1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 800 милиони Индијци гласаат на парламентарни избори

Иша Батиа / Александар Методијев7 април 2014

Денеска (07.04.) почнуваат петнеделните парламентарни избори во Индија. За фаворит важи Нарендра Моди од БЈП, а Конгресната партија е во дефанзива. Mалите партии и младите гласачи би можеле да бидат одлучувачки.

Фотографија: DW/K. Keppner

814 милиони Индијци се повикани да излезат на гласање, а тоа е поголема бројка отколку што има население во Европа. 100 милиони од нив гласаат за првпат. Според мислењето на политикологот ЦРС Мурти од Универзитетот Џавахарлал во Њу Делхи, тие ќе бидат одлучувачки. „Младите како во руралните делови, така и во градовите во Индија се стекнаа со политичко значење“, оценува Мурти. Тоа се одразува и на изборната кампања на партиите, кои многу изразено се прилагодија на младата целна група. Тука голема улога играат и социјалните мрежи. Според оценката на Мурти, социјалните медиуми го зголемуваат потенцијалот за посилна политичка вклученост на младите во Индија.

Од друга страна, политичката апатија е широко распространета во Индија. Затоа и за првпат при електронското гласање може да се кликне на опцијата НОТА („none of the above“). Тоа значи дека гласачите можат да не кликнат „за ниту еден од посочените кандидати“ и да ја изберат опцијата НОТА.

Теми - корупција и безбедност на жените

Моментално владејачката Конгресна партија со прекини владее во Индија 40 години, односно од првите национални избори спроведени во 1952 година. Од 80-ите години хинду-националистичката партија БЈП ја презема улогата на опозициска партија, а третата политичка сила овојпат е партијата Ам Адми („Партијата на просечниот граѓанин“). Таа и‘ објави битка на корупцијата и доби бројни приврзаници во градовите.

Нарендра МодиФотографија: Reuters

Покрај корупцијата, друга доминантна тема меѓу младите гласачи од средната класа е безбедноста на жените. Медиумите во земјата жестоко ја критикуваат владата под водство на Конгресната партија за непреземање мерки. Се обвинува владата дека станала активна за прашањата за правата на жените дури по бранот на гнев по бруталното силување на студентка во декември 2012 година.

Се чини дека религијата и системот на касти, споредено со порано, играат мала улога на овие избори. Врвниот кандидат на БЈП Нарендра Моди во преден план го става економскиот развој на земјата. Тој ветува десет милиони нови работни места, ако неговата партија дојде на власт. За Моди има морални обвинувања дека не интервенирал во 2002 година против насилството меѓу хиндусите и муслиманите. Тој тогаш беше, а и денес уште е премиер на сојузната индиска држава Гуџарат - местото на погром на кое беа убиени повеќе од 900 луѓе, пред се’ муслимани.

„Моди и БЈП станаа доволно мудри за да се фокусираат исклучиво на економскиот развој“, вели политичкиот аналитичар Пурушотам Агравал. „Прашањето за одговорноста за масакрот во 2002 година и натаму лебди неодговорено во воздухот“, додава Агравал.

Рахул ГандиФотографија: UNI

Персонализирање на изборната кампања

БЈП со екстремно персонализирање воведе нов елемент во индиската изборна кампања. Изборната кампања стана битка меѓу Нарендра Моди и Рахул Ганди, син на поранешниот премиер Раџив Ганди и врвен кандидат на Конгресната партија. Имиџот на двајцата кандидати е многу поважен отколку партиската програма. „БЈП одамна се обидува да воведе изборен стил во Индија по примерот на американските претседателски избори“, објаснува Пурушотам Агравал.

Грижа на Конгресната партија и‘ предизвикува тоа што нејзиниот кандидат Рахул Ганди е помалку привлечен. Тој ја нема харизмата на неговите претходници од династијата Ганди и очигледно се чувствува непријатно под лупата на јавноста.

Возбудливата фаза со изборите во Индија почнува на 16 мај, кога ќе се објават резултатите. Тогаш може да се покаже дека индиските гласачи ги дале своите гласови на различни регионални партии. Така ќе мора да се создаде коалициска влада.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми