1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан и Мета во Скопје, Заев попладне во Белград

20 ноември 2017

Еврокомесарот Јоханес Хан денеска во Скопје ќе го слушне отчетот на ресорните министри за спроведувањето на реформскиот план „3-6-9“. Неговите ставови ќе ги соопшти на заедничка прес-конференција со премиерот Заев.

Mazedonien Gespräche Johannes Hahn mit Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска ќе му биде домаќин на Комесарот за добрососедство и проширување на ЕУ, Јоханес Хан, кој стигнува во дводневна работна посета на Република Македонија. Двајцата напладне ќе имаат работен ручек, по што ќе одржат заедничка прес-конференција во 14 и 30. По средбата со Хан, Заев попладнето заминува во дводневна работна посета во Србија, каде што вечерва ќе има средба и свечена вечера со српската премиерка Ана Брнабиќ, a ќе се одржи и работен состанок на поширокиот состав на претставници на владите на двете земји. Утре Заев ќе има средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, како и со здруженија на Македонците во Србија. Но, пред средбите со соговорницитево Скопје и Белград, Заев ќе треба да се јави на судско рочиште за предметот „Поткуп“, а неговиот политички опонент Никола Груевски на рочиште за предметот „Насилство (шамарите) во Центар“.

Фотографија: imago/Pixsell, Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Отчет од министрите

Еврокомесарот Хан, пак работниот престој попладнево ќе го продолжи во Секретаријатот за европски прашања, каде негови кодомаќини ќе бидат заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерите за внатрешни работи, за правда и за информатичко општество - Оливер Спасовски, Билен Саљији и Дамјан Манчевски. На средбата, вицепремиерот Османи ќе ги презентира новите реформски пакети 6 и 9, кои претставуваат дополнување на „Планот 3-6-9“, односно предвидените реформите кои произлегуваат од сите забелешки, препораки и сугестии во извештаите на ЕК и сите други релевантни меѓународни и домашни институции.

„Посебен осврт на реформските приоритети во клучните области, правосудството, реформата на безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, во детали ќе ги презентираат ресорните министри задолжени за нивна подготовка и имплементација“, соопштуваат од Владата.

Еврокомесарот Хан посетата на Скопје ја најави минатата недела на „Твитер“. 

„Уверен сум дека Bладата ќе ја искористи позитивната динамика и дека ќе видиме понатамошни реформски резултати до крајот на годината. Ова бара конструктивна соработка на сите политички сили, вклучувајќи ја и опозицијата. Со нетрпение ја очекувам мојата посета на Скопје следната недела, со политички состаноци и средби со граѓанското општество“, напиша Хан.

Освен увид во досегашните резултати, неофицијално, Хан ќе ја сондира подготвеноста за конструктивен пристап кон реформскиот процес на сите партиски субјекти, како и нивната подготвеност за меѓупартиски дијалог во куќата на Жан Моне. 

Фотографија: picture alliance/dpa/Sputnik/G. Sisoev

Иванов информиран прв

Вицепремиерот Османи во минатиот паток веќе го информираше претседателот Иванов дека е заокружен реформскиот пакети дека Стратегиите и акциските планови содржани во владиниот „План 3-6-9“, во себе ги имаат инкорпорирано сите забелешки од меѓународните партнери и релевантни институции, како што се препораките од Извештаите на ЕК, Венециската Комисија, ГРЕКО, забелешките на Високата експертска група предводена од Рајнхард Прибе и други извештаи.

„Имаме неповторлива шанса, во 2018 година да направиме историски исчекор и да го затвориме прашањето за ЕУ и НАТО. Потребно е да ги тргнеме настана нашите лични, партиски, па дури и етнички приоритети, да оствариме консензус за реформите, и да испорачаме резултат,“ рекол Османи на средбата, оценувајќи ја 2018 година како историска за напредокот на Македонија во европските и евроатлантските интеграции. Тој побарал од Иванов поддршка за реформскиот процес, но и поддршка за обезбедувањето консензус и вклученост на опозицијата, најмногу за законите за кои е потребен широк политички консензус, како и поддршка од двотретинско мнозинство во Собранието. Повик за консензус и вклученост на опозицијата во реформските процеси, денеска се очекува да стигне и од заедничката прес-конференција на Заев и Хан. 

Фотографија: Reuters/F. Goga

Мета кај Иванов и Џафери

Еврокомесарот не е единствен гостин денеска и утре во Скопје. Во дводневна официјална посета пристигнува и претседателот на Албанија, Илир Мета, на покана од македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Иванов и Мета претпладнево ќе имаат тет-а-тет средба во претседателската „Вила Водно“, по што е предвиден пленарен состанок на делегациите на двете земји. За содржината на разговорите претседателите Иванов и Мета ќе ја информираат јавноста на заедничка прес-конференција. Албанскиот претседател денеsка треба да има средба и со претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми