Над пет илјади бегалци на грчко-македонската граница
22 август 2015Полицијата и војската се распоредени и го обезбедуваат пограничниот регион во Гевгелија каде има наплив на мигранти. Според информациите од полицијата состојбата е тензична, но нема проблеми. Мигрантите се пропушаат согласно капацитетите на државата со предност на поранливите категории, а во последните 24 часа, односно од осум часот вчера до осум часот утрово издадени се потврди на 826 странски државјани меѓу кои 163 деца и на 25 деца кои што патувале без родител. Според проценки на грчките служби, на грчко-македонската граница се наоѓаат над 5.000 мигранти. Очевидци велат дека денеска од час во час доаѓаат нови бегалци со автобуси и возови од јужна Грција кај граничниот премин Идомени и Гевгелија.
Во Македонија од петокот е дозволен влез на ограничен број илегални мигранти од ранливите категории, а тоа контролирано влегување се врши во граничното подрачје близу Гевгелија, која од страна на интервентната полиција во четвртокот беше блокирана поради прогласувањето вонредна состојба и делумното затворање на границата.
Околу 600 имигранти претходната ноќ беа сместени во воз кој во 5 часот утрото тргна за Србија, последната станица на бегалците на патот кон Унгарија и Шенген зоната. Железничката станица во Гевгелија веќе со седмици е арена на хаотични сцени, бидејќи до две илјади имигранти од Блискиот исток, Африка и Азија дневно ја минуваат границата и сакаат да се качат на возовите кои патуваат за Србија. Во последните два месеца во Македонија влегоа повеќе од 40 илјади луѓе. Само во јули во Грција со чамци од Турција пристигнаа околу 50 илјади бегалци, тврдат властите.
Македонските власти соопштија дека повеќе не се во состојба да се справуваат со толку голем број мигранти и бегалци, и на границата ги испратија интервентната полиција и војската. Дозволен е влез само на мал број луѓе, а приоритет имаат жените и децата, но тоа не е доволно за да се ублажи се поголемиот притисок на границата.
Македонските власти треба да обезбедат итен прекин на полициско насилство против мигрантите на јужната граница на земјата со Грција, се вели во денешното сооштение од Хјуман рајтс воч. Властите треба да го испитаат користењето на парализирачки бомби, солзавец и гумени куршуми на 21 август 2015 година, еден ден откако македонска влада прогласи вонредна состојба и ја затвори границата. Оние за кои ќе се потврди дека се одговорни за незаконска употреба на сила, вклучувајќи ја и командна одговорност, треба да сносат одговорност.
Врз основа на извештаите од локални организации во Грција и во Македонија и меѓународната организација Доктори без граници и извештаите на медиумите, македонската полиција употребила гумени куршуми, солзавец и парализирачки бомби врз повеќе од 3.000 имигранти кои се обидуваат да влезат во Македонија од Грција, известуваат од Хјуман рајтс воч.