1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Мухамед и Бисера Зеќири: Две недели ужас и неизвесност

БГ
16 јуни 2020

Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири и неговата сопруга Бисера за ДВ раскажуваат за битката со коронавирусот, тешките моменти низ кои минувале и последиците кои болеста ги оставила врз нив и тримесечната ќерка.

Mazedonien | Coronavirus | Familie Zeqiri
Фотографија: privat

Последиците од коронавирусот ќе ги лекуваме уште долго, велат Мухамед и Бисера Зеќири еден ден по излегувањето од Инфективната клиника во Скопје. Заедно со тримесечната ќерка Далиа, тие минаа две недели на Клиниката лекувајќи се од Ковид-19 или „гадот“ како што го нарекува Бисера. Носењето на бебето во болница беше првиот пресврт и најтешкиот момент, велат тие.
„По третиот ден од појавувањето на симптомите, Далиа крена многу висока температура. Прво мислевме дека топломерот е расипан - во таква ситуација човек е спремен да верува во сѐ, освен дека можеби сепак болеста зема неповолен тек. Се јавивме кај докторот и ни кажа дека ќе мора мајката и бебето да ги хоспитализираат. Следуваше панично пакување, па консултација со нашиот педијатар, па втора тура работи на брзина натрпани по торби - и страв. За цело време страв и ужас од она што те чека!“, вели Бисера Зеќири.
„Ни испратија Брза помош; во неа тројца маскирани во скафандери како од филмовите за ебола. Едниот само отвора врата внимавајќи по секоја цена да избегне било каков контакт со нас. Останатите остануваат внатре во кабината. 
Додека седев во Брзата помош гледав луѓе на улица, некој ќе го загледа комбето од љубопитност, некој со жалење, ама сите со оној поглед кога мислиш дека тоа само на некој друг му се случува...Одат еден до друг, без маски, па и со деца. Ми доаѓаше да им вриштам да не се глупираат и дека малку треба, токму толку треба за животот одеднаш да ти се движи во непознат правец и да не постои човек кој може да ти каже што може да очекуваш!“

Неверување и бес

Мухамед вели дека првата реакција откако дознале дека се заразени била- бес! 
„Прва Бисера направи тест и тоа инсистираше да и биде земен брис главно зашто разбравме дека едно лице со кое бевме во контакт ден претходно одбило да се тестира, а дента Бисера почна да поткашлува. За да бидеме одговорни какви што бевме изминатите три месеци и по препорака на педијатарот, таа без двоумење го направи тестот. Но, кога вечерта ни јавија дека е позитивен прво се погледнавме во неверување, веднаш потоа мислата ни беше за бебето, третата реакција бес. Бесен си што те ставиле и си дозволил да бидеш ставен во таква ситуација. И во тој момент е веќе попусто што и да мислиш оти факт е дека она од што си се чувал толку време, сега е во тебе. Точка“, вели Мухамед. 

„Ни испратија Брза помош; во неа тројца маскирани во скафандери како од филмовите за ебола“, вели Бисера Зеќири.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

- Повеќе на темата: Гоце Михајлоски: Скептиците мене нека ми објаснат дека „нема корона“ 

Денес тримесечната Далиа излегла од родилиштето токму во деновите кога во земјава беше регистриран првиот заразен со коронавирус. Инаку таа е најмладиот пациент заболен и излекуван од коронавирусот досега во земјата и во регионот. За да го заштитат бебето и себеси, сопружниците одлучиле воопшто да не го напуштаат својот дом во тој период.
„Мухамед немаше ниту побарано дозвола за движење за време на полицискиот час, од почетокот на март на прст се бројат ситуациите во кои излегол од дома и тоа строго за набавки“, вели Бисера.
„Ќесите од пазарење се оставаа на влез, Бисера секое едно парче го дезинфицираше пред да биде внесено и разместено", продолжува Мухамед.
„Алиштата од надвор се переа веднаш, кваки се прскаа и насекаде имавме средства иако само ние домашните си бевме дома и никој друг. Далиа излезе од родилиште токму кога беше регистриран првиот случај кај нас; првиот контакт на бебето и мајка со луѓе - со исклучок за вакцинација и контрола на ортопед - беше токму викендот кога нѐ заразија. Човек не може да не чувствува бес и горчина кога е соочен со неодговорно однесување, особено што јас самиот и со личен пример толку време бев поборник за доследно почитување на мерките. Но, исклучок направив еднаш, со поблиската фамилија, и тоа можеше да го платиме со глава“, вели Мухамед Зеќири.

Тешки симптоми

Симптомите на вирусот различно се манифестирале кај сите тројца членови на семејството Зеќири. Кај Бисера болеста започнала со кашлица, силни болки во коските и главоболка. Подоцна за време на болничкото лекување таа го изгубила и чувството за мирис и вкус. Кај Далиа болеста започнала со поблага температура, целодневна раздразнетост, плачење, затнат нос, а по три дена кренала висока температура.
Иако во првите денови откако тестот му бил позитивен, Мухамед немал никакви симптоми, неколку часа откако биле хоспитализирани и тој кренал многу висока температура која го држела 8 дена. Делумно како последица од терапијата Мухамед потоа имал гадење, нагони за повраќање, големи болки во желудникот, дијареа и поблаг наод на бели дробови. Во меѓувреме, ослабнал повеќе од 10 килограми. 
Она што ги одржувало во живот за време на двонеделниот болнички престој била Далиа, велат сопружниците. 
„На сета мака неверојатно мотивирачки е кога гледавме како 3-месечно бебе избоцкано насекаде, постојано приклучено на инфузија, сепак успева да подари насмевка на сестрите кога и да влезат да нѐ проверат. Вистинското олеснување потоа го почувствувавме откако првиот тест ни беше на сите тројца негативен!"

Денес тримесечната Далиа е најмладиот пациент заболен и излекуван од коронавирусот досега во земјата и во регионотФотографија: privat

Кога спијат лекарите?

За персоналот во болницата имаат само убави зборови.
„Она што остава впечаток е дека постојано во круг се вртат истите лица на докторите, сестрите, другиот помошен персонал. Баш се прашуваш кога тие луѓе одат дома? Кога спијат? Неверојатно посветени се, питоми, трпеливи, вредни. Се чувствувавме дека во секој момент ситуацијата ја имаат под контрола и дека ништо не им е тешко. Треба сите да се молиме тие да ни останат живи и здрави и да го дадеме својот придонес со тоа што ќе направиме сѐ во наша моќ да се заштитиме од вирусот оти сѐ друго е девалвирање на нивната работа и нивната жртва: долгите отсуства од дома, изложувањето на ризикот, заморот... Имаше една сестра која се заразила, и самата го прележала вирусот на инфективна и повторно ‘ринташе’ деноноќно таму!“, вели Бисера. 

- Повеќе на темата: Коронавирус: Висока цена поради лажните вести и неодговорноста

„Инаку, меѓусебно си коментиравме дека сите оние кои не веруваат во вирусот или мислат дека баш сега е време за забава и прослави, треба една вечер да преспијат таму и да ги слушаат сите оние пациенти кои викаат од мака!.. или на пример да ја видат кутијата лекови што Мухамед ‘оздравен’ уште еден месец мора да ги пие..." 
За семејството Зеќири двата негативни теста се победа во битката, но не и во војната против коронавирусот. Последиците, велат, се тешки. 
„Прво здравствено, Мухамед и натаму прима силна терапија. Психичките последици се потешките - ќе биде потребно уште многу време за да се ‘свари’ тоа низ што поминавме, особено товарот што го носевме од неизвесноста како и кога ќе се заврши.

Освестете се!
Од друга страна, во убаво сеќавање ќе ни останат луѓето кои ни се најдоа и уште ни помагаат за секојдневните потреби, како и илјадниците пријатели кои секојдневно се јавуваа, пишуваа, се информираа, искрено нудеа помош - дури и луѓе од кои најмалку си се надевал, или тоа си го очекувал!“, велат тие. 
„И затоа повторно апелираме - освестете се, почитувајте ги мерките. Вирусот не знае за близок и далечен. Тој е насекаде. Носете маски и со блиските.
Ако имате било какви знаци, не си играјте доктори во стилот “настинка е, ќе помине”, јавете се кај матичен, предупредете ги луѓето околу вас, изолирајте се. Немојте себеси - и уште помалку други недолжни -  да ги носите на душа. Не бегајте од тестирања, не кријте контакти.
Не е срамота да се биде болен; срамота е да се лаже за болест и да се ставаат луѓе во опасност!"

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми