1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Налог за преземање одговорност за иднината

Инес Пол
3 октомври 2017

Кратко по изборите за Бундестагот, Денот на германското единство се слави во период на внатрешни превирања во Германија. А притоа земјата мора да се позиционира и на меѓународно ниво, нагласува Инес Пол.

01 BG Das erwartet uns im Oktober
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Од 1990 година Германија го слави своето повторно обединување со државен празник на 3 октомври. И покрај сите нерешени проблеми, неостварени очекувања, незавршени проекти: тоа е ден за веселба. Ден на кој светот секогаш одново со чудење и оддавајќи признание гледаше на оваа земја, која е одговорна за многу ужаси, но сепак толку мирно го урна ѕидот кој толку долго време ја делеше, за обединета да стане повторно еден од столбовите на западниот свет како стабилна демократија и просперитетна економска сила.

Светот излезе од колосек

А потоа дојдоа сојузните избори во 2017 година и деснопопулистичката партија АфД со речиси 13 отсто стана трета најсилна партија. Оттогаш паролата со која граѓаните на Германската Демократска Република своевремено се бореа за слобода звучи целосно поинаку. Во Дрезден и во други градови тие во 1989 година извикуваа „Ние сме народот“ и го соборија злосторничкиот режим на ДДР. „Ние сме народот“ значеше - ние сакаме демократски да одлучуваме во која земја сакаме да живееме. Повеќе нема да дозволиме со нас да се управува туторски и да бидеме угнетувани.

Инес Пол, авторка на коментаротФотографија: DW/P. Böll

Денес, откако АфД како прва деснопопулистичка партија влезе во Бундестагот, оваа реченица звучи поинаку. Во тоа „Ние сме народот“ не доминира веќе барањето за демократско соодлучување.

За многумина главната порака на ова „Ние сме народот“ во меѓувреме стана пред сѐ: „А вие тоа не сте. Вие не припаѓате кон народот. И не сте од овде“. Тоа се однесува на бегалците, кои во последните 2 години дојдоа во Германија за да побараат заштита и да ја најдат својата иднина. Но, тоа е и реакција свртена кон минатото на светот кој излезе од колосек, во кој ништо веќе не е како што било - и никогаш веќе нема да биде.

Милиони луѓе во бегство

Милиони луѓе тргнаа на пат - бидејќи во својата земја веќе не можеа или не сакаа да живеат, бидејќи ги протеруваат војни, епидемии, суши и поплави. Ќе следат нови милиони луѓе. Тие нема да може толку едноставно да бидат запрени, тие ќе го бараат своето право да учествуваат во подобар живот, тие за него и ќе се борат. Сите тие луѓе нема нужно да сакаат да дојдат во Европа. Движењата на бегалците и нивните последици  ќе ги почувствува целиот свет.

Затоа ова „Ние сме народот“ кое нив ги исклучува е парола која е упатена не само кон политичарите, туку и кон оние 87 насто од германските избирачи кои се одлучија против АфД. За разлика од 1989 година, зад таквиот ексклузивен поим „народ“ не стои мнозинството. Па сепак, едноставното „одиме натаму“ и повлекувањето во сопствениот напредок и приватната среќа не се доволни како одговор на овој изборен резултат. И компликуваните коалициски преговори се потврда дека навистина станува збор за важно прашање - во каква земја сакаме да живееме.

Единството не е само по себе разбирливо

Германскиот поет Јохан Волфганг фон Гете во својот „Фауст“ вели: „Она што си го наследил од своите предци усвој го за да го поседуваш.“ Тоа е реченица која како да е напишана за овој Ден на германското единство. Бидејќи, тоа единство не е нешто што е едноставно тука. Тоа не е факт за кој другите се бореа, но кој сега се подразбира сам по себе.

Успехот на АфД во западногерманските покраини Баварија и Баден-Виртемберг дефинитивно покажува оти едноставната поделба на источногермански и западногермански проблеми стана неприфатлива за овој свет. Сега станува збор за тоа, човек да се бори за Германија која ја гледа како членка на ЕУ, која се држи цврсто до одредбите на Уставот и која од своето богатство и своето влијание изведува одговорност да им помогне на луѓето на кои не им оди добро.

Германија го слави Денот на единството. Празник кој во 2017 година е повеќе задача за иднината отколку сеќавање на минатото.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми