Муслиманското братство на терористичка листа
26 декември 2013Египетската влада вчера го прогласи Муслиманското братство за терористичка организација. Денеска египетските власти покренаа обвиненија против 16 поддржувачи на Муслиманското братство. Тие се уапсени под обвинение за „промовирање идеологија на Муслиманското братство, дистрибуирање флаери и поттикнување насилство против армијата и полицијата“.
Муслиманското братство беше ставено вчера (25.12.2013) на црната листа како терористичка организација, како одговор на самоубиствениот напад што се случи ден претходно во делтата на Нил, при што беа убиени 16 лица. Египетските власти го обвинија Муслиманското братство за ставање на бомбата. Тоа, пак, ги отфрли ваквите обвинувања.
Портпаролот на египетското МВР, Хани Абдел Латив, рече дека секој кој ќе учествува на протестите на Муслиманското братство ќе биде осуден на пет години затвор. „Казната може да биде смртна за оние кои ја водат оваа организација“, додаде тој.
Приврзаниците на Муслиманското братство објавија дека ќе ги продолжат протестите против армијата, кои се одвиваат од соборувањето на првиот демократски избран претседател во земјата, Мохамед Мурси.
„Пучистите се терористичка организација. Во Братството се мирољубиви патриоти“, стои во изјавата.
Во неделите по соборувањето на Мурси безбедносните служби убија илјадници од неговите приврзаници, а беа приведени и илјадници лица, меѓу кои и врвот на раководството на Муслиманското братство. Државното обвинителство минатата недеа побара, меѓу другото, на Мурси да му се суди и за тероризам, за што тој и други обвинети лица би можеле да бидат егзекутирани.
Владиниот кабинет информираше дека за тероризам ќе биде обвинет секој кој ја финансира или „вербално или во пишана форма“ ја промовира групата.