Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на одбележувањето на Денот на независноста ги нападна демонстрантите против расизмот. Корона-кризата тој не ја спомена ниту со збор.
Реклама
Америка во борба на култури - сценариото коешто претседателот Доналд Трамп го исцрта на подножјето на Маунт Рашмор е мрачно: „Нашата нација во моментов е сведок на бесчувствителна кампања со цел да се избрише нашата историја, да се наклеветат нашите херои, да се избришат нашите вредности и да се индоктринираат нашите деца.“
Разбеснети толпи се обидуваат да ги урнат статуите на основачите на земјата и да предизвикаат бран на насилство во градовите, рече Трамп. Но, овој споменик нема никогаш да биде осквернавен, овие херои нема никогаш да бидат унаказени, нагласи Трамп пред споменикот на четворицата претседатели - Вашингтон, Џеферсон, Рузвелт и Линколн во Јужна Дакота.
Аплауз од приврзаниците
Околу 7500 приврзаници ги поздравија бучно со одобрување неговите зборови, многумина носеа црвени Трамп-капи.
Тоа што во речиси сите сојузни држави на САД забрзано се зголемува бројот на новоинфицирани со коронавирус, на Маунт Рашмор не беше спомнато ниту со збор. На телевизиските снимки се гледа дека само малкумина носат заштитини маски. Нема да има барање за дистанца, најави уште претходно гувернерката Кристи Ноем.
Длабоката криза во која се наоѓа Америка поради корона-кризата не беше вредна за спомнување од страна на Претседателот во предвечерието на Денот на независноста. Наместо тоа, тој ги остри приврзаниците за борба против левичарска револуција, левичарски фашизам, кој наводно бара апсолутна потчинетост.
„Овој напад мора да престане“
„Овој напад врз прекрасната слобода мора да биде запрен и ќе биде запрен“, вети Трамп. Претседателот со тоа очигледно алудира на протестите кои почнаа на крајот на мај, по насилната смрт на Афроамериканецот Џорџ Флојд предизвикана од страна на полицаец белец.
Оттогаш во САД интензивно се дискутира за полициското насилство и расизмот. Во повеќе сојузни држави беа урнати статуи на историски личности кои се поврзуваат со расизам. Американските демократи сакаат да се остранат спорните статуи од Конгресот. Се бара и преименување на некои воени бази кои потсетуваат на лидерите на Конфедерацијата во американската граѓанска војна.Трамп се спротивставувана сето тоа. Огромните глави-статуи на претседателите Џорџ Вашингтон, Томас Џеферсон, Теодор Рузвелт и Абрахам Линколн, веројатно им даваат соодветна рамка на неговите пораки испратени од Маунт Рашмор.
Протести против колонијализмот и расизмот
Антирасистичките протести по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд го подгреаја конфликтот околу колонијализмот. Во Европа и САД се оштетуваат, уништуваат и отстрануваат споменици.
Во изминатите години имаше повеќе конфликти околу статуата на Едвард Колстон во Бристол. Сега демонстрантите го извадија споменикот од неговиот постамент и го фрлија во пристаништето. Колстон работел за Кралско-африканската компанија, која поробувала 5000 луѓе годишно. Подоцна влегол во историјата како филантроп поради неговите донации за училишта и болници.
Активисти го обвинуваат иницијаторот на извидничкото движење Роберт Баден-Пауел за расизам, хомофобија и восхитување со Адолф Хитлер. Неговата статуа се наоѓаше во Браунси, во јужна Англија. По уништувањето на првите споменици во текот на антирасистичките протести, локалната власт во знак на претпазливост самата ја отстрани статуата на Баден-Пауелс.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Matthews
Леополд Втори и белгискиот колонијален режим
Во Белгија има многу статуи на кралот Леополд Втори. Монархот кој владеел со земјата од 1865 до 1909 година, во Конго создал брутален колонијален режим, кој важи за еден од најнасилните во историјата. Повеќе статуи на Леополд Втори беа испрскани со боја. Оваа, во предградието на Антверпен, Екерен, беше транспортирана во музејскиот магацин од страна на властите.
Фотографија: Reuters/ATV
Кристофер Колумбо – помеѓу почит и презир
И во САД се разгоре судир околу спомениците на контроверзни личности. Гневот на демонстрантите е насочен, меѓу другото, против Кристофер Колумбо. Оваа статуа на морепловецот во Бостон, остана без глава. Домородците во северна Америка го отфрлаат оддавањето чест на Колумбо, поради тоа што велат дека неговите експедиции овозможиле колонизација на континентот и геноцид на индигените народи.
Фотографија: Reuters/B. Snyder
Контроверзно сеќавање: Статуа на Колумбо во Чиле
Колумбо за некои е една од најзначајните личности во светската историја, за многу луѓе во Латинска Америка, меѓутоа, неговото име се поврзува со почеток на ера на страдања. Од аспект на индигените народи, шпанскиот колонијализам е темно поглавје во нивната историја. И во Латинска Америка во минатото се уништувани и оштетувани статуи на Колумбо.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Boensch
Џеферсон Дејвис во визир на демонстрантите
Џеферсон Дејвис бил претседател на Конфедеративните држави на Америка и еден од водечките политичари во Граѓанската војна. Статуата на Дејвис сега е испрскана со боја и откорната. Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом во САД, пледира за отстранување на статуите на претставниците на Конфедеративните држави. Овие луѓе застапувале „свирепост и варварство“, изјави демократката Пелоси.
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla
Роберт Ли ја подели Америка
И оваа статуа на Роберт Ли, генерал на конфедеративната армија во американската граѓанска војна, би требало да биде отстранета. Во Ричмонд, во американската сојузна држава Вирџинија, споменикот ќе биде отстранет по налог на гувернерот Ралф Нортам. Многу Афроамериканци во статуите на политичарите и војниците од Конфедеративните држави на Америка гледаат симболи на угнетување и ропство.