1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мутави до НАТО

Гордан Георгиев
24 септември 2019

Мутави до НАТО а потоа релаксирани околу ЕУ. Тоа е рецептот. Преговорите во ЕУ ќе не’ стават во европската сфера, во која реално и се наоѓаме. Ќе се однесуваме пристојно кон сите непристојности. Пишува Гордан Георгиев

Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Мутави до НАТО. Тоа е стратегијата на владата која ние граѓаните би било полезно да ја прифатиме и да се помириме со неа. Во ова нема иронија. Јасен е трендот на провокации од нашите добрососеди Бугарија и Грција. Бугарија постојано долева мафтајќи со европското знаме на јарболите на Ѓуешево. Повеќето од тие провокации се за нивна домашна (у)потреба, но тие нема да престанат. Кога соседот е кревок, добрососедите на Балканот ликуваат и прават стратегии како да биде доослабен. Грција, преку дозирани пораки, данајски несебично апелира Македонија и Албанија да одат во пакет на патот кон ЕУ. Нашиот министер за надворешни работи е на лизгав терен со новата грчка влада, којашто (повторно за свои домашни потреби) ги покажува своите атрофирани мускули токму на нас, а цели кон Албанија. Оваа инверзија на стариот принцип „раздели па владеј“ е доказ дека Македонија постојано ќе се соочува со неправди, но концептот на „неправда“ е само за домашна употреба, бидејќи надворешната реал-политика не познава такво нешто. За датумот за почеток на преговори по се’ изгледа повторно ќе се испокараме по партиска линија, но тој веќе навистина не е битен. Како кога правиме голема роденденска забава: таа е успешна или неуспешна, но мамурлукот и обичниот живот продолжуваат веќе следниот ден.

Сепак, ни Бугарија ни Грција ја немаат силата да не’ спречат на патот кој реално го трасиравме сами со решавањето на проблемот со името. Патот кон НАТО можеби не е послан со рози, но валјаците отаде Атлантикот се решени да ни го раскрчат и тука нема простор за сомнеж или загриженост. Дополнителните лажни вести кои си ги самонаметнавме (датумот е добиен, економијата веднаш ќе процвета, правда ќе има итн.) нема да го поколебаат валјакот, но затоа го тресат кредибилитетот на Владата и нејзината постојаната потрага по убави вести.

Вистинските предизвици тукушто почнуваат

А не е само Владата кревка, целото наше општество е кревко. Добра и точна е констатацијата дека веќе сме изморени од кризата, но уште пострашно е дека уморот нема да имаме луксуз да го компензираме со мирен сон. Ни сон, ни дерман нема да има оваа држава во догледно време. Напротив, вистинските предизвици (сега кога темелната дестабилизација е ставена ад акта) тукушто почнуваат. И тоа е добро, бидејќи ќе покаже дека сепак во нас останала некаква виталност. Ако покаже. Очигледно дека форсирањето на економијата, покачените плати и инвестициите беа и се краткорочен медикамент за задоволување на таргетирани групи на гласачи. Ама сега, кога пред наши очи го чувствуваме постојано одложуваниот распад на правната држава, дури и тие намирени гласачи почнуваат да сфаќаат дека ако нема расположение за водење на држава, за јасни правила на игра и за извесна иднина, налет и парите и вработувањата. Особено ако се живее во постојан страв за денот кога на власт ќе дојдат „другите“. Последните сериозни анкети покажуваат глад на граѓаните за правна држава, без разлика како секој од нас го разбира овој концепт. Внатрешниот немир кој ни доаѓа е врзан токму со тоа непријатно чувство на несигурност и бесперспективност. И ова прашање се’ повеќе ќе биде присутно во свеста на граѓаните, и ќе биде испорачано како профактура веќе на следните избори. Штета што Владата е влезена во психологија на типична власт, неразбирајќи дека времињата се нетипични. Да разбереа, верувам дека можеа поинаку да го постават целиот мизансцен. Наместо очајнички да се борат за успех повеќе и да се подготвуваат за избори, требаше уште одамна едноставно да прогласат стечај на општеството и да се фатат со реконструкција на правните темели на државата. А можеби се’ уште не е доцна. Бидејќи тоа ќе биде главниот адут на следните избори.

Македонија или ќе се упристои или ќе потоне во заборав

Во меѓувреме, мутави до НАТО. Бидејќи оваа мутавост сепак ќе ни овозможи некаков стабилен контекст за потоа да можеме, сакале-не сакале, да се посветиме самите на себе. Таа посветеност не мора да биде експлицитно врзана со некаков датум за преговори или отварање на поглавја. Гледаме, „европскиот начин на живот“ кој го промовира новата претседателка на Европската Комисија драматично се коси со писмото коешто таа неодамна го доби од врховните судии на земјите членки на ЕУ. Овие неспорни мудреци алармираат дека владеењето на правото и независноста на судството се опасно подриени во срцето на самата Унија. Штета што земјите членки на ЕУ не можат да бидат присилени повторно да ги отворат поглавјата 23 и 24 (правда, судство, слобода), ќе беше тоа добра стартна позиција и за нас во однос на барем 7-8 актуелни членки на ЕУ.

Други колумни од авторот: 

Опозициски тактики без стратегии

Задоцнета памет

Има ли аларм во Владата

Недела на разврска

Мутави до НАТО ни доаѓа и како природна или посакувана состојба. Ние сме десензибилизирани од надворешните сензации кои постојано не’ напаѓаат. Ние не можеме да издржиме повеќе гледајќи ја ова травестија на политичките актери. И одбираме полека но сигурно да се повлечеме од општеството и да одиме во нашата природна состојба. Во таа состојба човек на човека му е волк, и тука се’ е јасно и се’ е легитимно. Барем нема лажни морали, нема непишани кодекси на однесување, нема закон и правда. Но сепак, во оваа природна состојба знаеме на што сме и знаеме дека секого мораме да го гледаме со сомничавост и преку рамо. Може ли да издржи и опстои едно општество базирано на постојана лага и сомничавост? Од позиција на оваа состојба најдобро ќе биде малку да се олабавиме. И онака веќе никој не разбира ништо, очигледно никој ништо не контролира, никој на ништо нема влијание. Плус, анестезираната јавност не е во состојба да протестира. А и против кого би протестирала? Што може да и’ се замери на власта кога и таа е во истата каша во којашто сме и сите ние? И за што би протестирале? За каква промена?

Во моментов во државава нема личност, политичар, на кого би можеле да му се лутиме. Немаме емоција кон никого. И за што би му се лутеле некому кога никој од нас нема во главата подобра, полоша или било каква алтернатива. Ја мразевме и проколнувавме Катица, ама сега откако е во притвор, престанавме и кон неа да негуваме емоции. Не ни требаат длабокоумни анализи за да сфатиме дека никаква странска сила нема потреба да се меша во нашите штипки. Ние сме толку длабоко замешани во нив што, после влегувањето во НАТО, никој надворешен нема да може да ни помогне, ниту одмогне. Бидејќи и не научивме да бараме помош таму кадешто ни треба, или да ја искористиме таа што ни беше дадена и скапо платена од некои други даночни обврзници. Се’ повеќе сум приврзаник на тезата на само-помош, особено гледајќи што се случува и претпоставувајќи што ќе се случува со Европската Унија. 

Мутави до НАТО а потоа релаксирани околу ЕУ. Тоа е рецептот. Преговорите во ЕУ ќе не’ стават во европската сфера, во којашто реално и се наоѓаме. И толку. Ќе се однесуваме пристојно, и љубезно ќе се заблагодаруваме на сите непристојности кои ќе ни бидат сервирани под превезот на аки комунотер. За сето останато што ја чини државата држава, ќе мораме сами да се потрудиме.

Ќе завршат  овие ново-транзициски приказни, ќе се расчисти оваа густа овчеполска магла и Македонија или ќе се упристои или ќе потоне во заборав. Јас останав во неа за да се упристои. Се обидувам да се дружам и да комуницирам со пристојни луѓе. Па белким ако секој од овие пристојни луѓе повлече во добар правец, ќе можеме полека да го свртиме кормилото кон помирни води. До тогаш, да останеме удобно мутави до НАТО.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми