По пет месеци поминати во затвор во Турција, двајцата грчки војници изутринава се вратија во Грција со владин авион. Нивното нечекувано ослободување ги намали тензиите меѓу двете соседни земји и историски ривали.
Реклама
Министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос, рече дека му се јавил на турскиот колега да изрази задоволство поради овој потег и да го покани во посета на Грција. „Се надевам оти нивното ослободување... ќе означи нов ден во грчко-турските односи. Можеме да живееме мирно, за доброто на двата народа“, порача Каменос.
Грција остро протестираше поради нивниот долготраен притвор во западниот турски град Едрене, наведувајќи дека војниците по грешка ја преминале границата поради лошата видливост за време на лоши временски услови. Грчкиот премиер Алексис Ципрас го поздрави нивното ослободување како „праведен чин“ и за нивно враќање го обезбеди авионот со кој тој лично лета во официјални странски посети. Ослободувањето на војниците го поздрави и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
Апсењето на двајцата припадници на грчката војска значително ги наруши билатералните односи меѓу Грција и Турција. Каменос за време на нивниот притвор тврдеше дека се водат како „заложници“ на Турција која на тој начин тежи да овозможи екстрадиција на 8 побегнати турски војници кои Анкара ги обвинува оти учествувале во обидот за државен удар во јули 2016 година.
Преминот на Турција кон авторитарност е во тек веќе 10 години. Но, по неуспешниот воен пуч во 2016 година, претседателот Ердоган и АКП ја забрзаа консолидацијата на власта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Weiken
Јули 2007: Абдула Ѓул станува прв исламистички претседател
По повеќегодишни реформи на пазарната економија, транзицијата на Турција полека почнува да оди наназад. Кандидатурата на исламистот Абдула Ѓул за претседател во 2007 сигнализира напуштање на секуларистичката политика и ги затегнува односите меѓу АКП и армијата. Сепак, со широка поддршка на исламистите и либералите, Ѓул е избран за претседател, а АКП победува на парламентарните избори.
Фотографија: A.Kisbenede/AFP/GettyImages
Септември 2010: Уставни реформи
Тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган предлага уставни измени за зголемена контрола над правосудството и армијата, овозможувајќи и на владата да бира судии и високи воени офицери. Амандманот, комбиниран со мерки за заштита на децата и засилување на правото на жалба, е одобрен со големо мнозинство на референдум.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Tumer
Мај 2013: Ерупција на незадоволство во Гези Парк
Насобраниот гнев на младите луѓе кон Ердоган, Ѓул и исламистичката АКП достигнува точка на вриење во мај 2013. Насилното полициско расчистување на мал собир за заштита на Гези Парк предизвикува масовни анти-владини протести. Најмалку 11 луѓе загинаа, а повеќе од 8.000 се повредени, пред демонстрациите да згаснат еден месец подоцна.
Фотографија: picture-alliance/abaca
Јули 2015: Офанзива против Курдите
Нестабилното примирје меѓу турската влада и курдската бунтовничка ПКК се распаѓа поради тензиите кои ги создава војната во Сирија. Воените сили ги продолжуваат операциите во југоисточниот дел на Турција против Курдите. На почетокот на 2016, групација на ПКК ја презема одговорноста за два бомбашки напади во Анкара во кои гинат речиси 80 луѓе.
Фотографија: picture-alliance/abaca/M. Coban
Јули 2016: Неуспешен воен пуч
Воен удар против владата до темел ја потресува Турција и накусо ја претвора земјата во воена зона. Околу 260 цивили ги загубија животите во ноќните судири со армијата во пет големи градови. Ердоган ги повикува своите поддржувачи на отпор, и веќе следното утро војници се во заседа на илјадници цивили на мостот Босфор, каде и се предаваат.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T.Bozoglu
Јули 2016: Ердоган воведува вонредна состојба
По неуспехот на пучот, Ердоган воведува вонредна состојба. Се апсат десетици илјади луѓе осомничени за учество во пучот, но и политички противници. Меѓу уапсените се воени и судски функционери и избрани претставници на про-курдската ХДП партија. Чистчката подоцна опфаќа и јавни службеници, универзитетски професори и учители.
Фотографија: Reuters/U. Bektas
2016: Задушување на медиумите
Како дел од пресметката на Ердоган со наводните „поддржувачи на тероризмот“, Турција станува една од водечките земји во светот по бројот на уапсени новинари.Владата затвора околу 110 медиуми по пучот и затвора повеќе од 100 новинари, меѓу нив и Германецот со турско потекло Денис Јуџел.
Фотографија: Getty Images/S.Gallup
Април 2017: Ердоган победува на референдум
Ердоган тесно успева да победи на референдумот на кој се гласа за проширување на неговата моќ. Турскиот парламентарен систем практично се напушта во корист на силна егзекутивна власт. Ердоган добива можност да владее до 2029 година. Меѓународните набљудувачи велат дека на гласањето имало неправилности, а медиумската кампања во целост била во корист на кампањата на Ердоган.
Фотографија: Reuters/M. Sezer
Јуни 2018: Нова изборна победа на Ердоган
Ердоган си обезбедува нов петгодишен мандат и огромни извршни надлежности откако убедливо победува на изборите на 24 јуни. Неговата АКП и нивните националистички партнери добиваат убедливо мнозинство во парламентот. Меѓународните набљудувачи го критикуваат гласањето, со оценка дека медиумското покривање и вонредната состојба му дале огромна предност на Ердоган.