1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наплата на данок на грчки начин

Марианти Милона/сн11 септември 2015

Спроти изборите во Грција, во фокусот на вниманието на јавноста се најдоа даночните инспектори. Тие имаат полни раце работа зашто затајувањето данок е широко распространета појава во Грција.

Фотографија: picture-alliance/blickwinkel/P. Royer

Грција и натаму е во фокусот. Откако премиерот Алексис Ципрас се повлече од функцијата, парламентот во Атина е распуштен и на 20 септември се одржуваат нови избори. И натаму останува отворено прашањето што ќе се случи со договорот постигнат со меѓународните кредитори. Со третиот пакет финансиска помош за Грција, меѓу другото, е предвидено и зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за гастрономијата.

Колку тој данок е ефикасен и што презема грчката влада тие пари навистина да завршат во државната каса? Се применува еден стар метод. Грчките даночни инспектори „чешлаат“ многу локали и продавници. Одат од еден до друг и не се воздржуваат да ги казнат со високи парични казни. Но колку е успешен овој метод за наплата на данок? И како на него реагираат претприемачите?

Го посетивме Петрос Лукас. Тој веќе 20 години е сопственик на ресторан во историскиот дел на Солун. Во неговата таверна во тие две децени никогаш не стапнале даночни инспектори. Тој е исклучок, како што стојат работите во моментов. Контролите се засилени откако на власт во земјата е Сириза.

Фотографија: DW/M. Milona

Петрос Лукас смета дека контролите не се исплатуваат. „ Да ти кажам нешто: контролите се воведени за да се покаже дека нешто се случува. Се контролира само за да се контролира“, вели гастрономот. „Сигурен сум дека сите веќе однапред знаат кој затаил данок, а кој не. Кога на интернет читам дека на Миконос салата чини 56 евра, тогаш што е тоа што би сакале да го контролираат кај мене? Салатата која ја продавам за три евра? Подобро повеќе да не зборувам за тоа, можеби ќе ми донесе несреќа.“

Сомнежи во ефикасноста

Многу деловни луѓе се сомневаат во ефикасноста на таквите мерки на даночните власти. Ним сето тоа им е познато и од порано. Обичните граѓани ионака секогаш плаќале данок, сметаат тие. А причината поради која грчката држава не профитирала од тоа е сосема друга работа, тврди Јанис Циронис, сопственик на кафуле во едно село на полуостровот Халкидики.

Во цели 40 години нему само еднаш му се случило нешто да му вратил на еден трговец на големо- а притоа да не биде издадена сметка. „Ме контролираа и морав да платам казна. Токму како и на многу други луѓе и мене ми се случи, даночниот инспектор во лице да ми каже дека е подмитлив и оти ќе молчи ако му дадам поткуп.“

Такви приказни во Грција денес може да раскаже речиси секој претприемач. Тие беа составен дек од праксата на грчките даночни власти. На Јанис и денес му се накострешува косата кога ќе се присети што му се случило на еден негов стар колега во 80-те години од минатиот век. Тој на државата и должел 80 милиони марки. Беше тоа период на владеење на социјалдемократскиот ПАСОК. Тогаш ретко се контролираше, а уште поретко се поднесуваа даночни пријави. Јанис се сеќава на еден детал: „ Тројца даночни службеници дојдоа ненајавено во кафулето и му понудија на колегата од 80-те милиони да плати само два милиона драхми данок, ама само доколку секој од нив за тоа добие по два милиона- дополнително. Освен тоа го советуваа документите за данокот да ги полие со зовриена вода и при следната евентуална контрола да каже дека во кафулето пукнала водоводна цевка“.

Фотографија: DW/M. Milona

Проблемот беше во државата а не во граѓаните

Многу претприемачи, како Јанис, се цврсто уверени дека грчката држава ја ограбиле даночните службеници и оти виновниците за кризата не се фатени. Грчките граѓани секогаш ги плаќале своите даноци, ама тие пари никогаш не стигнуваа во државната каса, се жали Јанис. Затоа денес, додава тој, касите се празни, долговите се толку големи, се склучуваат договори за помош од надвор и партиите го губат угледот. Во туристичките центри и на островите, таму каде што има и најмногу затајување на данок, може да се чуе дека многу луѓе се подготвени да го платата својот дел од даночниот колач.

Она што недостасува е доверба во државата, доверба дека таа добро ќе управува со парите на даночните обврзници. Така смета и Костас Толијадис, власник на ресторан на егејското крајбрежје: „Даночните инспектори, понекогаш доаѓаат облечени како туристи, нарачуваат нешто за јадење, Ако видат дека на масата оставаш фискална сметка, тогаш одат натаму. Ако не оставиш, тогаш контролираат. Ним им е најважно да видат дали пресметуваме ДДВ од 23 насто“.

Фотографија: picture-alliance/Robert Harding World Imagery

Високите казни не носат успех

Паричните казни за погрешно издадена сметка достигнуваат и до 1000 евра. Такво нешто доживеал и Селиос , колега на Костас. На една девојка не и‘ издал сметка за топка сладолед која чини 1,5 евра. Во текот на август во истотот туристичко место престојувал цел тим на даночни инспектори. Кога некој ќе ги препознаел, веста се ширела со молскавична брзина. И штом службениците ќе си заминеа, сѐ повторно беше по старо. Костас Толиадис и неговите колеги сметаат дека ДДВ е превисок, многу од нив би сакале да го платат, ама не можат. Бараат намалување на даночната стапка и тоа од една сосема друга причина.

„Прашање е каде одат сите тие пари и што се случува со нив? Луѓете кои порано управуваа со тие пари, ги проневеруваа. Тоа не‘ доведе до кризата. Како лигњата која пушта мастило за да не можеш да ја видиш, така и даночните службеници ни ги замачкуваа очите со платениот поткуп и се чувствуваа заштитени од државата. А даночните приходи завршуваа во нивните џебови.“ Граѓаните отсекогаш плаќаа данок, некогаш повеќе , некогаш помалку. Но тие пари никогаш не завршија во државната каса. „Па дури и да завршеа, ова не е Германија. Никој не може да ми објасни што јас добивам назад од државата? Каде државата помага во социјалниот сектор или здравството?“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми