Надминат априлскиот рекорд, нови 120 заразени од коронавирус
БГ
4 јуни 2020
Најголемиот број новозаразени повторно се од Скопје, но расте бројот на нови случаи на Ковид-19 и во Куманово, Штип и Тетово. Две лица починале, а 16 пациенти оздравеле, информира Министерството за здравство
Реклама
Втор ден по ред бројот на новозаразени од коронавирусот во Северна Македонија е троцифрен. Со регистрираните 120 новозаразени урнат е и неславниот рекорд од 15 април годинава кога беа евидентирани 107 случаи. Разликата е во тоа што тогаш вирусот земаше голем замав во Куманово, па таму беа регистрирани и најголемиот број нови пациенти- 44.
Овојпат најголемиот број нови случаи се во Скопје- 67, а потоа следуваат Куманово со 19 новозаразени, Штип со 16, Тетово- 9, Прилеп- 4, Велес 2, и Гостивар, Неготино и Струмица со по еден случај.
Во последните 24 часа се направени 953 тестирања, но само два се во рамките на скринингот кој се прави во градинките, додека сите останати се дел од потрагата по сомнителни случаи во општините каде деновиве се јавија кластери на вирусот. Со тоа, вкупниот број на заразени со Ковид-19 од почетокот на епидемијата во земјава достигна 2,611 лица, од кои 1,621 оздравеле, а починале 147. Во моментов активни се 843 случаи на лица заразени со коронавирус.
Пет совети за подобро физичко и ментално здравје во корона-кризата
Вакцина нема, лек исто така. Експертите, во моментов, не се сигурни ни дека оние кои оздравеле од Ковид-19 се целосно заштитени од нова инфекција. Затоа е препорачливо јакнење на личниот имунитет среде пандемијата.
Фотографија: Fotolia
Здрава исхрана
Докажано е дека здравата исхрана го намалува ризикот од хронични болести како што се проблемите со циркулацијата, дијабетисот или со дебелината. Исто така, со здрава исхрана се намалува и ризикот од депресија и од анксиозност. СЗО потсетува - но тоа важи и без пандемија - дека треба да се остават алкохолот, цигарите и сите останати дроги
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Heinz
Добар сон
Додека спиеме, телото вредно работи: келиите се обновуваат, се отстрануваат отровите, се зацврстува помнењето. Како што покажаа истражувањата, недостатокот на сон влијае не само на физичката состојба, туку и на психичката. Недостатокот на сон нѐ прави поподложни на хронични болести. На поголемот број луѓе им се доволни 6 до 9 часа сон, но важно е да се спие во одреден ритам.
Фотографија: Colourbox
Движење и вежбање
Движењето го исполнува телото со „хормоните на среќа“. Тоа овозможува подобро спиење, ги намалува стресот и стравовите, го зајакнува помнењето. Движење и спорт, па макар и дома - најмалку 30 минути дневно. Тренерите велат дека не важно како ќе ги поделите тие минимални 30 минути - можеби по 10 минути наутро, напладне и навечер? Кога можете излезете на свеж воздух.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. pedersen
Одржување на контактите
Пријателите во овој период на социјална изолација поради коронавирусот се поважни од кога било. Социјалните мрежи се докажано добри за здравјето. Бидејќи излегувањата и собирите сега не се можни, речиси сѐ се одвива на интернет. Но, подобро така отколку никако.
Изолацијата можеби е шанса да се заборави на светот и на надворешните вести. Размислите, што сакате веќе подолго да направите но никако не стигнувате? Нешто во градината, да испробате нов рецепт, да научите да плетете, да прочитате некоја книга која веќе подолго ве гледа обвинувачки од полицата? Сега е идеално време за тоа.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
5 фотографии1 | 5
Поради новиот бран на вирусот, владата вчера повторно ги усвои старо-новите превентивни мерки со кои за поголемиот дел од земјата од вечерва, четврток 4 јуни во 21 часот до понеделник во 5 часот наутро ќе важи полициски час.
Оваа мерка ќе важи за сите општини во Скопје, како и за општина Куманово, Липково, Штип, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино, Јегуновце и Карбинци.
За остатокот од државата ќе важи полициски час од 21 часот во четврток до 5 часот во петок, а во останатите два дена од 16 часот до 5 наутро, заклучно со понеделник.
Коронавирус: Како работат рестораните и баровите во Германија по повторното отворање