Берлин: осомничен бегалец кој стигнал преку Балканската рута
Ж.А. /агенции
20 декември 2016
12 лица загинаа откако камион синоќа влета во божиќен пазар во Берлин. Според полицијата, веројатно станува збор за терористички напад.
Реклама
Германскиот сојузен министер за внатрешни работи Томас де Мезие уште ноќеска изјави: „Во овој момент тешко ми е да го изговорам зборот напад, иако сѐ укажува на такво нешто“. Неофицијалните полициските информации потврдуваат дека камионот „намерно“ влетал во толпата.
Синоќа еден товарен камион влета во божиќен пазар во берлинската населба Шарлотенбург, усмртувајќи најмалку 12 луѓе, 49 повредени се во болници, дел во тешка состојба.
Лицето за кое се претпоставува дека е возач на камионот, уапсено во обид за бегство од местото на настанот, според медиумски информации веројатно доаѓа од Пакистан. Тој на 31 декември 2015 година преку Пасау влегол во Германија, известува радио РББ повикувајќи се на информации од безбедносни извори. Според аегнцијата ДПА, осомничениот користел повеќе идентитети, утрово тој е на распит. Истрагата ја презеде Сојузното јавно обвинителство од Карлсруе, надлежно за државна заштита. Камионот со полски регистерски таблички според полицијата околу 20 часот влетал на просторот на божиќниот пазар, навлегувајќи 50 до 80 метри и уништувајќи повеќе куќички-штандови. На совозачкото седиште на камионот е најден уште еден човек, Полјак, кој бил мртов. Камионот припаѓа на полска шпедитерска фирма, чиј сопственик Ариел Зуравски за полската ТВН24 изјави дека по 16 часот загубил контакт со возачот, инаку негов роднина. „За него ставам рака в оган, дека не е атентатор, „мора нешто да му се случило“, вели шпедитерот.
Полицијата претпоставува дека камионот бил украден во Полска од пред едно градилиште, иако според некое информации, можно е да бил украден и во Берлин.
Хорор на божикен панаѓур во Берлин
00:44
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави: „Тагуваме по загинатите се надеваме дека на многуте повредени ќе може да им се помогне.“ Таа е во постојан контакт со надлежните министри и градоначалникот на Берлин. Германскиот претседател Јоахим Гаум изјави дека е шокиран од настанот. „Ова е тешка ноќ за Берлин и за нашата земја, која мене како и многумина други многу не потресе. Сочуствувам со жртвите, со нивните семејства, како и со сите луѓе кои стравуваат за животите на своите блиски и пријатели“.
Хронологија: терористички заговори во Германија
Во неколку наврати во последните 18 месеци, полицијата успеа да спречи терористички напади и заговори во Германија. Земјата стана цел на исламските милитанти во Европа. Ова се досегашните обиди
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Лајпциг, октомври 2016
Полицијата во Лајпциг го уапси 22-годишниот сириски бегалец Џабер ал Бакр по дводневна потрага откако беше откриен експлозив и опрема за производство на бомби во неговиот стан во Кемниц. Беше осомничен за планирање напад врз аеродромот во Берлин. Два дена подоцна, беше пронајден обесен во затворската келија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Willnow
Ансбах, јули 2016
Во јули годинава, „Исламската држава“ ја презеде одговорноста за два напади извршени од баратели на азил. 15 луѓе беа повредени во вински бар во близина на влезот на музички фестивал во баварскиот град Ансбах, откако сириски бегалец активираше бомба. Напаѓачот загина во атентатот.
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Karmann
Вирцбург, јули 2016
17- годишен барател на азил вооружен со секира и нож изврши напад во регионален воз кај Вирцбург. Пет лица беа тешко повредени, а напаѓачот беше застрелан од полицијата. Германските власти соопштија дека тинејџерот бил осаменик инспириран од „Исламската држава“, но не бил член на мрежата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Hildenbrand
Диселдорф, мај 2016
Три осомничени членови на „Исламската држава“ беа уапсени во три германски покраини. Власатите велат дека двете лица планирале да се разнесат со експлозив во центарот на Диселдорф, додека третиот напаѓач и четврто лице кое беше уапсено во Франција, планирале да отворат оган врз случајните минувачи.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Hitij
Есен, април 2016
Полицијата уапси три лица откако бомба повреди три лица во храм на Сиките во Есен. Бомбата беше активирана по свадбена прослава, уништувајќи ја внатрешноста на објектот. За нападот е осомничен 16- годишник кој и се предаде на полицијата, додека уште еден малолетник беше уапсен во неговиот дом.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kusch
Хановер, февруари 2016
Германката со мароканско потекло Сафиа С. е обвинета за напад со нож врз полицаец на главната железничка станица во Хановер. Оваа 16- годишна девојка била мотивирана од „членови на Исламската држава во Сирија да го изврши нападот“, вели јавниот обвинител Симон Хенрикс.
Фотографија: Polizei
Берлин, февруари 2016
Во неколку одвоени рации низ државата, полицијата уапси тројца Алжирци осомничени за врски со „Исламската држава“ и за планирање терористички напади во Берлин. Покраинското јавно обвинителство вели дека постоеле „конкретни“ планови за напад во главниот град.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Оберурсел, април 2015
Локалната велосипедска трка беше откажана откако полицијата откри дека е можна цел на исламски терористички напад. Еден 35-годишен маж со турско потекло и неговата 34-годишна сопруга беа уапсени под сомнение дека планирале напад. Во нивниот дом полицијата пронајде материјал за изработка на бомби.