Journalisten Krieg Scotland
26 јули 2011Новинарот Егон Скотланд патуваше во возило, кое видливо беше маркирано со интернационалниот симбол за претставници на печатот. Наспроти тоа, снајперистите на српските сили кај селото Јукинац стрелаа во неговото возило, по што тој искрвари на патот до најблиската болница. Егон Скотланд всушност сакаше да и’ помогне на една колешка новинарка, за која се претпоставуваше дека се наоѓа во рацете на српските востаници во Крајина.
Поттик за формирање здружение
Ова убиство ја шокираше германската јавност, која како дури тогаш подлабоко да сфати дека во поранешна Југославија се води огорчена војна. Неговите колеги од Минхен како реакција на убиството набрзо го формираа здружението „Новинари им помагаат на новинари“:
„Егон Скотланд сакаше надвор од неговите професионални обврски да и’ помогне на една германска новинарка, која се наоѓаше во голема животна опасност. Притоа настрада. Тоа е впрочем и основната идеја на нашето здружение: слично како Егон Скотланд да се обидеме да им помагаме на колеги, кои се на задача во воени подрачја и ќе се најдат во критични ситуации“, објаснува претседателот на Здружението, Карл Вилхелм Маке.
„Репортери без граници“
Убиството на Скотланд беше повод подоцна и за формирањето на германската секција на меѓународната организација „Репортери без граници“ во 1994 година. Таа, пак, се обидува да им помогне на колегите преку интензивно информирање на светската јавност.
„Репортери без граници не е организација што работи многу дипломатски. Нашиот темелен принцип е дека најдобрата заштита за уапсените или на друг начин загрозени новинари е информирањето на меѓународната јавност. Дека тоа помага ни потврдија и повеќемина од колегите, откако беа ослободени. На тој начин тајните служби не можеа долго да ги лишат од слобода и да ги кријат од јавноста“, вели членот на раководството на германската секција на „Репортери без граници“, Михаел Редиске.
Подискретни методи
Организацијата „Новинари им помагаат на новинари“, пак, има поинаков метод на работа. Таа се обидува преку небирократски канали и далеку од очите на јавноста да им помогнат на колегите во опасност. Така на пример, тие организираат лекарски услуги за колеги, кои биле ранети или се разболеле во кризни подрачја. Исто така новинари, на кои им се заканува опасност, добиваат можност да се тргнат на безбедно место, вклучувајќи ги секако и членовите на нивните семејства.
Обете организации освен тоа се залагаат во јавноста за заштита на новинарската професија и тоа не само во кризни подрачја. Тие бараат и начини за расветлување на убиства на новинари, како и други видови на криминални акти против колегите, но и за правосудна разврска на таквите случаи. За убиството на колегата Егон Скотланд до сега никој не бил изведен пред суд. Тогашниот командант на српските милиции, Драган Васиљковиќ, познат како „Капетан Драган“ беше уапсен во Австралија по потерница на хрватските власти. Но, надлежниот суд во Австралија не даде дозвола за екстрадирање со образложение дека во Хрватска не го очекува правден судски процес.
Автор: Зоран Арбутина / Горан Чутаноски
Редактор: Симе Недевски