Во соопштение објавено на интернет-страница на поддржувачи на „Исламската држава“, џихадистите ја презедоа одговорноста за нападот во Истанбул на Новогодишната ноќ во кој загинаа 39 луѓе.
Реклама
Според пишувањата на турскиот печат, властите во земјата веќе ја истражувале веројатноста дека напаѓачот кој уби 39 луѓе во напад врз ноќен клуб во Истанбул е поврзан со „Исламската држава“ и веројатно потекнува од централна Азија.
Според весникот „Хуриет“, турската полиција и безбедносните служби добиле информации за ризик од новогодишни напади од страна на џихадисти на „Исламската држава“ во повеќе градови и презеле повеќе рации и апсења уште во текот на декември.
Напаѓачот од Истанбул се претпоставува дека е од Казахстан или од Узбекистан.
Истрагата се сомнева и дека напаѓачот можеби е дел од истата келија која во јуни изврши напад врз аеродромот Кемал Ататурк во Истанбул, при што загинаа 47 луѓе.
Во друг текст во истиот весник се наведува дека Турција добила информација од САД на 30 декември дека постои ризик од терористички напади во Истанбул и Анкара за време на Новогодишната ноќ.
Во меѓувреме продолжува потрагата по напаѓачот за кој се верува дека успеал да се преоблече и да побегне незабележан од клубот „Реина“. Вкупно 39 луѓе загинаа, а 65 се повредени во нападот. Меѓу загинатите- 24 се странски државјани.
Турскиот премиер Бинали Јилдирим ги негираше извештаите дека напаѓачот носел костум на Дедо Мраз и потврди дека се работи за еден, а не за два напаѓачи, како што претходно се шпекулираше. Можно е напаѓачот да го оставил оружјето во клубот и да се измешал со гостите за да побегне.
Советот за безбедност на ОН силно го осуди нападот во Истанбул. Во соопштение објавено синоќа, членките на Советот за безбедност го осудија „грозоморниот и варварски терористички напад“.
Што всушност претставува „Исламска држава“?
„Исламска држава“, покрај разорувањата во Ирак и Сирија, во вестите често се наоѓа и поради нејзината бруталност. Што е ИД и колку е моќна? Во продолжение ви претставуваме одговори на најчесто поставуваните прашања.
Што е „Исламска држава“?
Се смета дека „Исламска држава“ е фракција од терористичката организација Ал Каеда, т.е. сунитска милитантна група, за која се верува дека е формирана како одговор на недовербата и фрустрациите од неуспешното владеење на владите во Сирија и Ирак. На нивното знаме пишува „Мухамед е пророкот на Бог“ и „Нема друг бог освен Алах“ - фрази со кои се согласуваат сите муслимани, не само „ИД“.
Фотографија: AP
Каде е активна „Исламска држава“
Целта на „Исламска држава“ е формирање на „калифат“ - држава каде се почитуваат традиционалните вредности на исламот и шеријатското право. Поради нестабилноста на регионите во Сирија и Ирак, „Исламска држава“ успеа да освои и да стави под своја контрола тероитории во двете држави.
Што ја прави „Исламска држава“ различна?
Клучна разлика е бруталноста на „Исламска држава“ со која се влева страв кај противниците и цивилите - преку егзекуцијата со обезглавување и бруталното насилство. Лидерите на „ИД“ велат дека владеат со регионите кои ги освојуваат. Експертот за Средниот Исток, Шади Хамид за ПБС изјави: „Тие нудат социјални услуги. Управуваат со локалната власт. Обезбедуваат минимално ниво на право и поредок“.
Фотографија: gebphotography - Fotolia.com
„ИД“ во однос на останатите терористички организации?
„ИД“ е активна во Сирија и Ирак, но нигериската терористичка организација Боко Харам неодамна ја изрази својата поддршка. Тоа е како натпревар во суровост: додека Боко Харам е одговорна за 13.000 смртни случаи, „ИД“ е одговорна за најмалку 24.000 повредени или убиени. Ал Каеда се дистанцираше од „ИД“, а една од нејзините фракции наречена Нусра Фронт се бори против „ИД“.
Фотографија: Getty Images/A. Katib
Кои се следбениците на „Исламска држава“?
Нешто по кое се разликува „ИД“ се нејзините следбеници. Повеќе од 20.000 странски борци се придружија на групата, од кои повеќе од 4.000 доаѓаат од западна Европа и северна Америка. На сликата се прикажани државите од каде што потекнувааат најголемиот дел на борците. Најголем број борци - споредено со вкупниот број на жители на земјите, доаѓаат од мали земји како Шведска и Белгија.
Што преземаат западните влади против „Исламска држава“?
Од август 2014 година, коалиција предводена од САД спроведува воздушни напади против цели на „ИД“ во Сирија (1.422 напади) и Ирак (2.242 напади). Некои влади исто така беа активни во рамките на нивните држави: Германија ќе процесуира најмалку 30 осомничени милитанти кои се вратиле од Сирија, додека Саудиска Арабија уапси 93 осомничени милитанти во април 2015 година.