Исламофобните испади секогаш одново го лансираат Дрезден на насловните страници- така е и по двете подметнати експлозии во неделата. Второто, космополитско лице на градот, исто така е присутно, но ретко се истакнува
Реклама
Десетгодишниот Ибрахим возбудено истрчува од џамијата и разгледува наоколу за да види што се случило пред вратата на неговиот дом. Многу нешта се случија таму од неделата кога експлодираше експлозивна направа. Соседите доаѓаат да изразат поддршка, полицијата стражари на аголот, фото-репортери и сниматели одново ја снимаат штетата.
Махмут Бачару го враќа Ибрахим назад во куќата. Тој е член на ткн. џематски одбор во таа дрезденска џамија која и припаѓа на турската заедница. „Веќе 20 години живеам овде и вакво нешто не сум доживеал. Не сакам повеќе ни да го доживеам. Дрезден е така убав град- зошто некои луѓе сакаат да го расипат?“
Десничарски екстремизам и расизам во Саксонија
Напаѓачите се уште се на слобода, но полицијата се сомнева на ксенофобични мотиви. Дополнително, нападот можеби е поврзан и со експлозијата пред Конгресниот центар каде в понеделник на 3 октомври треба да биде прославена 26. годишнина од германското обединување. Еден извештај на Владата неодамна укажа на десничарското исламофобно насилство на истокот на Германија, пред се во Саксонија. Оваа покраина е тажен рекордер по бројот на организирани неонацисти по глава на жител.
Маркус Кемпер веќе 15 години ги обиколува жариштата на ксенофобијата во Саксонија. Тој е во мобилниот тим „Културно биро“, здружение кое советува организации или заедници во кои ќе се појават неонацисти. „Во последните две години бројот на десноекстремни напади во Саксонија се зголеми за 90 проценти. Тоа секако има врска со вжештената атмосфера и демонстрациите на Пегида“, вели Кемпер.
И изминатиот понеделник, еден ден по нападите, низ Дрезден шетаа 2.500 луѓе под паролата „Патриотскио Европејци против исламизацијата на Западот“. Лудвиг Ренхолт (25) ги набљудува нивните транспаренти и си запишува нешто во телефонот. Речиси секој понеделник доаѓа- да набљудува. Ангажиран е во Твитер проектот Цвркотење на улиците (Straßengezwitscher) кој ги следи акциите и демонстрациите поврзани со темата бегалци и миграции. „Точно бележиме што се говори и случува тука, така што никој потоа не може да одрекува одговорност“, вели тој. Само во текот на таа ноќ, Ренхолт испраќа 22 твитови од прошетката на Пегида.
„Пегида е одговорна што атмосферата стана вжештена, но ние сакаме да се спротивставиме на тоа. Да повлечеме јасна линија што смее, а што не смее да се каже, да го издвоиме она што е чисто десничарски, нечовечки начин на размислување“, раскажува Ранхолт, инаку апсолвент на студиите по хемија.
Десницата маршира низ Европа
Десничарските партии во опсег од демагошки движења кои мобилизираат луѓе врз основа на страв, до екстремни десничари, се во подем ширум Европа. Некои веќе владеат, a некои сонуваат за тоа.
Фотографија: picture alliance/dpa
Унгарија: Фидес и Јобик
Национално-конзервативната партија на премиерот Виктор Орбан - Фидес, има апсолутно мнозинство во парламентот. Од 2010. тоа мнозинство Орбан го користи за потчинување на институциите и медиумите, и покрај протестите од странство. Десно од него е големоунгарскиот, неофашистички Јобик, трета партија според популарноста во Унгарија.
Фотографија: Reuters/Laszlo Balogh
Полска: Право и правда
Национално-конзервативната партија на Јарослав Качински на изборите минатата есен освои апсолутно мнозинство. Потоа уследи донесување закони кои ја ограничуваат независноста на Уставниот суд и на јавниот медиумски сервис. Десно од нив е движењето Кукиз15, на поранешниот рок музичар Павел Кукиз, кое освои околу 9 отсто од гласовите на изборите и се залага за подигнање ѕид кон Украина.
Фотографија: Imago/Eastnews
Франција: Национален фронт
Жан-Мари Лепен ја основаше партијата уште во далечната 1972, но дури неговата ќерка Марин Лепен од неа направи најсилна политичка групација во Франција. Националниот фронт тврди дека Франција е загрозена од исламизација и се залага за заострување на казнената политика против криминалците од странско потекло.
Фотографија: Reuters/J.-P. Pelissier
Холандија: Партија на слободата
Партијата на Герт Вилдерс веќе 10 години е во холандскиот парламент. Актуелните анкети покажуваат дека неговата Партија на слободата би добила преку 30 отсто од гласовите. Вилдерс бара излегување на Холандија од ЕУ и користи жестока антиисламска реторика.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Австрија: Слободарска партија
Норберт Хофер е на пат да стане претседател на Австрија. Слободарската партија одамна е најсилната партија во Австрија, пред социјалдемократите и конзервативците. Многу Австријци со задоволство би го виделе партискиот шеф Ханс-Кристијан Штрахе како канцелар. Партијата е скептична кон ЕУ, ја подгрева атмосферата против странците и бегалците. Мото: Австрија пред сѐ!
Фотографија: Reuters/L. Foeger
Велика Британија: УКИП
Лани, партијата на Најџел Фараж освои 13 проценти од гласовите, но поради мнозинскиот систем доби само едно пратеничко место. Од основањето во 1993 година целта е излегување на Британија од ЕУ. Се заговара и поостра контрола на доселувањето и намалување на социјалните трошоци за мигрантите низ отфрлање на „мултикултурализмот“ и „политичката коректност“.
Фотографија: Reuters/V. Kessler
Италија: Северна Лига
Оваа десничарска партија во последните 30 години повеќе пати беше дел од владејачката коалиција, но по корупцискиот скандал во 2012 година одвај го мина цензусот. По избувнувањето на бегалската криза, партискиот лидер Матео Салвини поттикнува ксенофобија против странците, па партијата сега има поддршка од 14 проценти. Една од целите е и отцепување на богатиот север на Италија.
Фотографија: Reuters/Max Rossi
Грција: Златна зора
Екстремните десничари на минатите избори освоија 7 отсто од гласовите. До почетокот на финансиската криза во 2009 година беа целосно безначајна групација. Но, двојната криза со бегалскиот бран и големата невработеност им донесе раст на популарноста. Против речиси целиот партиски врв се водат судски постапки за основање на криминална организација.
Фотографија: Reuters
Шведска: Шведски демократи
Големиот бран бегалци во Шведска придонесе за раст на популарноста на оваа партија, која во моментов е на трето место, зад социјалдемократите и конзервативците. Според анкетите, партијата има поддршка од 17,7 отсто граѓани. Групата е национално ориентирана и критична кон ЕУ и САД. Се залага за „хомогено општество“ и против „мултикултурни експерименти“.
Фотографија: Reuters/J.Henriksson
Србија: Српска радикална партија
Војислав Шешељ уште од 1990-те се залага за Голема Србија на сметка на соседите и ја пропагира четничката идеологија. По ослободителната пресуда во Хаг, радикалите на Шешељ освоија 8 отсто од гласовите на изборите во Србија. Во партијата „Двери“ тие добија парламентарна конкуренција во крајната десница.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic
10 фотографии1 | 10
Монтеги од Алепо, Капулети од Дрезден
Сликата на Дрезден како град на Пегида и неонацисти ги прикрива илјадниците ангажирани граѓани кои со години претставуваат космополитско и шарено лице на градот. Всушност, нив ги има се повеќе откако се појави Пегида. Една од иницијативите е онаа на театарот „Штатсшаушпил“ наречена „понеделничко кафе-пиење“. Тоа е можност бегалците да добијат совети и да остварат контакти. Темите стигнуваат и на бината на овој театар, на пример Ромео и Јулија во која играат германски и арапски момчиња и девојки. Во оваа инсценација, семејството Монтеги доаѓа од Алепо, а Капулети од Дрезден.
„Секако дека е важно што како театар имаме јасна позиција и велиме: еј, ова се вредностите кои ги браниме од бината и кои сакаме заедно да ги живееме“, вели Давид Ленард, организатор на иницијативата. Се надева дека уште повеќе граѓани ќе му се придружат.