1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Наводен терорист сакал да ја измами Исламска држава

ЖА
14 август 2017

Необичен процес во Германија - осомничен терорист, бегалец од Сирија, се покажа дека е измамник, кој сепак ќе оди две години во затвор, зашто сакал да ја оштети Исламска држава.

Saarbrücken - Prozess gegen Syrer
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Dietze

Покраинскиот суд во Сарбрикен немаше лесна задача - требаше да донесе пресуда против 39-годишен бегалец-Сириец, обвинет дека во име на Исламска држава планирал напади со автомобил-бомби. Но, Сириецот постојано истакнуваше дека целта му била само да изнуди пари од терористичката милиција Исламска држава. За да стапи во контакт со неа, се вклучил во чет на интернет, но налетал на противници на ИД, кои ги информирале германските служби за безбедност. На крајот на процесот, обвинетиот, првично за тероризам, е осуден на две години затвор, но за - измама.  

„За жал, на ниеден човек не може да му се погледне во главата“, призна и бранителот Мариус Милер во своето пледоаје. За судот доказниот материјал беше недвојбен.

„Обвинетиот ниту бил способен ниту волен да ги изврши најавените напади“, констатираше судијата-претседавач, Бернд Вагнер. Во пресудата уште стои: „Обвинетиот не бил и не е водач на група, подготвена да извршува треористички напади. Не постојат соработници, ниту автомобили или експлозив, а човекот, врз основа на неговата дилетантска постапка и настап, не може да се нарече ниту 'загрозувач', односно потенцијален напаѓач. Целиот план на делото кое го претставувал кај ИД, бил всушност лага.“

Но, Хасан А. сепак ќе мора да оди зад решетки. Иако судот не гледа основа за постоење на делото „учество во обид за убиство“, фризерот од Дамаск е виновен, според судот, за измама.

„Тој не е терорист, но како што призна и самиот, е измамник“, истакна судијата Вагнер, истовремено изнесувајќи ја дилемата - дали некој е кривично одговорен, ако сака да ѝ наштети на ИД. Со други зборови - може ли да се нанесе штета на имот на една терористичка организација? Правно, судската одлука е можеби издржана, но кај набљудувачите на процесот остана сомнежот: „Некој кој сакал да ја измами Исламска држава, заслужува повеќе медал отколку затворска казна“, коментираше еден од нив.

И обвинителот и одбраната размислуваат за жалба, а каква ќе биде судбината на Сириецот? Веројатно нему ќе му биде одземен статусот на бегалец во Германија и тој ќе биде протеран.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми