалија нивниот кандидат се рекламираше во руски весник. Во изборната програма ветуваат поголеми пензии за оваа група.

Оцкан Мутлу (десно) се фрустрира што во Бундестагот го гледаат како „Турчин"Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld

Гласачите со потекло од Турција

„Од кога тоа смее Турчин да седи таму горе?“, се жалел телефонски некој за пратеникот од редот на Зелените, Џем Ездемир, додека канцеларот Кол имал обраќање. Една политичарка од СПД и „анатолискиот Швабо“ Ездемир беа првите политичари со турско потекло во германскиот Бундестаг. Денес се веќе 11, ниту една доселеничка група не е толку силно застапена.

Гласачите со турско потекло традиционално се чувствуваат поврзани со Социјалдемократите, вели Ајдан Озогуз. СПД се залага за двојно државјанство и за правата на доселениците, а подоцна кон тоа се приклучија и Зелените и Левицата.

Во конфликтот со турскиот претседател Ердоган се заострува тонот. Шефицата на ЦДУ, Ангела Меркел и екс-шефот на СПД Зигмар Габриел се залагаа за разбирање кај луѓето со турско потекло. Многумина од нив, веројатно загрижени дека би имале реперкусии, се многу внимателни со политички изјави, вели Шпис.

Политичарот од Зелените, Оцкан Мутлу, се фрустрира што во Бундестагот го гледаат како „Турчин". „Јас сум Германец и имам само германско државјанство, разберете го тоа еднаш“, критикуваше тој еден политичар на ЦДУ, кој рече „Вашиот претседател Ердоган“.

Расте ли моќта на мигрантите?

Денис Шпис вели: „Политичката моќ на мигрантите е мала. Групата расте, но е многу поделена“. Од луѓето со руско потекло една третина се од Украина, помала група од Казахстан и голем дел од Русија. „Ако прашате: што мислите за Путин?", објаснува Шпис, „50 проценти ќе ви кажат дека го сакаат и 50 проценти дека го мразат од дното на душата. Тоа важи и за Ердоган и за луѓето со турско потекло.“

Шпис заклучува: „Не постои една група мигранти како гласачи. Зошто некој од Украина, кој живее веќе 20 години во Германија, би имал исти политички преференции како некој кој дошол од југоисточна Турција? Зошто би го споредиле со некој кој дошол во 50-тите години од Италија?“

Групата луѓе со доселенички бекграунд станува поважна. Тоа не значи дека „е едноставно да биде придобиена од една германска партија" и воопшто не значи дека „доселениците" ќе ја преземат власта. Според истражувачите, исто толку мали се шансите за „доселенички партии“. Колку подолго живеат во Германија, толку повеќе нивното однесување на избори наликува на тоа на мнозинското население.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми