Надеж во демократски избори
5 април 2009Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР Питер Ајкер се надева оти сите избирачи ќе излезат на гласање и ќе го остварат правото на глас на денешните локални и претседателски избори.
Според Ајкер, генерално гласањето се одвива мирно, но се‘ уште е рано за меѓународнаите набљудувачи да ја соопштат нивната оценка
“Пред се дозволете ми да кажам дека денов е убав и оти се надевам дека граѓаните ќе излезат на гласање. Првичните информации покажуваат дека неколку избирачки места не се отворени поради поплавите, а има и некои јавувања за одредени проблеми, но уште не може да се понуди оценка“, изјави Ајкер.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР има распоредено низ државата150 набљудувачи.
Слична оценка и од „Мост“
Изборите течат мирно, со одредени недостатоци, е оценката и на граѓанската асоцијација „Мост“, која има распоредено 3.750 набљудувачи на гласачките места ширум земјата.
Според „Мост“, одзивот до 13 часот на претседателските избори изнесува 21 процент.
Набљудувачите на „Мост“ констатирале случаи на семејно гласање, гласање без проверка со УВ- ламба, како и агитирање од страна на луѓе со партиски обележја.
Апел од Ерван Фуере
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере апелираше до политичките партии и нивните активисти да се воздржат од какви било активности што би можеле да бидат квалификувани како притисок врз гласачите.
“Ова се многу алармантни и загрижувачки информации кои ја доведуваат во прашање легитимноста на изборнито процес. За жал бевме сведоци на одредени притисоци во Вевчани, така што уште еднаш апелирам преостанатите часови до затворањето на гласачките места да се искористат на најдобар можен начин за да се демонстрира фер и демократска атмосфера, да се покаже дека Македонија има капацитет да организира избори, на кои граѓаните можат слободно да излезат и да гласаат, бидејќи тоа е од голема важност за државата и нејзината иднина“, изјави евроамбасадорот Фуере.
Во обиколка по избирачките места е и американскиот амбасадор Филип Рикер.
“Ова се многу важни избори. Од она што го видов досега, се‘ оди глатко. Луѓето се свесни дека можат да гласаат на претседалските или на локалните или на двата избора“, изјави американскиот амабсадор Филип Рикер.