Надежта умира последна
29 февруари 2016
Една еврејска поговорка вели: ако има само два пата, одбери го третиот! Навистина нема подобро објаснување за политичкото однесување на Иранците. Тие на парламентарните избори навистина се определија за третиот пат. Со оглед дека бојкот на изборите ќе значеше комплетен пораз за реформистите и симнувањето од власт на хардлајнерите ќе беше целосно невозможно, реформистите смислија нов план: нивна цел беше, да ги ослабат конзервативците. Така тие составија изборна листа со малкуте преостанати реформисти на кои им беше одобрено учество на изборите, со умерените конзервативци и со таканаречените „независни“. Ова листа беше наречена „Листа на надежта“. И оваа надеж победи.
Победата на реформистите и на умерените сили околу претседателот Хасан Рохани во Техеран ја покажува политичката зрелост на луѓето во главниот град на Иран. Додуша, ако се погледне на ниво на целата земја, мнозинството во т.н Совет на експерти останува во рацете на конзервативците, но нивната превласт во парламентот и нивниот углед се сериозно загрозени.
Демократија со пречки
Членовите на Советот на експерти како и на парламентот се избираат директно од страна на граѓаните. Тоа иако изгледа многу демократски, сепак во реалноста е нешто сосема поинакво од тоа. Но Иранците знаат дека изборите во нивната земја не се ни слободни ниту фер. Сите кандидати се строго проверувани „од глава до петици“ и само оние кои се „апсолутно поверливи“, смеат да се кандидираат. Но и апсолутната поверливост не овозможува автоматска карта за учество како одобрен кандидат на изборите. Конечно одлучува Советот на чуварите на револуцијата, инструмент на тоталитарната божја држава.
Советот на чуварите досега беше јасно домен на конзервативците. Дванаесетчленото тело се состои од шест свештени лица и шест правници. Религиските членови на Советот се директно назначени од Врховниот верски водач. Правниците пак ги избира парламентот. Со оглед на тоа што Советот на чуварите на револуцијата претходно ги проверува и кандидатите за парламентот, тој е и останува инструмент на моќ во рацете на актуелниот верски водач, Али Хамнеи.
Сите непожелни кандидати за парламентарните избори беа исфрлени од изборните листи и завршија на една црна листа. Дури и Хасан Хомеини, внук на Ајатолахот Хомеини, водачот на револуцијата и основач на Исламската република, не смееше да се кандидира. Поради политички калкулации, бројни реформисти беа исклучени од изборниот процес. Исклучувањето на реформистите од изборите овојпат беше посебно изразено. Во многу изборни окрузи реформистите немаа ниту еден кандидат. Во други изборни окрузи бројот на места во парламентот за кои се гласаше беа еднакви на бројот на кандидати на кои им беше доволен настап на изборите. На тој начин ребаше да се избегнат изненадувања.
Надеж во нужда
И покрај сите ограничувања, луѓето во Иран со својот глас на изборите испратија јасна порака. Конзервативците треба да го сфатат тоа и колку побргу и колку попрецизно постапуваат согласно со пораката, толку постабилна ќе биде земјата.
Иран секогаш може да изненади, а така беше и овојпат. Иранците од еднастрана ги избраа реформистите и умерените сили, а од другастрана ги казнија хардлајнерите. Што постигнаа Иранците со победата на „Листата на надеж“?
Избирачите покажаа дека не го поддржуват курсот на хардлајнерите. Покажаа дека ерата на провоцирачката надворешна политика е завршена. Покажаа дека се за отворањето на општеството и за намалување на тензиите во политиката. Пред сѐ тие покажаа и дека научиле многу од ужасната судбина на политичката нестабилност во Ирак, Авганистан и во Сирија и оти повеќе не се подготвени, да одат во мрак со главата во ѕид.