1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Мундијалот во Русија не беше фестивал на Путин

Јури Решето
14 јули 2018

Светското првенство што привршува, во секој поглед донесе изненадувања. Најголемото и најубавото беше веселото расположение во руските градови, смета Јури Решето.

FIFA Russland WM 2018 Fanfest russische Nationalmannschaft in Moskau
Фотографија: Reuters/G. Garanich

Дали Светското првенство ја промени Русија? Да. Долгорочно? Изгледа не. Но, турнирот придонесе земјата еден месец да биде шарено обоена наместо во сивило, храбра наместо исплашена, како за надворешниот свет, така и за луѓето што живеат таму. Иако во изминатите денови под многуте бои на навивачите го гледав сивилото на руската полиција, по исклучок не беше првото што ми падна на памет ограничувањето на слободата на говорот, туку безбедноста на најголемиот спортски настан чиј домаќин беше Русија и тоа успешно.

Метрополите на Русија како европски градови

Клучно за успехот беше уникатниот микс од безбедност и релаксираност кој Москва и другите места на кои се играа натпреварите ги направија европски градови. Не беше ниту Вифи-то, ниту преносот во живо на натпреварите во метрото, ниту бесплатните возови од руската железница, а ни хајтек автобуските постројки на кои можеше да се полнат мобилни телефони. Сите профитираа од сето тоа, но многу побитно беше чувството дека можеш да си бидеш токму таков каков што си.

На терасата од еден бар врескаа „Гоол!“ кога ќе паднеше гол. Спонтано се прегрнуваа непознати луѓе, од радост или пак за утеха. На тротоарите се танцуваше, се пиеше алкохол без да се витка шишето во хартиена ќеса. Се флертуваше со Бразилци, и покрај предупредувањата од „чуварите на моралот” во Думата. Со Мексиканците се наздравуваше за мирот во светот и потоа опиени се враќаа на трактори во градот. Се потсетуваа на зборчиња англиски што ги учеле на училиште за да му објаснат на иритиран навивач на Саудиска Арабија дека Новгород каде што слетал не е Нижни Новгород каде што инаку требало да слета за да го гледа натпреварот на неговата земја. Потоа на истиот навивач му помогнаа да го букира тикетот, му подарија тегла домаѓни кисели крастваички и му посакаа среќен пат до вистинскиот Новгород – сето тоа беше Светското првенство, кое пред се беше за народот, а не за државата.

Јури Решето, автор на коментарот

Народот, тоа беа десетици илјади доброволци, стотици илјади странци и милиони руски навивачи. За нив беше Светско првенство на безбедни градови, на фантастично време, на убаво пиво и особено важно, на сензационално добрата руска екипа за која никој не веруваше дека ќе успее да влезе во четвртфинале. Особено последното придонесе за расположението во земјата.

Фудбалот донесе надеж

И не беше Светско првенство на Владимир Путин, како што пред почетокот го викаа, бидејќи и покрај тоа што претседателот Путин ја имаше целосната одговорност за организацијата, сепак не можеше на своите граѓани државнички да им нареди да бидат весели и добродушни домаќини. Точно е секако дека Путин, на Запад изолиран и санкциониран, меѓунаодно профитираше од успехот на турнирот, но не само тој. А, за легитимирање на системот во неговата земја секако не му беше потребно светското првенство.

При сета еуфорија, првенството нема да им го направи животот на Русите на долг рок полесен, ниту политички, ниту економски. Напротив. Владата планираше пред и за време на светското првенство да протне неколку закони кои ќе им го отежнат секојдневието. Но, фудбалот дава надеж: надеж дека земјата еден ден нема да се поврзува само со Скрипал, Донбас или санкциите. Надеж дека по финалето нема да се случ нешто што ќе потсетува на драматичните случувања во Сочи 2014та кога Русија го анектираше Крим. Надеж дека рускиот театарски режисер Кирил Серебреников кој е во домашен притвор нема да заврши во затвор и дека украинскиот режисер Олег Сензов кој се наоѓа во руски казнен логор сепак ќе може да биде разменет за руски затвореници во Украина. Надеж дека Русија која на светот му го покажа насмеаниот лик, нема на светот повторно да му покаже заби.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми