1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напредните не сакаат да владеат сами?

Ивица Петровиќ/ Жана Ацеска17 март 2014

„Тенките“ кадри, но и прифаќањето на апсолутната одговорност би можеле да бидат најголемите проблеми за Александар Вучиќ по убедливата победа на изборите. Гласањето доведе до значајно окрупнување на политичката сцена.

Фотографија: picture-alliance/dpa

По освојувањето речиси 50 проценти од гласовите, целосно е јасно: Српската напредна партија може да владее сама, но со апсолутна власт оди и апсолутна одговорност. Веќе не се можни изговори дека за се‘ е виновна некоја мината власт или дека коалиционите партнери ги кочат толку најавуваните реформи. Ситуацијата на „голема власт“ и „мала опозиција“ може да биде лоша за Србија, ако на критиката кон власта се реагира на начин на кој тоа се правеше во текот на 1990-те години со опозицијата, предупредува во разговорот за Дојче веле политикологот Јован Комшиќ.

„Некои навестувања за тоа имаше во текот на предизборната кампања, но се надевам дека таа тензија нема да стане правило во политиката во Србија и дека таквите судири на власта и опозицијата ќе останат зад нас“, вели Комшиќ. Тој истакнува - пораката на идниот премиер Александар Вучиќ дека ќе разговара со сите кои се подготвени за спроведување реформи на проевропска платформа, е значајна.

„Напредните веројатно нема сами да владеат, иако имаат комотно мнозинство“, оценува Комшиќ.

Тоа мислење го дели и политичкиот аналитичар Бранко Радун.

„Александар Вучиќ е свесен за ’тенките’ кадровски потенцијали. Затоа може да се очекува СНС да има уште некого во владата и дека нема да оди на испробаната варијанта, да имате толку пратеници колку ви е доволно да владеете. Сега битната разлика е во тоа што на Напредните не им треба никој за формирање на влада, а тоа практично значи дека никој не може да ги уценува во преговорите“, додава Радун. Со други зборови, ако листите на социјалистите или на Борис Тадиќ сакаат да партиципираат во власта, ќе мора да прифатат она што им се нуди.

Според Радун, концентрацијата на голема политичка моќ во рацете на една партија не би требало никого да загрижува.

„Мислам дека многу поопасна е ситуација кога имате многу мали играчи, како во 2000. година, па одговорноста постојано се префрла на некој друг. На тој начин сега ќе имаме и помало влијание на некои вонпартиски фактори на власта во Србија“, заклучува Радун.

Пад на политичките ветерани

Бидејќи во Парламентот влегоа само четири политички грипации, една од последиците на овие избори е и окрупнувањето на политичката сцена. Најголемо изненадување на изборите е фактот дека цензусот не го поминаа Либерално-демократската партија, Обединетите региони на Србија и Демократската партија на Србија. За некои од нив тоа може да значи и крај на политичката активност, а лидерот на УРС Млаѓан Динкиќ по веста за невлегување во Парламентот најави повлекување од политиката и од партијата.

Ивица Дачиќ и Борис Тадиќ - ќе влезе ли некој од нив во владата?Фотографија: AP

„Мислам дека Динкиќ по ова замина во историјата на политичките партии“, оценува Комшиќ. Од друга страна, тој забележува дека Либерално-демократската партија функционираше на стеснет простор, зашто залагањето за Европа стана срж на програмите на сите поголеми политички партии.

„Не сум сигурен ни дека оваа партија ќе се одржи на политичката сцена на Србија“, вели аналитичарот.

Комшиќ додава и дека падот на Демократската партија на Србија под цензусот може да значи дека гласовите против ЕУ и за поблиска соработка со Русија ќе почнат да ги собираат политички актери кои се многу поопасни отколку оваа партија. Бранко Радун истакнува дека невлегувањето на ДСС во Парламентот никако не значи дека во Србија исчезнаа идеите против НАТО, против ЕУ или за посилно врзување со Русија. На прв поглед тие гласови не беа артикулирани на изборите, но тоа значи само дека тие партии пред се‘ не успеале заеднички да се организираат и дека само тие идеи не се доволни за една политичка програма.

„Ако сега биде распишан референдум за влез на Србија во НАТО, мнозинството граѓани би биле против. Тоа донекаде важи и за односот кон ЕУ. Во Србија половината луѓе секако се евроскептици или имаат силно чувство за поврзаност со Русија, или се против НАТО. Но, овие прашања не беа тема на овие избори и затоа не може се‘ да се гледа само низ призмата на партиските успеси или неуспеси“, оценува Радун.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми