Напади врз Бундесверот во Авганистан
14 април 2009Колона со германски воени возила од составот на Меѓународните мировни трупи беше цел на напад со активиран експлозив во близина на градот Масар и Шариф. Бомбата веројатно била поставена во возило паркирано на работ од патот. Од нападот се оштетени две блиндирани возила од типот „динго“. Според наводи од Бундесверот, немало повредени војници, а оштетените возила успеале да се вратат назад во војничкиот логор Мармал кај Масар и Шариф. Таму се наоѓа и штабот на Регионалната команда север на силите на ИСАФ под германско водство.
Без посериозни последици помина и ракетниот напад врз базата на Бундесверот во Кундус во неделата. Сите пет истрелани ракети паднале надвор од логорот, па нема ни ранети, ниту материјална штета.
Кундус е жариште на инаку споредбено помирниот северен дел на Авганистан - неделниот напад беше веќе четврти за само седум дена. Врз базата беше стрелано и непосредно кога неа ја напушти канцеларот Ангела Меркел во претходниот понеделник. На северот на Авганистан е стациониран најголемиот дел од вкупно 3600 германски војници, колку што се во моментов ангажирани во таа земја.
ОН го осудија убиството на Ситара Атшиксаи, политичарка од Кандахар, која беше застрелана во неделата пред нејзиниот дом во тој град. Сторителите се во бегство, Талибанците ја презедоа одговорноста за убиството. Во Кандахар и истоимената провинција радикално-исламистичките востаници уживаат голема поддршка од населението, чии заостанати сфаќања се совпаѓаат со гледањата на Талибанците. Токму водечките луѓе во земјата не сакаа да се откажат од моќта што ја имаат во однос на жените и девојките.
Автор: Сабина Матај / Зоран Јордановски
Редактор: Александра Трајковска