Напад за време на воена парада во Иран
22 септември 2018Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф ги обвини земјите од регионот и нивните „американски господари“ за денешниот напад за време на воената парада на југозападот на земјата. Според последните официјални информации во нападот загинале најмалку 29 лица а десетици, меѓу нив и жени и деца, се ранети.
Зариф преку Твитер предупреди дека Иран, по нападот во Ахваз, ќе реагира брзо и решително во одбрана на иранските животи.
Претходно државната телевизија јави дека нападот е извршен на воената парада во Ахваз, организирана по повод Националниот ден на вооружени сили, и оти го спровела „група“ непознати напаѓачи.
Телевизијата наведе оти напаѓачите се вооружени „Такифири“, израз кој порано се употребуваше да се опише Исламска држава. Прикажани се сцени веднаш по нападот во кои се гледа како болничари му помагааат на едно лице во воена униформа кое лежи на земја. Се гледаат и други припадници на безбедносните сили како викаат едни на други пред бината за парада.
Агенцијата Фарс јави оти двајца вооружени мажи отвориле оган на собраната толпа луѓе. Тие потоа се обиделе да пукаат на бината на која се наоѓале официјални лица, но ги „неутрализирале“ припадниците на вооружените сили.
Координираните напади кои ги изврши Исламска држава на 7 јуни 2017 година на парламентот и на мавзолејот во Техеран беа единствените напади на оваа екстремистичка сунитска група во шиитски Иран кој дотогаш главно беше поштеден од нивни напади.