1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над осум милиони евра за рамковно вработените

ДТЗ /ДВ
9 декември 2020

По една деценија безуспешно барање решение, надлежните најавуваат дека конечно ќе се најде работа за над 1.300 административци кои „клатат врата и земаат плата“.

Symbolbild Ausruhen im Büro
Фотографија: Fotolia/alphaspirit

Над осум милиони евра државата издвојува секоја година за „армија“ вработени според Рамковниот договор кои воопшто не доаѓаат на работните места. Според некои проценки, во последните 10 години за оваа ставка биле издвоени околу 100 милиони евра од буџетот. По една деценија безуспешно барање решение за овој проблем, кој преставува сериозен товар за буџетот, надлежните најавуваат дека конечно ќе се најде работа за над 1.300 административци кои „клатат врата и земаат плата“. Тие во наредниот период ќе добијат две опции за да почнат да работат - доколку не прифатат ниту една, следат откази. 

Две опции

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири се надева дека  рамковно вработени, ќе ги прифатат новите работни места кои ќе им се понудат, откако ќе биде изгласан законот за нивно прераспределување што го утврди Владата на последната седница. „По стапувањето во сила на законот, Министерството за политички систем и Министерството за информатичко општество и информатика ќе ги вкрстуваат податоците за да се увиди професионалната подготовка на сите кандидати, но ќе се земат во предвид и годишните планови за 2021 година“, вели Шаќири.

-повеќе на темата:Реално или декларативно: ДУИ ветува решение на проблемот „седи дома-земај плата“

Со новиот закон ќе се утврди и рокот колку тие ќе можат да стојат на трансфер листата. Откако законот ќе се изгласа во Собранието, најдоцна во рок од 15 дена Министерството за политички систем ќе предложи план за побрзо распоредување. Согласно законот, државата мора да им понуди најмалку иста плата, но не и пониска од онаа која претходно ја земале. „Ова е добар нацрт закон и сите треба да имаме предвид дека е решавање на долгорочен проблем. Посакувам на трансфер листата да има што помалку вработени и процесот да заврши во првата фаза“, вели Шаќири.

За десетина години проценките се дека рамковните вработувања државата ја чинеле околу 100 милони евра. Фотографија: Britta Pedersen/dpa/picture-alliance

9,3 милиони евра за 1.430 вработени

Според официјалните податоци, во Министерството за политички систем се вработени вкупно 1,500 лица. Во предлог буџетот за наредната година се предвидени 9,3 милиони евра за 1.430 вработени. За десетина години проценките се дека рамковните вработувања државата ја чинеле околу 100 милони евра. 

- повеќе на темата:

Колку „фантоми“ работат во администрацијата?


Артан Груби кој е надлежен министер за ова прашање, деновиве изјави дека за рамковните вработени нема да се отвораат нови работи места, туку зависно од образованието ќе се пополнуваат празни места во државните институции. „Се предвидуваат неколку услови, прво местото на живеење, степенот на завршено образование, согласно годишните планови на сите тие институции под државната управа, согласно празните места“, вели вицепремиерот и министер за политички систем. Законот е веќе во собраниска процедура, а Груби очекува сите политички партии да гласаат за него за да почне постапката со изготвување на планот и побрзо затворање на деценискиот проблем.

Владата ги укинува, привремените вработувања се множат

01:10

This browser does not support the video element.

Спорни вработувања

Овие вработувања се спроведени во периодот 2008-2015 преку Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Според податоците, во земјава има над 135 илјади административци. Изминативе година имаше повеќе предлози и иницијативи за решавање на овој проблем. На пример во 2018 година, Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор и Министерството за администрација, излегоа со план во рок од два месеца од вкупно 1.600 службеници, 958 да бидат систематизирани низ јавните институции. Останатите, пак, требаше да бидат распределени во нареднот период врз основа на образованието, искуството и местото на живеење. Последната иницијатива доаѓа од Владата која неодамна го усвои предлог-законот за преземање административни службеници, вработени преку Програмата за соодветна и правична застапеност. 
Целта на ова законско решение е да се распоредат досега нераспоредените административци од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое претходно беше Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор.

Вработените преку овој закон ќе се распоредат во државните и во органите на локалната власт, агенции, фондови, јавни установи и претпријатија од областа на образованието, науката, здравството, културата, социјалната заштита, спортот, формирани од Град Скопје, како и од општините во градот Скопје и акционерски друштва во државна сопственост.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми