1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Надеж од минатото: 25 години од Основачкиот акт НАТО-Русија

Александер Гебел | АРД
27 мај 2022

Основачкиот акт НАТО-Русија од 1997 година беше историски обид Студената војна стане минато и заеднички да се отвори ново поглавје во соработката. Дваесет и пет години подоцна, тоа изгледа неверојатно.

Заедничка фотографија на лидерите потписници на Основачкиот акт НАТО-Русија во Париз на 27 мај 1997 година
Заедничка фотографија на лидерите потписници на Основачкиот акт НАТО-Русија во Париз на 27 мај 1997 годинаФотографија: AFP Fouet/dpa/picture-alliance

Париз, 27 мај 1997 година: свечено потпишување на Основачкиот акт НАТО-Русија. За домаќинот, францускиот претседател Жак Ширак, тоа е кулминација на дипломатското приближување меѓу Западот и Истокот, од 1990 година. „Нашиот договор е успех за Русија, за НАТО, за Европа. Но, пред сѐ, тоа е успех за мирот и голема надеж за нашите народи“.

„НАТО и Русија не гледаат еден кон друг како противници“: тоа е клучната реченица на Основачкиот акт. Двете страни тогаш ветија дека ќе го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, како и дека ќе се воздржат од насилство. Тогаш беше формиран и Советот НАТО-Русија, со цел да се изгради доверба и да се утврдат заедничките цели кога станува збор за вооружувањето и борбата против тероризмот.

За тогашниот германски канцелар Хелмут Кол, тој момент дури и го означи крајот на поделбата на Европа: „Денес, земјите од Атлантската алијанса и Русија се договараат за соработка која - и ова е точно кога велам - никогаш не е видена. во историјата“.

Состанок на Советот НАТО-Русија во април 2011 годинаФотографија: picture alliance/dpa/M. Gambarini

Отстапки на двете страни

Приближувањето беше исто така важно, бидејќи Основачкиот акт го отвори патот за проширување на НАТО кон исток. Набргу потоа, Полска, Чешка и Унгарија беа првите земји кои станаа членки на Западната воена алијанса како поранешни членки на Варшавскиот пакт - а подоцна следуваа и многу други земји.

Повеќе: НАТО: Што ако Русија употреби оружје за масовно уништување во Украина?

За да му излезат во пресрет на Кремљ, САД и европските земји и ветија на Русија економска помош, како и вклучување во престижната група на водечките индустриски земји. Но, што е најважно, НАТО порача дека нема намера да стационира нуклеарно оружје или борбени сили во новите земји членки. Ова беше особено важно за рускиот претседател Борис Елцин.

„Нема да има нуклеарно оружје во новите земји членки на НАТО. Ќе се намалат конвенционалните вооружени сили во Европа. Во близина на Русија нема да има воена инфраструктура. Тоа е цврсто и обврзувачко ветување на државите потписнички“, изјави тогаш Борис Елцин.

... а потоа дојде Путин

Но, Основачкиот акт не е правно обврзувачки меѓународен договор, туку политички документ, декларација за намери. НАТО во Основачкиот акт експлицитно ја внесе можноста за дополнително стационирање , во зависност од безбедносната ситуација. Со воените акции во Чеченија, Грузија, Крим и во Украина, наследникот на Елцин, Владимир Путин, доведе токму до драматично влошување на безбедносната ситуација.

Путин го прогласи НАТО за непосредна закана што ги нарушува неговите планови да ги стави соседните земји под руско влијание. На Светскиот економски форум во Давос пред неколку дена, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг оцени дека Русија со нападот врз Украина и заканите кон Западот многу се оддалечи од духот на Основачкиот акт.

„Путин сакаше помалку НАТО на неговите граници и започна војна. Сега добива повеќе НАТО на неговите граници. Одлуката на Финска и на Шведска да аплицираат за членство во НАТО е историска. Ова покажува дека европската безбедност нема да биде диктирана од насилство и заплашување“, изјави Столтенберг.

Основачкиот чин го отстрани превезот на непријателство меѓу Истокот и Западот, процени американскиот претседател Бил Клинтон во 1997 година. Дваесет и пет години подоцна, тој превез стана многу погуст.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми