Во напад со камион врз божикно пазарче во населбата Шарлотенбург во Берлин кој се случи вечерва има повеќе загинати и над 50 повредени. Возачот е уапсен, совозачот е мртов
Реклама
Полицијата потврди дека во нападот загинале најмалку 9 лица, а десетици се повредени. Камионот скршнал од патот и навлегол во масата луѓе во божикното пазарче минал повеќе од 50 метри газејќи се пред себе.
На снимките од местото на настанот се уште може да се забележи камионот со полски регистерски таблички, Возачот се обидел да побегне но по кратка потрага на полицијата е уапсен. Репортерите на местото на настанот велат дека во камионот се наоѓало уште едно лице, за кое се сомневаат дека е мртво. Полицијата неофицијално потврди дека се сомнева оти се работи за напад, но нема детали околу мотивите, ниту информација за тоа колку луѓе се наоѓале во камионот со кој бил извршен нападот.
Областа околу местото каде е извршен нападот е целосно блокирана, како и околните улици.
Германската полиција преку социјалните мрежи ги повика граѓаните кои живеат во таа област да останат во своите домови, а сите останати да ги ослободат улиците заради слободен проток на полициските и возилата на брза помош.
По терористичките напади во Париз и Брисел годинава, Германија го подигна нивото на безбедност. Земјата веќе беше цел на неколку напади годинава, а според полициските информации неколку обиди за терористички напади биле со време спречени.
Брисел, Истанбул, Џакарта: глобалниот терор во 2016
Дојче Веле потсетува на некои од поголемите терористички напади ширум светот во оваа 2016 година.
Фотографија: Reuters/F. Lenoir
Самоубиствен напад во Истанбул, 12. јануари
Самоубиствениот напад на популарен плоштад во најголемиот град во Турција, однесе 13 човечки животи а уште најмалку толку луѓе беа повредени.Речиси сите загинати беа странци. Извршителот на нападот беше идентификуван како Набил Фадли, Сириец приврзаник на „Исламска држава“ (ИД).
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel
Бомбашки напади во Џакарта, 14. јануари
Специјални сили на индонезиската полиција спроведоа рација во куќата на осомничениот терорист во местото Циребон, на островот Јава, по бомбашките напади на 14 јануари во Џакарта. Во серијата експлозии во главниот град загинаа 8 а повредени беа 24 лица. ИД ја презеде одговорноста за нападите.
Фотографија: Getty images/AFP/Str
Напад врз хотелот Сплендид, 15 јануари
Милитанти поддржани од Ал Каеда го нападнаа хотелот Сплендид во Уагадугу, главниот град на Буркина Фасо. Најмалку 23 лица од 18 земји загинаа притоа. Во заедничка операција на француски и сили на Буркина Фасо беа ослободени бројни заложници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Elsen
Бомбашки напад во Анкара, 17. февруари
Слободарските соколи на Курдистан ја презедоа одговорноста за нападот врз конвој автобуси, убивајќи армиски персонал и цивили за време на вечерниот сообраќаен шпиц во главниот град на Турција, Анкара. Загинаа најмалку 29 лица а повредени беа 60.
Фотографија: Reuters/Ihlas News Agency
Напад врз хотел во Могадишу, 26.февруари
Бомбаш самоубиец со своето возило се удри во хотел во населбата Хамарвејн во главниот град на Сомалија, Могадишу. Вооружени лица потоа се втурнаа во зградата на хотелот. Во нападот извршен од милитанти поврзани со Ал Шабаб милицијата, загинаа најмалку 15 а повредени беа повеќе од десет лица.
Фотографија: Reuters/F. Omar
Пукотници во Гранд-Басам, 13. март
Вооружени лица поврзани со северноафриканската гранка на Ал Каеда го нападнаа хотелот Етоил де Суд во Гранд Басам во Брегот на Слоновата Коска. Најмалку 18 лица загинаа а 33 беа повредени во нападот. Хотелот Етоил де Суд е популарен меѓу странците кои живеат во Брегот на Слоновата Коска.
Фотографија: Reuters/L. Gnago
Експлозија на автомобил-бомба во Анкара, 13 март
Автомобил натоварен со експлозив експлодираше на плоштад во центарот на турскиот главен град, убивајќи 37 лица и повредувајќи 127. Слободарски соколи на Курдистан ја презедоа одговорноста.
Фотографија: Reuters/U. Bektas
Самоубиствен атентат во Истанбул, 19 март
При самоубиствен бомбашки напад на Истиклал -главната шопинг улица во центарот на Истанбул-загинаа најмалку 5 а повредени беа најмалку 36 лица. Полицијата го идентификуваше напаѓачот: турски припадник на Исламска држава, Мехмед Озтурк.
Фотографија: DW/T. Stevenson
Серија напади во Брисел, 22. март
Најмалку 34 лица загинаа а повеќе од 170 се повредени во координираните напади во Брисел. Најнапред во 8 часот утрината две смртоносни експлозии го потресоа аеродромот Завентем а еден час подоцна експлодираше бомба на метро-станицата Малбек, во близина на институциите на Европската унија.