1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќта на (не)гласачите во Иран

Керстен Книп
24 февруари 2020

Хардлајнерите во Иран си ја осигураа власта со нефер методи на парламентарните избори. Триумф кој може да се претвори во бумеранг за режимот, смета Керстен Книп.

Iran Parlamentswahl Ajatollah Chamenei
Ајатолахот Али Хамнеи гласаше во Техеран (21.02.2020)Фотографија: picture-alliance/dpa/ Office of the Iranian Supreme Leader

Духовниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, би можел да помисли дека неговите сонародници гласале како што нему му одговара. Веќе откако беа пребројани гласовите од половина изборни единици, можеше да се препознае победа на конзервативците на парламентарните избори. Тоа за Али Хамнеи значи дека во парламентот ќе продолжат да седат речиси исклучиво политичари кои го следат неговиот курс.

Тој триумф беше осигуран уште пред Иранците воопшто да излезат на гласање. Таканаречениот Совет на чуварите на револуцијата, кој ги одобрува кандидатите за парламентарните избори, не им даде дозвола на над половина од кандидатите. Тој од трка ги исклучи речиси сите политичари кои се под сомневање дека се реформатори. Значи, однапред беше јасно дека не може да се очекуваат изненадувања и дека меѓу новите пратеници нема да има такви кои би заговарале политичко и културно отворање на земјата

Избори со козметички грешки

Меѓутоа, еден детал е вознемирувачки за Хамнеи - историски нискиот одзив на изборите. Тоа беше најнискиот одзив во 40-годишната историја на Исламската Република. И тоа иако изборните места беа отворени шест часа подолго од првично предвиденото. Очигледно тоа беше единствена можност за одзивот да не падне на ниво кое би било непријатно дури и за хардлајнерите. Така остана барем привидот на политичка легитимност. Според официјалните резултати, на изборите излегоа 42% од избирачите и тоа на резултатот му дава половично прифатлива основа.

Керстен КнипФотографија: W. Knipp

Тоа не му е од полза на јасното мнозинство Иранци кои не излегоа на гласање. Тие мора да се помират со политичка реалност која во нивно име ја одбра малцинството во земјата. На масата апстиненти од почетокот ѝ беше јасно дека нивниот глас ништо не бил значел. За кого да гласаат? На листите едноставно немаше либерали, реформски ориентирани кандидати. Висок одзив само би ѝ дала дополнителна легитимација на политиката на Хамнеи „и во иднина како досега“. 

Старецот и младите

За жалење се пред сѐ младите негласачи. Тие и натаму мора да живеат во апсурдна ситуација - за нивната иднина да одлучува старец на возраст од осумдесет и кусур години. И по повеќе од 30 години власт, Хамнеи очигледно не сака да ја препушти власта на друг, тој и натаму еднакво им го наметнува на Иранците својот светоглед. Ајатолахот и неговите послушници и натаму ја спроведуваат својата политика, ако треба и со примена на сила, како што се покажа последните месеци - според агенцијата Ројтерс, на протестите во октомври биле убиени над 1500 демонстранти. Изгледа дека толкава цена во човечки животи сосема им одговара на Хамнеи и неговата клика кога се работи за продолжување на курсот кој го имаат предвидено за Иран.

Меѓутоа, токму нискиот одзив на изборите остава простор за да се препознае јазот кој ја дели земјата. Приврзаниците и противниците на режимот стојат непомирливо едни наспроти други. За стабилност на земјата не може да придонесе тоа што огромно мнозинство од луѓето смета дека власта не ги сфаќа сериозно во политичка смисла. За Хамнеи и неговиот режим доаѓаат турбулентни времиња.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми