1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Уметност

Музејот „Пабло Пикасо“ во германскиот град Минстер

13 септември 2021

Музејот „Пабло Пикасо“ во Минстер денес има европско и светско значаење, а онаму каде што има музеј на Пабло Пикасо не може да биде провинција! Пишува Кица Колбе

Deutschland, Kunstmuseum Pablo Picasso Münster
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

Според бројот на жители германскиот град Минстер не се разликува многу од Бон. И едниот и другиот имаат малку повеќе од триста илјади жители. Двата се универзитетски центри со универзитети основани од пруските кралеви. Иако минстерскиот е основан 1902-тата, а бонскиот универзитет на почетокот на деветнаесеттиот век, Минстер има исто толку стар темел во универзитетската традиција, затоа што уште на почетокот на седумнаесеттиот век таму бил основан езуитски колегиум. И двата универзитета се сместени во великолепните зданија кои порано биле замоци. Сепак, Бон е многу познат и надвор од границите на Германија како универзитетски и културен центар токму затоа што до германското обединување беше седиште на сојузната влада.Тоа што од малечкиот идиличен универзитетски град на реката Рајна со формирањето на С.Р.Германија по војната се преобрази во модерен културен политички и стопански центар, со многу богат културен живот, се должи на фактот што тој стана седиште на новата германска влада. Дури и кога таа се пресели во Берлин, Бон остана и понатаму значаен културен центар, за што сведочи не само фактот што во него е роден Бетовен, туку и постоењето на прочуената Бетовенхале, како и музејот „Бундескунстхале“, а и Музејот на германската историја.

Музеј на Пикасо

Затоа пак градот Минстер е прочуен по една друга културна атракција: во него се наоѓа музејот „Пабло Пикасо“! Тоа е единствениот музеј во Германија посветен на бездруго најпознатиот ликовен уметник на дваесеттиот век. Музејот беше основан 2000-тата година за да се смести во него најголемата збирка на литографии од Пабло Пикасо. Покрај неговите дела, во музејската збирка се наоѓаат и дела на уметниците Жорж Брак, Хуан Миро, Анри Матис и Марк Шагал. Музејот се наоѓа во прочуениот стар центар на Минстер, на плоштадот Пикасо (Picassoplatz Nr. 1), во Кенигстраше ( Königstraße), една од најубавите улици во старото јадро на Минстер.

Црниот бокал и череп, литографија на Пабло Пикасо во Музејот „Пабло Пикасо“ во МинстерФотографија: Sucession Picasso/VG Bild-Kunst

Зданието во кое е сместен музејот и самото е споменик на културата, затоа што е поранешен благороднички замок, изграден на крајот на осумнаесеттиот век. Темелот за музејот беше неверојатно богатата збирка со дела од Пикасо на германскиот историчар на уметноста Герт Хујзинга (Gert Huizinga, 1927-2018), кој уште 1950-тата ја купил првата литографија од Пабло Пикасо.

-претходни колумни од авторката: Реките и нивните приказни, дамнешни и денешни - Мозел и Вардар

Неговото пријателство со Мари-Терез Валтер, животната сопатничка на Пикасо, го поттикнало се‘ почесто да купува литографии од прочуениот Шпанец. Збирката која Хујзинга ја отстапил на градот Минстер за да може да биде пристапна за целокупната културна јавност во Германија, на крајот содржела 800 литографии. Таа го содржела речиси целото творештво на Пикасо во графичкиот жанр на литографијата. Во музејот постојано се одржуваат различни изложби со дела на Пикасо и на неговите современици и пријатели кои заедно со него го обликуваа творечкиот дух на времето во кое живееја.

Скапоцени збирки

Имено, 2004-тата банката „Шпаркасе Минстерланд ост“ му ја отстапи на музејот збирката со 208 дела на Жорж Брак, кој заедно со Пикасо учествуваше во создавањето на кубистичкиот правец во ликовната уметност. Збирката содржи дела на Брак од 1926-тата до 1963-тата. Меѓу нив има неколку од најубавите графики на Брак, со оној чудесно игрив интензивен колорит, толку типичен за големиот волшебник на бојата и линијата, но и неколку ретки рељефи и керамики.

-претходни колумни од авторката: Бегалците отсекогаш и насекаде ги сместуваат во предградијата

Само четири години подоцна истата минстерска банка му отстапи на музејот уште една скапоцена збирка. Се работеше за 137 графики од Марк Шагал, кои прочуениот уметник со руско-еврејско потекло ги беше изработил во периодот од 50-тите до 60-тите години во Франција. Шагал ги печател своите литографии и дрворези во истата печатница во Париз, со која соработувале и Пикасо и Брак. Во 2012-тата на музејот „Пабло Пикасо” му успеа со помош на истата минстерска банка да ја збогати својата збирка со нови дела на Пикасо, со тоа што оваа банка трајно му ја отстапи својата збирка од 101 линорез, во која доминираат темите од шпанската корида и античките митолошки мотиви. 2015-тата музејот се збогати и со збирката од 121 дело од Анри Матис. Донаторот беше повторно прочуената минстерска банка.

Моќта на уметноста

Музејот „Пабло Пикасо“ денес има европско и светско значаење, а со тоа се збогати и целокупната култура во Минстер. Впрочем, онаму каде што има музеј на Пабло Пикасо не може да биде провинција! Историјата на неговото настанување сведочи не само за големата љубов на луѓето како Герт Хујзинга за уметноста на Пикасо. Таа сведочи и за харизмата на особените уметнички колекционери, кои своите скапоцени уметнички дела секогаш сакаат да ги делат со целиот свет. Но, пред се‘, со своите сограѓани. Секако, неговата збирка не ќе можеше да се надградува без континуираното донирање на понатамошни збирки од страна на минстерската банка. Прилогот на оваа банка претставува многу значаен творечки, културен и педагошки фактор. За разлика од многу други богати банкари, овие биле свесни за тоа колкава е улогата на културата во воспитувањето и обликувањето на естетскиот вкус на граѓаните.

Кица Колбе, автор на текстотФотографија: Privat

Воопшто, колкава е улогата на музеите за секој град. Ова сознание уште не созреало кај македонските стопанственици, затоа што во македонското општество уште не е обликувана свеста за културата како значаен фактор во хуманизацијата на целокупниот живот во градовите. Сигурно постојат колекционери на уметнички дела и во Македонија, чии збирки можеби не содржат скапоцени дела на Пикасо или Матис, но бездруго на многу познати, одамна починати македонски уметници, со што нивните дела не се повеќе достапни за поголем број луѓе.

-претходни колумни од авторката: Кога антиваксерите се споредуваат со Евреите

Зошто не им паѓа на ум на македонските колекционери да поттикнат да се изградат уметнички музеи во помалите градови во Македонија, за кои тие би можеле да ги отстапат своите лични уметнички збирки? За тоа треба тие барем еднаш да го посетат музејот „Пабло Пикасо” во Минстер и да се инспирираат на сличен културен потфат. До крајот на септември во музејот во Минстер уште трае извонредната изложба „Галеријата на улицата. Уметноста на плакатот.Од Пикасо до Полок“ ( Die Galerie der Straße. Plakatkunst. Von Picasso zu Polock).

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми