Напад врз египетскиот министер за внатрешни работи
5 септември 2013Во нападот што денеска се случи во Каиро (на насловната фотографија), министерот Мохамед Ибрахим не е повреден, се тврди од безбедносни кругови. Се додава и дека полицијата ги убила двајцата осомничени напаѓачи.
Во моментот кога експлодирале три бомби министерот за внатрешни работи Ибрахим сакал да тргне на работа во придружба на своите телохранители во квартот Наср Сити. Петмина од неговите телохранители се повредени, а повреден е и еден минувач. Од Министерството за внатрешни работи велат дека бомбите биле прицврстени на мотоцикл, паркиран на работ од улицата, од страна на две лица. За идентитетот на напаѓачите досега нема информации.
Напади со експлозив во Египет се ретки. Набљудувачите претпоставуваат дека има поврзаност на нападите со апсењето на водачот на Ал Каеда на Синајскиот полуостров, Адел Хабара, кое се случи минатиот викенд. Ибрахим има многу непријатели, како меѓу египетските исламисти, така и меѓу таканаречените револуционери, кои го обвинуваат за убиство на голем број демонстранти од нивните редови.