1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Мултиетничко Косово или етничко чистење“

30 април 2004

“Франкфуртер алгемајне“ донесува поголема статија посветена на ставовите на првиот претседател на РМ, Киро Глигоров, за односите во балканскиот регион и за неговата иднина

Американски војници на Косово
Американски војници на КосовоФотографија: AP

Во бирото на првиот претседател на Македонија е забележлива голема раздвиженост. Иако во поодминати години, тој е сепак многу баран и ништо не упатува дека во тоа може нешто да се измени по неговиот 87-ми роденден во мај. Тој најчесто се воздржува од коментирање на дневната политика, но кога сака нешто да каже, тогаш секако добива доволно големо внимание. Тој впрочем во целиот регион важи како авторитет, чие мислење се почитува.

Што се однесува до неодамнешните немири на Косово кон средината на март, во кои 19 лица беа убиени, а повеќе илјади Срби беа протерани од националистички настроени Албанци, Глигоров не молчеше: “Или ќе има мултиетничко Косово или пак етничко чистење. Не е јасно дали овој проблем може сосема да се реши преку давањето независност на Косово“ - изјави Глигоров во еден разговор за нашиот весник. Доколку политичките лидери на Албанците по евентуалната независност се стремат кон обединување со Албанија, тогаш тоа веројатно ќе води кон нова војна на Балканот. “Не очекувам доброволно откажување од територии! – нагласува Глигоров и додава дека пан-албанската идеја и понатаму опстојува.

Развојот во соседната покраина се следи во Македонија со особено внимание, не само од војната што НАТО во 1999. ја водеше против Југославија на Слободан Милошевиќ на ваму. Тогаш малата држава, чие албанско малцинство веќе сочинува една четвртина од вкупното населние, прими преку 250.000 бегалци од Косово. Кај мнозинското словенско население уште претходно постоеше стравот дека Албанците во Македонија планираат да се отцепат и подрачјата што ги населуваат да ги приклучат кон Косово. Раководните политичари на Албанците го негираат постоењето на вакви намери.

Македонците не очекуваат многу поддржувачки став всушност од ниту еден од четирите соседи и покрај политичкото попуштање од изминатите години. “Низ историјата нашите соседи тврдеа дека не постои македонски народ. Голем дел од Србите смета дека Македонците се всушност јужни Срби. Но јас не познавам ниту еден Македонец кој за себе вели дека е јужен Србин“ - појаснува Глигоров. “И Бугарите сметаат дека имаме заеднички корени и дека сме всушност Бугари. А пропагандата на грчката Црква, како и на дел од грчките политичари, мисли дека сите луѓе до висината на главниот град Скопје се Грци.“ Дека е така потврдува и фактот што сите грчки влади до сега не ја признаа Македонија под нејзиното уставно име, така што земјата им пристапи на ОН во 1993. година под името “Поранешна југословенска република Македонија“. “Секој народ има право сам да реши како ќе се вика неговата држава“ - го критизира Глигоров ваквиот став на Атина, кој е образложен со наводниот страв од територијатлни претензии на Македонците кон истоимената северна грчка покраина. Тој исто така, осврнувајќи се на грчкиот алтернативен предлог за име на македонската држава, вели: замислете си САД да ги крстиме “Поранешна колонија на Велика Британија“. И другиот од предлозите, Македонија да се вика “Централнобалканска Република“ Глигоров го отфрла: “Ние не сме ниту централно-балканска, ниту поранешно југословенска, ние сме едноставно нова држава!“

Глигоров не верува дека ќе се најде решение за името на државата уште за време на неговиот живот. Тој како државник многу повеќе надежи вложува во апликацијата на неговата земја за членство во ЕУ. Околу 80% од граѓаните на Македонија се за членство во Унијата, а и во НАТО, посочува Глигоров. Неговата земја во 90-тите години се придржуваше до економските санкции против режимот во Белград, што наиде на позитивни оценки од западните партнери. “Нас не викаа тогаш оаза на мирот и ни ветуваа скорешно членство во ЕУ и во НАТО“ се сеќава Глигоров. Сега е време за повикување на овие ветувања и за оддавање почит на улогата што Македонија ја одигра за време на војните на Балканот! – смета авторот на статијата во “Франкфуртер алгемајне“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми