Сѐ повеќе млади во Германија пушат наргиле. Многумина уживаат во повеќечасовното пафкање и дружење. Но лекарите укажуваат дека пушењето наргиле е всушност поопасно од пушење цигари.
Реклама
Наргилето делува безопасно. За многумина овие ориентални направи за пушење во меѓувреме станаа поим за опуштен престој во некој бар и добро дружење. Особено кај младите во Германија оваа направа од „Илјада и една ноќ“ последните години стана многу популарна алтернатива на цигарите. Според извештај на здравственото осигурување ДАК, секој втор гимназијалец веќе пробал тутун од „воденото луле“, а 15 отсто од нив се редовни конзументи.
Помалку пушачи, повеќе конзументи на наргиле
Наргиле-баровите се множат како печурки по дожд и тој тренд досега им пречи на малкумина. Но експертите сега алармираат. „Пушењето наргиле е во најмала рака исто толку опасно како и пушењето цигари“, смета Свен Драјер од Лекарската комора на сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија. Од една страна е позитивен трендот по кој сѐ помалку млади се фаќаат за цигара. Најновите статистики на Сојузниот уред за здравствено образование покажуваат дека од 2001 година бројот на пушачи на возраст меѓу 12 и 17 години паднал од 27,5 на 7,4 проценти. Но, наместо цигари многумина посегнуваат по наргилето кое не е помалку опасно. Напротив.
„Пафтањето“ поопасно од цигарата
Нагилето со тутун предизвикува исти последици по здравјето како и цигарите, го намалува капацитетот на белите дробови и ја зголемува опасноста од рак. „Едно наргиле со тутун содржи десет до 20 пати поголемо количество никотин од цигарите“, вели Драјер. Секојдневното посегнување по наргиле е еднакво на десет испушени цигари. Наместо тутун, во наргилето може да се конзумираат и ароматични материи кои не содржат никотин. Но, за составот на овој материјал за пушење не се знае многу.
Но без оглед дали се работи за тутун или за „ароматизирана материја“, Драјер го смета наргилето за извонредно опасно од една друга причина. „Кај наргилето постои и опасност од труење со јаглерод моноксид кој се ослободува при горењето на јагленот кој се ложи. Драјер во секојдневието се среќавал со пациенти кои по конзумацијата на наргиле поради труење со јаглерод моноксид биле лечени во хипербарична комора. „Се работи за преоптоварување на хемоглобинот со јаглерод моноксид. Кај непушачите процентот на овој хемоглобин е околу еден отсто. Кај пушачите 10, а кај пушачите на наргиле неретко достигнува и вредност од 20, што се смета за труење“, вели Драјер.
Пасивно пушење
Но, за да добиете труење не е нужно ни самите да пушите наргиле. Доволно е извесно време да се задржите во простор во кој се наоѓаат пушачи на наргиле. На ориентот, наргилето се пуши на отворено, додека на запад - главно во затворени простории. Пасивното пушење е доволно за труење, бидејќи јаглеродниот моноксид се шири низ целата просторија. Лекарската комора затоа неодамна побара во баровите во кои се пуши наргиле да се постават алармни уреди кои ќе реагираат на зголемени концентрации на јаглерод моноксид. Но лекарите се песимисти. „Шансите да се натераат сопствениците на барови да стават вакви уреди се минимални. „Едноставно не постои државна институција која би се чувствувала одговорна за спроведување и контрола на ваква забрана“, резигнирано заклучува Драјер.
Фамозните пушачи на филмскиот екран
Цигара во едната рака, а следната веќе чека подготвена да биде запалена: од Џејмс Дин во 1950-те до Дон Дрејпер во „Мед Мен“, ова се дел од најпознатите пушачи на филмскиот екран.
Џејмс Дин беше обожуван од цела генерација. Во „Бунтовник без причина“ од 1955, цигарата која постојано висеше на ивицата од неговата уста беше симбол за бунтот против естаблишментот. Дин беше еден од првите „лоши“ холивудски момчиња.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Опуштениот приватен детектив
Никој не пушеше цигара така ноншалантно како Хемфри Богарт. Во 1950-те ги заведе фановите и критичарите со улогата на приватниот детектив Филип Марлоу во „Договор со ѓаволот“. Неговата цигара е единствениот извор на светлина во мрачниот филм.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Гламурозната дама
До денес, „Доручек кај Тифани“ е олицетворение на гламурот на 1960-те. Цигарата беше само уште еден елегантен додаток на шапката, ракавиците и кусиот црн фустан. Во ерата на Одри Хепберн, пушењето беше општествено прифатено. Филмскиот постер ја направи Хепберн икона на едно време.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Урбан, учтив, секси
Без разлика дали читаше весни, возеше автомобил, флертуваше или бркаше сериски убиец, Жан Пол Белмондо беше страстен пушач кој постојано палеше. Сцените како онаа погоре, го цементираа неговиот имиџ на сензуален пушач со заводлив поглед.
Фотографија: picture alliance/KPA
Елегантен господин
Цигара во една рака, пиштол во другата, и Бонд девојката во скут: накусо тоа е Џејмс Бонд. Во 2002 се водеше голема дебата околу тоа дали во филмовите за Бонд се рекламирале одредени видови цигари. Како и да е пушењето долго беше дел од идентитетот на агентот 007.
Фотографија: picture alliance/AP Images
Секси средношколка
Во „Брилијантин“, најдобрите другарки на Сенди, Розовите дами, ја советуваат како да му го привлече вниманието на Дени: дотерај се и не заборавај цигара. Како ќе изгледаше Сенди без цигарата? Веројатно исто. Но цигарата е само јаготка на шлагот.
Фотографија: picture alliance/Mary Evans Picture Library/R. Gran
Заводливата фатална жена
Во „Ефтини приказни“ (Pulp Fiction), Ума Турман ја игра улогата на сопругата на мафијашкиот бос Марселус Волас, Миа. Таа пуши страсно како и соработниците на нејзиниот маж. Цигарите, се чини, можат да бидат контрадикторни, да делуваат во исто време и секси и опасно.
Фотографија: picture alliance/KPA
„Мед Мен“
Серијата „Мед Мен“ ги врати во живот 1960-те, заедно со цигарите. Всушност, на актерите им било дозволено да пушат само хербални цигари за време на снимањето. Како и многу други филмови, и оваа серија немаше да биде иста токолку Дон и неговите колеги не палеа цигара за цигара, симболизирајќи го на тој начин пушењето стилот на таа ера.
Фотографија: picture alliance/AP Photo/M. Yarish
Храбриот каубој
Стрип јунакот од Дивиот запад, Таличниот том пука побрзо од сопствената сенка, но по секој напорен ден сака и да одмори со една цигара. Барем имаше таков обичај, додека главниотм цртач Морис не ја замени цигарата со сноп трева. Тоа му ја донесе и наградата на Светската здравствена организација во 1988.