Набљудувачите на ОН ја напуштаат Сирија
20 август 2012Мисијата на меѓународните набљудувачи во Сирија и формално заврши синоќа на полноќ (19.08), откако во Советот за безбедност на ОН не беше постигнат договор за нејзино продолжување. Околу 300 набљудувачи заминуваат од Сирија, откако во изминатите четири месеци не успеаја да влијаат за намалување на насилството во земјата. Според проценките на ОН, во едногодишните судири во Сирија загинале речиси 20 илјади луѓе.
Новиот специјален пратеник на ОН за Сирија Лахдар Брахими изјави дека веќе се соо`ува со потешкотии на новата функција и најави дека прва задача ќе му биде да ги надмине поделбите во Советот за безбедност на ОН. Поранешниот шеф на алжирската дипломатија, кој беше именуван во петокот (17.08), нагласи дека од клучна важност за успех на неговата мисија ќе биде Советот за безбедност да говори во еден глас. Тој смета дека мисијата на Кофи Анан пропаднала затоа што меѓународната заедница не му пружила доволна поддршка.