1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Компјутери за МВР: фирмата во Скопје,централата во Бања Лука

4 март 2022

На македонскиот пазар нашата компанија Инфинити Енерџи ИТСС Скопје може да се пофали со еден од највлијателните проекти, вели првиот човек на Инфинити интернешнл груп од Бања Лука

Mazedonien Innenministerium Symbolbild
Фотографија: P. Stojanovski

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски обвинува, МВР демантира. Николоски синоќа изјави дека наводно фирма поврзана со синот на членот на претседателството на БиХ,  Милорад Додик,  која е на црната листа на САД, добила тендер од македонското МВР за набавка на 1.500 компјутери. МВР се огласи со демант и тврди дека станува збор за класична дезинформација без никаква основа.

„МВР има склучено договор за јавна набавка на персонални компјутери со најповолниот понудувач Друштво за производство, трговија и услуги Инфинити енерџи, ИТ Солушнс енд сервицес ДОО Скопје, по спроведената електронска аукција. Договорот е склучен на 18.01.2022 и избраниот понудувач има рок на достава на стоките до 18.04.2022. При евалуација на избраниот понудувач е констатирано дека ги доставил сите барани документи согласно Закон за јавни набавки и истиот немал изречено забрана за учество по никој основ уреден во Законот за јавни набавки. Сите услови и спецификации кои се побарани во јавната набавка се исполнети и не постои никаква можност за злоупотреба“, се вели во демантот од МВР.

Николоски на Тв Канал 5 критикуваше дека на властите од една страна устата им е полна со НАТО, ЕУ и  прозападна ориентација,  а од друга страна прават бизнис со луѓе кои се контра тоа.

„Јавноста добро знае дека  Додик е на црната листа на САД  и добро знае дека Алтернативна ТВ која што е во доминантна сопственост на Проинтер и на Инфинити, кои што се директно поврзани со синот на Додик, исто така се на црната листа на САД. МВР во јануари оваа година додели тендер од милион евра на компанијата Инфинити за 1.500 компјутери, што значи дека компанија која што е имплицирана на црната листа сега го снабдува МВР и на тој начин директно влегува во безбедносниот систем“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Николоски, оваа компанија добила и тендер во Министерството за финансии и во МАРнет, кој што ја одржува цела интернет мрежа.

Дел од групацијата ИИГ

Кое е Друштвото за производство, трговија и услуги Инфинити енерџи, ИТ Солушнс енд сервицес ДОО Скопје, кое според МВР ги исполнило сите услови побарани во јавната набавка? Според јавно достапните податоци, основано е во 2020 година, со адреса во центарот на Скопје. Нејзиниот управител во Скопје во промотивен текст од февруари минатата година, вели дека Инфинити Енерџи ИТСС од Скопје е дел од групацијата Infinity International Group (ИИГ), но без детали каде е лоцирана таа. На веб страницата на ИИГ се наведува дека таа е од Бања Лука, Република Српска. Во текст на претседателот на Управата на ИИГ, Бојан Вуjиќ, се вели дека групацијата ја сочинуваат компаниите Проинтер ИТСС, Калдера, Инфинити АДС и ЕП Мобил, кои дејствуваат на пазарите на БиХ, Aвстрија, Србија, Црна Гора и Северна Македонија.

„Иновативниот пристап во бизнисот резултираше со ширење на ИИГ нa пазарите во Северна Мaкедонија и Црна Гора (...) Нашата компанија Инфинити Енерџи ИТСС во Скопје собра сјаен тим на професионалци, кои во соработка со останатите членки веќе постигнуваат зaвидни резултати“, вели Вујиќ во текст објавен на веб страната на ИИГ.

„Мајкрософт“ ја прекина соработката со „Проинтер“

До почетокот на годинава, ИИГ и компаниите во нејзиниот состав биле редовни учесници на разни самити за дигитални технологии, објaвувале проекти за нова соработка и не привлекувале посебно внимание надвор од БиХ. На 18 ти февруари годинава босанските медиуми пренесоа соопштение од „Мајкрософт“ дека оваа компанија ја прекинува соработката со „Проинтер“. Тоа значи дека оваа компанија во состав на ИИГ повеќе не може да ги користи и продава нивните производи и програми. Иако од „Мајкрософт“ не ги навеле деталите за прекинот на соработката, медиумите во БиХ тоа го поврзаа со проширените санкции на САД за српскиот член на Претседателството на БиХ,  Милорад Додик,  односно поврзаноста на неговиот син Игор Додик во работата на „Проинтер“, согласно изјавата што Милорад Додик сам ја дал во 2019 година во собранието.

„Не е сопственик, ниту овластено лице, но е соработник на таа фирма, се занимава со нови технологии, соработува со странски фирми и има приходи од тоа“, ја објасни тогаш Милорад Додик улогата на неговиот син во „Проинтер“.

Милорад Додик - наводно фирма поврзана со неговиот син добила тендер од македонското МВР за набавка на 1.500 компјутериФотографија: AP Photo/picture alliance

Станува збор за период во кој медиумите во БиХ предупредуваат дека „Проинтер“ поради неговите врски со Игор Додик, има привилегија да добива деловни зделки на јавни тендери и сугерираат дека е клучна политичката улога и моќ концентрирана во рацете на неговиот татко.

Каkо основачи на ИИГ и на Проинтер, медиумите наведуваа три лица кои во Бања Лука „се познати како партиски активисти на партијата на Додик, СНСД“.

На македонскиот пазар - еден од највлијателните проекти

Еден месец пред одлуката на „Мајкрософт“, а само еден ден откако бил склучен договорот за набавка со македонското МВР, во промотивен текст објавен во повеќе босански портали, претседателот на Управата на ИИГ, Бојан Вуjиќ, изразил задоволство од успесите на македонскиот пазар.

„На македонскиот пазар нашата компанија Инфинити Енерџи ИТСС Скопје може да се пофали со еден од највлијателните проекти - со американската компанија Dell работиме за томошното Министерство за внатрешни работи. Taков договор можете да добиете само ако имате најголеми рефренци и гарантирате квалитет. За квалитетот говори и податокот дека нашата компанија во Скопје аплицираше и за членство во Американската стопaнска комора, чиј македонски огранок брои повеќе од 130 најуспешни деловни субјекти“, вели Вујиќ.

Запрашан „дали на овие простори има погрешна слика дека странските партнери се „притеснуваат“ од компании кои доаѓаат од Република Српска и БиХ“, тој одговара потврдно.

„На некој начин, да. Ним не им е важно од каде доаѓате, важно е да сте го докажале својот квалитет и да имате рефренци. На пример, кога доаѓаме на пазарот во Северна Македонија како CISCO и HPE партнер, каде и да се работат некои сериозни проекти ние сме повикувани да доставиме понуда, затоа што тоа партнерство a priori значи дека имаме капацитет дa испорачаме квалитетен производ (...) Повеќе и не се изненадуваме кога ќе ни стигнат повици зa соработка, како оној што неодамна стигна од една австриска компанија, која не ‘пронајде’ затоа што ‘Проинтер’ е SAP GOLD - партнер. Таквиот статус годвори сам за себе“, вели Вујиќ.

Лани во септември Инфинити Енерџи ИТСС во Скопје на тендер била избрана за тромесечна набавка на лиценци за Firewall, AutoCad и Adobe за Министерството за одбрана. Името на оваа компанија се појавува и на 111-та тематска седница на Владата од 13-ти октомври 2021 година, каде е 114-та меѓу 159 компании за кои Владата разгледала Информација за склучување на Договор за доделување на финансиска поддршка. Овластен да го потпише договорот бил вицепремиерот за задолжен за економски прашања, а Агенцијата за странски инвестиции била задолжена да го следи и контролира спроведувањето на Договорот за доделување на финансиска поддршка на Инфинити енерџи ИТСС Скопје.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми